Заканата доаѓа од Москва
Од американските избори во 2016 година, кога руските специјални служби и Русија се замешаа во кампањата, за да и напакостат на Хилари Клинтон, фаворизирајќи го републиканскиот кандидат Доналд Трамп – Америка, Европа и Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, се соочуваат со заканата која во изминатите години доаѓа од Москва.
Демократскиот кандидат за годинешниве избори во САД, Џо Бајден неодамна изјави дека Русија и овој пат се меша во американските избори.
До ваквите сознанија, поранешниот потпретседател на Барак Обама има дојдено откако почнал да ги добива разузнавачките брифинзи, на кои има право како претседателски кандидат, на четири месеци пред изборите.
„Знам од порано, а знам и сега дека Русија е ангажирана во настојувањата да се делегитимизира американскиот изборен процес“ – рекол Бајден.
(А, ова е нешто што се случи неодамна и во Македонија, со истата цел, за време на вонредните избори, од пред десетина денови).
Обвинувања од Лондон
Според американскиот претседателски кандидат, мешањето на Русија (но и на Кина) има за цел да влијае врз расположените на гласачите – за да луѓето ја загубат довербата во системот, во изборниот процес, во желбата да излезат и да гласаат.
Некако во исто време, шефот на британскиот Форин Офис ја обвини Русија дека се мешала во британските парламентарни избори, во декември, 2019 година, меѓу другото и затоа што на „незаконит начин ги има обезбедено документите поврзани со трговската спогодба со САД, што потоа ги има објавено на интернет“.
„Сигурно е дека руските хакери биле вклучени во замешаноста во изборите, незаконски правејќи копии од владини документи, што потоа ги пуштале на социјалните мрежи“
…изјави во Лондон министерот за надворешни работи Доминик Раб.
Според неговото објаснување, за таа криминална операција, Русите ја имаат користено платформата „Reddit”.
Русија за Брегзит
Раб признава дека владата нема сигурни докази за тоа дека Русите имаат поголема замешаност во парламентарните избори, со што би се влијаело врз конечниот изборен резултат, но владата има докази за настојувањето да се влијае на изборниот процес.
Особено што конзервативците на Борис Џонсон кои го туркаа и го истуркаа Брегзит, остварија уверлива победа.
Изјавата на министерот Раб дојде во деновите пред да биде публикуван долго најавуваниот, но одлаган извештај на парламентарниот Комитет за безбедност и разузнавање, за руската замешаност во кампањата пред и за време на референдумот за ЕУ.
Не е никаква тајна дека Москва од самиот почеток го подржуваше Брегзит и британското напуштање на ЕУ, во склад со нејзината непријателска стратегија контра Унијата- а за нејзиното слабеење, неширење и за разбивањето на единството меѓу земјите-членки.
„Испрани мозоци“
Објавениот извештај, барем делот што и е понуден на јавноста, не открива спектакуларни сознанија, повеќе од оние кои веќе се познати.
Но, потврдува дека руските тајни служби (се посочува пред се военото разузнавање ГРУ и оние кои се врзани за него) масовно пласирале дезинформации, лажни вести и создавање паника и несигурност, за да се влијае врз оние кои на почетокот од кампањата не беа определени.
А, целта на тоа мешање било со дезинформациите и со измислените и неточни вести и податоци, да им се „испере мозокот“ на гласачите за да поверуваат во приказните за некаква закана од наплив на источни Европејци во Британија, како и во неточните вести дека Британците издвојуваат за Унијата повеќе отколку таа домашното јавно здравство.
Дезинформациите, сепак, ја победија вистината, па како што Американците му поверуваа на Трамп во неговиот популизам од типот – Америка пред се – така и во Британија, малото, но доволно за победа гласачко мнозинство, го истурка Брегзит.
Империјални „замешателства“
Притоа, и кај Американците и кај Британците, остана да виси без одговор прашањето – како беше можно да им се дозволи на Русите да го прават, тоа што го правеле. Ова посебно се однесува на Британија и на нејзиното, како што сега пишуваат некои тамошни медиуми „скандалозно слепило“ пред мешањето на Москва.
И, тоа делува така, кога безбедносни експерти велат дека руските тајни служби, со нивната разорна хакареска мрежа, главниот акцент во својата војна со Западот го имаат фрлено врз САД, пред се, на НАТО и врз Велика Британија.
Но последните десетина години и врз регионот на Западен Балкан, иако во помал обем.
Регионот е последното парче од Европа што е надвор од ЕУ. Сите земји во него се определени за влез во Унијата, а сите освен Србија (како и БиХ) сега се членки на НАТО и покрај силното противење и дејствување на Москва да го спречи навлегувањето на Алијансата во регионот.
Тоа се случува откако Владимир Путин е во Кремљ, од кога Балканот и посебно она што се означува како Западен Балкан, одново станаа зона за силното руското „замешателство“ – како во империјалните времиња, од пред Првата светска војна.
Казнување на Црна Гора
Експертите токму така го објаснуваат постојаното настојување на Русија да се дестабилизира Црна Гора, посебно откако Подгорица направи свртување во својата геостратешка ориентација- наместо кон Исток, кон Западот, па стана членка на НАТО и започна преговори за влез во ЕУ.
Црногорците се казнуваат, затоа што ја оставија Русија без излез на Јадранско Море, што во Москва не се очекуваше.
о таа работа, активно е вклучена Србија, која „седи на две столчиња“ – преговара со ЕУ, без премногу да брза со тоа, а гради стратешко партнерство со Москва.
На српска територија е инсталирана силна руска мрежа, која (формално) треба да ја штити државата од „надворешниот непријател“. Во основа, меѓутоа, ја држи Србија да не направи никаков исчекор кон НАТО, да не брза премногу со влегувањето во ЕУ, а особено да не брза со конечно решение за Косово.
Деспотот како руски човек
Македонија беше на добар пат Русија да ја претвори во една таква Србија, користејќи ја картата за „албанската закана“, форсирајќи ја меѓунационалната нетрпеливост и нетолеранција, но и силно спротивставувајќи се да се постигне договор со Грција.
Москва знаеше дека спогодувањето на Скопје и Атина околу името на државата, веднаш ќе го покрене дамнешното македонското барање за влез во Алијансата и во во ЕУ, за што Москва се спротивставува. Барем додека од Западот (САД/ЕУ) не добие некоја крупна отстапка и не го среди Косово, онака како што тоа нејзе и одговара.
Во Македонија за својата стратегија, Москва го одбра, сега избеганиот екс премиер-осуденик, ултра-десничар и националист, популист и деспот кој изгради режим претворајќи ја државата во приватна фирма на новокомпонираните македонски олигарси и во копија на Белорусија.
Таквите, кај руската страна се особено популарни, затоа што само преку нив може да ја спроведуваат својата нова геополитичка стратегија.
Русофили-националисти
Само еден таков човек можеше да дозволи руско инсталирање и во Македонија, па наеднаш персоналот во руската дипломатска мисија во Скопје двојно беше зголемен , а ГРУ да создаде силна „филијала“ на македонската територија.
Сето тоа, зачинето со домашната инсталација на новосоздадени „русофили“ (за пари, пред се) нешто што во оваа земја никогаш го немало ниту во времето на социјалистичка Југославија и Македонија.
Ништо од тоа не е изменето ниту во трите години на проевропската, прозападна, демократска и реформска влада, која дојде на власт по соборувањето на режимот.
Напротив, таа странска инсталација со домашните извршители, правеше се што можеше да направи, за да спречи реформи, за да не дозволи нормална работа на владата и посебно за да го дисквалификува и да го собори од власт – со една наместена афера – премиерот на таа влада.
За Москва, токму Зоран Заев е „злото“ кое и ги расипа сметките на Русија, внесувајќи ја земјата во НАТО и обезбедувајќи „зелено светло„за старт на преговорите за влез во ЕУ.
Блокада на изборната комисија
Таа влада и таквиот премиер, според, Москва, требаше да се казнат, на изборите, по кои требаше да се врати стариот режим и проруската националистичка партија со својот актуелен квази лидер кој уште се кандидира за премиер, ама не и за пратеник!
Затоа и на годинешниве предвремени избори во Македонија, се случи скандал – откажа компјутерскиот систем на државната изборна комисија во моментот кога по успешно спроведените избори требаше да се бројат гласовит на гласачите. Се отвори фина можност за манипулација со гласовите.
Во тој момент, сите наеднаш се сетија дека тоа (може да биде ) руско масло. Таквиот заклучок некому делува избрзан, но логиката на состојбите и сите случувања изминатите години наведуваат само на една работа.
Таа е дека ако Москва и нејзините тајни служби дејствуваат против земји какви што се САД и Британија зашто да не го прават тоа и во една Македонија, каде имаат и своја партија. Кога знаат дека таа не може да победи на чесен начин, со чесно одмерување на силите.
Згора на се, се настојува да се казни лидерот на победниците – по секоја цена.
Руско мешање во Македонија
Секако, Русија на сите овие обвинувања од Западот и сомнежите од овде, реагира како што тоа редовно го прави – отфрлајќи ги обвинувањата и тврдејќи дека тие се плод на „распалената русофобија“.
Што се однеува до Скопје, ние овде немаме никаква основа за некоја љубов кон Москва, ако прошетаме по историјата. Но во 21 век, во денешно време, нема зашто да се форсира и русофобијата.
Сепак, вистинските Македонци и искрените патриоти не може толку лесно да заборават на МЕШАЊЕТО на Русија во македонските внатрешни работи.
И, тоа во време на носењето на законот за јазиците, на насилствата пред Парламентот и обидот за пуч, за да се спречи тогашната опозиција да формира влада, па во текот на преговорите со Грција, пред и за време на референдумот, повикувајќи да не се прифати договорот од Преспа.
Конечно, да не се заборави и мешањето на Русија во самата Грција, со користење на тамошните ултра-десничари и крајно конзервативните делови од грчката црква.
(С.С.Г.)