Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

„Нови избори, само со нов Устав“

mazzzur/BigStock.com

„Нови избори, само со нов Устав“

Белорускиот претседател Александар Лукашенко кој за прв пат во своето 26 годишно деспотско владеење, се соочува со заканата да ја загуби власта, за руската агенција ТАСС има изјавено дека во земјата би можело да се организираат нови избори, но кога ќе се усвои и нов Устав. Тој уште рекол дека новиот Устав ќе мора да се усвои на референдум.

„Мораме да го усвоиме новиот Устав преку референдумско изјаснување на граѓаните, затоа што така сме правеле и во минатото” рекол Лукашенко.

Притоа, и порачал на опозицијата – „ако сакаат избори – парламентарни, локални и претседателски – тие може да се одржат, но би морале да бидат во склад со новиот Устав“.

Во своето комуницирање со се помоќната домашна опозиција, Лукашенко како полека да го ублажува својот тон, што до сега беше воинствен и полн со закани.

Наместо тоа, сега има речено и дека „би можел да се откаже од некои свои овластувања“, но дека тоа „во никој случај нема да го направи под притисок, или преку улицата“.

Претходно, Лукашенко порачуваше дека нови избори за претседател во Белорусија би можело да има „само преку него мртов“!

Повеќе од една недела во Минск и во другите градови од земјата, траат протести, со барање за оставка и заминување од власта на претседателот кој на таа функција е уште од 1994 година, како и одржување нови претседателски избори, наместо оние организирани во неделата, што опозицијата не ги прифаќа.

На изборите од 9 август, државната изборна комисија прогласи дека Лукашенко „победил“, овој пат освојувајќи 80 отсто од гласовите.

Станува збор за шеста, една по друга изборна победа на овој последен диктатор во Европа, која, меѓутоа, овој пат предизвика гневна реакција на белоруската опозиција.

Лидерот на опозионерите, Светлана Тихановскаја ја обвини власта за фалсификување на изборите и одби да ги прифати.

Од тогаш траат демонстрации кои во првите три денови ја шокираа европската јавност, поради бруталноста на полицијата и на специјалните единици кои против голораките демонстранти користеа солзавец, водени топови, шок-бомби, гумени куршуми, а во градот Брест, полицајците признаа дека во една прилика, користеле и огнено оружје.

Хуан Карлос во Емиратите

Поранешниот шпански крал Хуан Карлос (82) престојува во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – соопшти кралската палата во Мадрид, прекинувајќи ги на тој начин бројните нагаѓања и разните шпекулации околу тоа каде се наоѓа поранешниот суверен.

-Неговото кралско височество Хуан Карлос го извести семејството дека на 3 август заминал за ОАЕ и во моментот таму останува – изјавил во Мадрид портпаролот на шпанското кралско семејство.

Карлос претходно објави дека одлучил да замине од Шпанија поради низа скандали кои се врзуваат за него и за неговото име, како и поради истрагата за корупција и за финансиски малверзации, што ја води шпанскиот Врховен суд.

Ваквата одлука Хуан Карлос ја има донесено за да се спречи натамошната ерозија на угледот на монархијата и посебно да не му се создаваат дополнителни проблеми на сегашниот крал Фелипе, син на Карлос, во извршувањето на кралската функција – се додека трае истрагата.

Во писмото до својот син – кралот на Шпанија, во кое го известува за одлуката да ја напушти земјата, Хуан Карлос има напишано дека останува достапен за истрагата, во секој момент.

Властите во Емиратите, до сега не објавија ништо околу престојот на поранешниот шпански крал на нивната територија.

Уапсен амбасадорот на Азербејџан во Србија

Амбасадорот на Азербејџан во Србија, Елдар Хасанов кој во исто време е и амбасадор на својата земја во Црна Гора и во БиХ, е уапсен во Баку – јавуваат руските агенции, повикувајќи се на соопштение на азербејџанската служба за безбедност.

Хасанов е обвинет за повеќе кривични дела, а пред се, дека има присвоено големо количество пари, како и дека има ненаменски потрошени големи средства од државниот буџет. Речено дека тој има сторено и други кривични дела, но тие не се наведуваат.

Апсењето што било извршено во Азербејџан, уследило по опсежната истрага на специјалната тендерска комисија на тамошното министерство за надворешни работи.

За комисијата се вели дека има покренато истражни постапки против низа државни функционери, сите обвинети за злоупотреба на службената должност, како и за нанесување штета на државата.

Засега не се знае каде биле сторени кривичните дела на амбасадорот Хасанов – во неговата татковина, или во земјите каде бил на служба, но се смета дека сите се поврзани со наместени тендери и земање поткуп.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе