Корона остава лузни на срцето!
Коронавирусот и болеста Ковид-19 од кои досега, на глобално ниво, се заразени и заболени 17 милиони лица, а починаа над 666 илјади, остава тешки последици на организмот на пациентите, по нивното излекување.
И тоа, не само на белите дробови, туку и на срцето – тврдат германските научници.
Истражувањата што се направени во една болница во Франкфурт, покажале дека короната остава ЛУЗНИ на срцето.
Утврдено е дека над две третини од пациентите кои прележале корона, имаат долгорочни срцеви проблеми, без разлика што кај најголемиот дел од нив проблемите се такви што не бараат лекување во болница.
Резултатите од направената магнетна резонанца, кај сто излечени пациенти, биле споредени со резултатите на ист број пациенти, кои меѓутоа, не биле заразени со вирусот.
Просечната возраст на учесниците во истражувањето била 49 години.
Споредбените резултати откриле дека кај две третини од излекуваните пациенти, само после два месеци, бил забележан развој на срцеви проблеми.
Дури кај 78 пациенти (од стотина) се јавиле сериозни оштетувања на срцевиот мускул, лузни – слични на оние какви има по прележан срцев удар.
Од овие, 33 пациенти требало да бидат лечени во некоја специјализирана болница за кардио-васкуларни болести.
Германските лекари посочуваат дека во целото ова испитување загрижува што станува збор за релативно млади и над се, здрави луѓе, сите на возраст меѓу 45 и 53 години, кои оваа пролет биле заразени со кинескиот коронавирус.
Др. Валентина Пулман, кардиолог од болницата во Франкфурт вели дека „сега веќе е јасно оти Ковид-19 кај мнозинството од заболените – остава сериозни последици“.
Според Пулман, на удар е срцевиот мускул, иако пациентите немале, на пример, болка во градите, што инаку е вообичаен знак за некое сериозно срцево заболување, какво што е ангина пекторис.