„Шпигел“: Вучиќ има заштитник во ЕУ-Орбан
Германскиот неделник „Шпигел“ остро ја критикува сегашната ситуација во Србија, земја која формално води преговори за влез во ЕУ, посебно критикувајќи го Александар Вучиќ и неговото наметнување како бескомпромисен и апсолутен лидер на земјата, иако неговата претседателска функција, според Уставот, не му дава такви овластувања.
Неделникот, притоа, го осудува и однесувањето на Унијата и посочува дека таму српскиот претседател има еден силен поддржувач – унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Хајка против медиумите
Поводот за вака интонираната анализа на весникот, која ја пренесува и Дојче Веле, е покренатата, како што се вели, вистинска хајка, со бројните истраги против независните новинари и активистите на разни НВО организации, затоа што тие му ја загрозуваат моќта на Вучиќ.
Според неделникот, од крајот на јули, властите имаат покренато истраги против речиси 40 невладини организации и независни медиуми.
Сите се обвинувани за, наводно, перење пари и за врски со тероризмот, но нема никакви прецизни обвинувања дека е тоа така. На удар се, пред се, Хелсиншкиот комитет во Србија и белградскиот Центар за човекови права, како и истражувачките новинарски мрежи – БИРН, Цинс и Крик.
Нивната вина, како што забележува германскиот весник е само во тоа што изминатите години имаат откриено афери на режимот на Вучиќ, поврзани со корупција и со злоупотреба на власта.
„Симбол на корупцијата“
Како еден од „симболите на српската корупција“ се посочува примерот на тамошниот министер за финансии Синиша Мали. Тој веќе е обвинет за фалсификување на својата докторска дисертација, но се тврди и дека е вмешан во афера околу еден голем проект со недвижнини, во Белград, за кого се вели дека е во вредност од неколку милијарди евра.
Мали за кого се верува дека ќе остане министер и во новата, постизборна влада во Република Србија, има и 24 станови на бугарскиот црноморски брег, чие потекло не може да го објасни. Меѓутоа, според неделникот, ниту тоа не е доволно тој да биде тргнат од владата и да биде повикан на одговорност.
Во отсуство на вистинска политичка опозиција, која во Србија е неуверлива, расцепкана и без кредибилитет, затоа што се обидува само да го замени актуелниот српски лидер и тоа од десничарска позиција, Вучиќ се нафрла врз медиумите во државата и врз независните новинари, затоа што тие се оние кои вистински се пресметуваат со неговата власт.
ЕУ без јавни критики
„Шпигел“ затоа и замера на ЕУ, но и на Германија која овие втори шест месеци од оваа година, претседава со Унијата, дека реагира исплашено и како да се чува од погласни, јавни критики.
„За нив изгледа е најважно само да не се загуби Србија, како партнер во затворањето на косовското прашање“ – вели неделникот.
Овој весник смета дека таквото однесување се должи и на заштитата што лично Вучиќ ја има кај некои кругови во Европа, посебно кај десничарскиот, националистички и популистички определен унгарски премиер Орбан.
Неговата партија Фидес е сојузник и идеолошки истомисленик со српската десничарска партија СНС (Српска напредна странка) на претседателот на Србија, која како и унгарската е дел од блокот ЕПП десни партии во Европа.
Нелиберална алијанса
Токму Орбан е најгласниот поборник Србија по брз пат да влезе во ЕУ и притиска врз Брисел да го забрза целиот процес.
Неделникот смета дека СНС и Вучиќ му се потребни на Орбан во ЕУ, за да се засили нелибералниот, десничарски и националистички блок, како против-тежа на Брисел и на неговата вистинска и единствено исправна европска ориентација.
Затоа „Шпигел” инсистира дека она што го прави Унгарецот и неговото сојузништво со власта во Белград, за неговиот проект за некаква НЕЛИБЕРАЛНА, крајно-десничарска европска Алијанса – во својата основа – е силно антиевропски.
Таквиот проект е директно насочен против ЕУ, против нејзините основни принципи и против демократијата, констатира германскиот неделник.