Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Историски договор меѓу Израел и ОАЕ

argus456/BigStock.com

Историски договор меѓу Израел и ОАЕ

Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се договорија за воспоставување целосни дипломатски односи, во рамките на претходно постигнатата спогодба за запирање на процесот за анексија на делови од Западниот Брег, каде Палестинците сакаат да создадат своја, незавиосна држава.

ОАЕ е првата арапска земја од регионот на Заливот, која го признава постоењето на државата Израел и со него воспоставува односи, а трета во арапскиот свет. Претходно, дипломатски односи со Израел имаат воспоставено Египет, уште во 1979 година, како и Јордан, во 1994 година.

Во 1999 година,  западно африканската исламска држава Мавританија и Израел воспоставија дипломатски односи, но тие беа прекинати во 2009 година, во знак на протест поради воената интервенција на израелската армија врз појасот Газа и војната на Израелците со припадниците на милитантната организација Хамас.

Компензација за мировниот план

Договорот со ОАЕ, всушност, е некаква компензација за неуспехот на сегашната администрација на САД  да го протуркаат мировниот план на Вашингтон, промовиран минатата година и го убедат светот дека тој е новото најдобро решение за мир на Блискиот Исток.

Освен целосната подршка од израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанијаху, планот беше отфрлен не само од арапскиот свет, туку и од најголемиот дел од меѓународната заедница, затоа што со него му се овозможуваше на Израел да анектира поголем дел од Западниот Брег, а што поголемиот дел од светот го смета за грубо кршење на меѓународното право.

Како и да е, изненадувачкото соопштение дека и ОАЕ го признаваат Израел, во секој случај, е дипломатска победа за Америка која длабоко во сенка, го има менаџирано спогодувањето на двете држави.

Победата има посебна тежина за претседателот Доналд Трамп, пред американските претседателски избори во ноември, затоа што ова, практично, е единствениот негов дипломатски успех во изминатите години, откако е во Белата куќа.

Победа на Нетанијаху

Соопштението се смета и за победа на Нетанијаху, прогласуван за „ јастреб“ во израелската политика, затоа што тој со години на ред, бранејќи ја својата тврда политика кон Палестинците, зборува дека тој и Израел имаат многу поблиски односи со арапските држави, отколку што тоа јавно се знае и се открива.

Без разлика што тој го одобруваше планот на Трамп за „траен мир“,  кој освен што му овозможува на Израел да изврши анексија, на Палестинците повеќе не им нуди независна држава ( како што тие бараат),  туку само ограничена автономија на оние територии што Израелците не би ги анектирале.

Колку за потсетување- со дамнешниот план од Осло, се предвидува на Блискиот Исток да постојат две држави, една покрај друга, што меѓусебно ќе се признаат- Израел и Палестина. Тоа во планот на Трамп никаде го нема, па и Палестинците и меѓунариодната јавност се согласуваат дека планот од Осло би бил конечно , мртов доколку би заживеал планот на американскиот претседател.

За Палестинците ова е „предавство“

Самиот Трамп, пак, во изминатите години  го навлече гневот на арапскиот свет и затоа што ја легализира израелската  анексијата на Голанската висорамнина, а го призна и Ерусалим за главен град на Израел и таму ја пресели американската амбасада, што до сега беше во Тел Авив.

Затоа, сегашниот договор на Израел со ОАЕ, може да му се припише за успех, најмногу затоа што се запира веќе започнатиот процес на Израелците да го анектираат Западниот Брег.

Токму тоа може да им користи и на Обединетите Арапски Емирати кои на тој начин, може да ги зајакнат своите позиции во регионот и во арапскиот свет, прикажувајќи се како некаков „светилник на толеранција“ на Блискиот Исток, што е важно за ОАЕ, бидејќи важи за држава позната по своето автократско владеење.

Палестинците, меѓутоа, на договорот гледаат како на „предавство“ на арапската, а пред се на палестинската кауза.

Навистина, барем засега, е спречена анексијата на територијата каде тие сакаат да прават држава, но се повеќе стануваат свесни дека како одминува времето, се помалку ќе може да ги задржуваат Арапите да не се спогодуваат со Израел, со признавање на неговото постоење и со воспоставување целосни дипломатски односи.

Анексијата – привремено запрена

Досега Палестинците некако успеваа да ги уверат арапските земји да не избрзуваат со дипломатско признавање на еврејската држава, се додека Израел не се согласи за решение кое би донело траен мир во регионот и создавање независна палестинска држава.

Кога станува збор за штотуку постигнатиот договор меѓу Израел и ОАЕ, предвидено е во наредните недели да се сретнат делегации од двете држави за да потпишат цела низа од билатерални  спогодби за целосна нормализацијуа на односите, со размена на амбасадори, па преку економски и трговски договори, до спогодби за авионски сообраќај, за безбедност и телекомуникации, за туризам и енергетикла, па се до соработка во борбата со коронавирусот.

Во својата прва реакција, Бенјамин Нетанијаху изјави дека со овој договор со ОАЕ „започнува нова ера во односите на Израел со арапскиот свет“.

Тој, меѓутоа, призна дека Американците барале од него „да сочека со плановите за анексија“ на делови од Западниот Брег, за да, како што рече – се постигне напредок во договорот со ОАЕ.

На домашната јавност, пак, и порача дека „нема никаква промена во неговиот план за анексија – тие планови само се привремено запрени“.

(Е.И.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе