Софија (пак) пишува меморандуми
На балканските националистички-патриотски игри како да им нема крај. И кога ќе се помисли дека им е дојден крајот.
Така и се случи од Софија (пак) да ни дојде меморандум за „македонскија впрос“ – направен во стариот, добро познат националистички манир, запаметен од времињата на едни (мислевме) бивши бугарски (балкански) политики за кои и ние во Македонија, но и на Балканот и во Европа се веруваше дека ќе останат закопани во минатото.
Поддршка за Скопје и Западен Балкан
А, меморандумот доаѓа по се она добро и успешно што го направи Бугарија, со Бојко Борисов како премиер, за Западен Балкан, претседавајќи со ЕУ, меѓудругото и да се истурка Република Северна Македонија, конечно, да добие „зелено светло“ за покренување на преговарачкиот процес за влез во Унијата.
Вклучувајќи ја во тие рамки и јавната поддршка на официјална Софија, (пак преку изјавите на нејзиниот премиер), што им ја даваше на македонската, вистински проевропска и прозападна влада, во нејзината борба за ослободување на државата, заробена од 11 годишниот режим на антиевропските и антизападни политички сили, собрани во вмровското друштво на избеганиот екс премиер, осуденик за криминал.
Таа поддршка беше потребна затоа што остатоците на тоа друштво (и тогаш, а и сега) продолжуваат да држат заробени делови од државата и помогнати од европската крајно-десничарска алијанса, да настојуваат да се попречува патот на државата кон ЕУ.
Одново „македонскија впрос“
После се ова, меѓутоа, излегува дека писанието од Софија, практично, го негира се она што Бугарија досега го има речено и направено кон својот сосед – со кого дури има потпишано и парафирано договор за пријателство.
За тој договор инсистираше Софија, за да преку него (наводно) се смират неизживеанитe националистички сили, за да се престане со користењето на „македонскија впрос“ кога тоа ќе им затреба на бугарските политички партии за домашни потреби.
Едноставно, договорот за пријателство и соработка треба да стави точка на недоразбирањата од минатото, поврзани со различното толкување на историјата, која на овие простори е силно измешана.
Бугарската влада, официјално, го поздрави и историскиот договор од Преспа, во јуни 2018 година, што заедно со договорот на Скопје и Софија, значеше деблокирање на патот на Македонија кон ЕУ.
Тоа, во поширока смисла, значеше и безбедносна стабилизација на поширокиот регион.
Враќање во минатото
И кога се мислеше дека наместо за минатото, ќе преговараме за иднината – за современото транспортно поврзување меѓу двете соседни земји, за градење автопати, за заеднички економски развојни проекти и за културна соработка, се „испречи“ Гоце Делчев.
За тоа, чиј е повеќе и кој има право да го присвојува.
Човекот кој има речено дека светот го разбира како поле за културно натпреварување меѓу народите, се употреби за покренување непријателство и за ширење омраза, за дисквалификација на етничките Македонци и за негирање на нивната национална посебност.
За да сето тоа добие силна „патриотическа“ тежина, Софија (не)очекувано се определи одново да прави меморандуми, во кои шемата е онаа старата- нема Македонци, туку има само „Бугари“ во Македонија и нема македонски јазик, туку тоа е „бугарски“.
Чекор напред – десет назад
Вака срочен, меморандумот делува недолично за една европска Бугарија, но претставува и разочарувачки показател дека бугарската европеизација е во стилот – чекор напред, десет назад.
Всушност, овој софиски меморандум е како копија од една мала книшка-памфлет на БАН (Бугарската академија на науките) од 1968 година, објавена под наслов „За македонискија впрос“.
Таму во тоа време на тврдата комунистичка диктатура на Тодор Живков, ни ги предочија „тезите“ за бугаризација на Македонците и за тоа дека целата наша историја – е бугарска!
Сега на повеќе-помалку истите тие основи, во меморандумот се потсетува дека за „блгарите“ во Македонија, Бугарија војувала и давала жртви во три војни- Балканските, во Првата и во Втората светка војна, како сојузници на нацистичка Германија.
Фантомска државна креатура
И, сега што ? Никој не ги повикал да се тепаат за нас Македонците. Тие и така војувале за територијата на Македонија, за да создадат некаква голема Бугарија. За да ги исполнат своите националистички идеали, но и за да им служат на руските империјални интереси на Балканот.
Токму царска Русија, по руско-турската војна, во која е ослободена денешна Бугарија, Москва создава една фантомска држава т.н. „Санстефанска Бугарија“ – според името на местото Сан Стефано, крај Цариград, каде бил потпишан мирот меѓу Русија и Отоманската Империја.
Таа „држава“ која требало да се простира од Црно море до Јадранот (подоцна „само“ до Охрид), всушност, требало да го блокира продирањето на Западот кон Југоисточна Европа, што Москва го имало прогласено за своја стратешка зона.
Признанието на Громико
Таа мисија на Бугарија од царските времиња, кога станува збор за користењето на „македонското прашање“ за бугарски (и руски потреби), продолжи и во времето на СССР, па при секоја идеолошка и друга расправија меѓу Москва и тогашна, титова, социјалистичка Југославија, се отвораше „македонското прашање“.
Книшката на БАН се појави во октомври 1968 година, само неколку месеци по советската инвазија на Чехословачка, во која учествуваа и бугарски војници, откако Југославија ги подржа Чехословаците и ја осуди „братската“ интервенција против либералниот социјализам што тогаш почнуваше да се раѓа во Прага.
Дури и молчеливиот Андреј Громико, „вечниот“ министер за надворешни работи на СССР, по распадот на Советскиот Сојуз има признаено дека „секогаш кога влегувавме во спор со Југославија, Бугарија добиваше налог да го покрене македонското прашање“.
И Ципрас на „црната листа“
Сегашниот меморандум како да се движи по тие и такви патеки. Сега се покренува за некакви, или за нечии потреби. Тоа е сосема сигурно.
Во него како и во онаа книшка на БАН, од пред 52 години, се обвинуваат Тито и Сталин, па Коминтерната, се зборува за „вештачка, комунистичка нација“, се напаѓа и Георги Димитров. Тој единствен од бугарските политичари има признаено посебност на македонската нација, а се има согласено и за тоа – посмртните останки на Гоце Делчев, да се пренесат во Скопје, каде тој денес почива.
Во тој список на „грешници“ сега ќе се вметнува и Алексис Ципрас, а пред се, грчкото признавање на славомакедонската национална посебност и јазик, што е составен дел од договорот од Преспа.
Тоа беше дел од компромисот – Скопје да прифати додавање на географска одредница во името на државата, што медијаторот Метју Нимиц го означи како клучен елемент за решавање на спорот. Грчкото прифаќање на македонскиот словенски идентитет, нација и јазик, што 30 години го држеше спорот отворен.
Софија не може како Атина
Бранејќи го постигнатиот компромис, тогаш Ципрас ќе им рече на грчките пратеници и на тамошната јавност- „Ние (Грците) немаме право и не можеме на нашите соседи (во Република Северна Македонија) да им забраниме да се чувствуваат и нарекуваат Македонци, ако луѓето така се чувствуваат“.
Оваа историска реченица ги има на смрт исплашено сите големобугари, сите националисти, како и сите оние кои „македонското прашање“ го одржуваат во живот на бугарската политичка сцена и по влегувањето на Бугарија во ЕУ.
Меморандумот, инаку неформална хартија, затоа, треба да се толкува како порака до Скопје, до македонската влада, но и до бугарските партнери во ЕУ и до САД – дека Софија НЕ МОЖЕ да го изговори она што така храбро го изговори Ципрас.
Секој на своето
Во Софија се уште не можат да се откажат од „санстефанската фикција“ за големата држава во која е цела Македонија, иако таа никогаш не заживеала- била грубо отфрлена на Берлинскиот конгрес во 1878 година.
Некои во Бугарија и натаму да прифатат дека етничките Македонци во Република Северна Македонија, не се етнички Бугари, односно дека се посебен народ.
Можеби не секогаш се идентификувале така, но секако, не биле Бугари, освен кога во војните, по кои тагуваат во меморандумот, населението административно било означувано како бугарско.
Затоа, прашањето е – како понатаму?
Зарем во Софија некој мисли дека ќе не натера, насила, да прифатиме дека не сме тоа што во Бугарија мислат дека сме.
Секако, не можеме и ние да ги присилиме да ја излезат од историските заблуди за нивната големина, која божем се простира на територијата на целата географска област Македонија и на Тракија.
Само бараме да не остават надвор од тие стари шеми и од нивните и туѓите царски времиња. И, нека си ги гледаат своите работи, а нас во Македонија, да не остават да туркаме кон Европа, каде тие се најдоа преку ред.
Две бугарски лица
Во секој случај, најдобро ќе биде ако сите се правиме како меморандумот да не постои.
Ние знаеме дека таму ништо не се менува, но дека можеме- како што би рекле Бугарите – да врвиме за напред! Ако тоа го прифатиме, сепак, останува горчливиот вкус- за изневерените очекувања од Бугарија во ЕУ и за двете лица што официјална Софија ги покажа кон нас.
Бугарија е во политичка криза, која ја создаваат и ја туркаат тамошните социјалисти, силно поддржувани од претседателот на државата. А, за нив барем ние знаеме дека тие се сосема блиску до линијата на живковистичките комунисти кон националното и посебно кон „македонското прашање“.
Кој го урива Борисов?
Во сегашнава политичка криза во Бугарија, целата е да се урне Борисов од власт. Не е јасно дали тоа го прават сами домашните социјалисти, или има и надворешна поддршка.
Тој, пак, изгледа прави компромиси со тврдите домашни националисти, за да остане неговата влада до редовните избори, во март идната година.
Во таа нивна игра, ја ставаат Македонија меѓу чеканот и наковалната.
Дилемата е дали во тоа е вклучен и некој од Европа, од каде повремено се „парчосува“ Борисов по некои европски весници. Односно, дали со меморандумот и таму, некому, се праќа порака дека би можело да настрада Македонија, околу стартот на преговорите за ЕУ.
Или, работите одат на многу повисоко ниво – па во таа игра на минатото и сегашноста – сега е вклучен и течниот гас, што наеднаш се појави на Балканот и во регионот на Западен Балкан.
Скопје/Глобал