„Птичји грип пренесен од Русија“
Во северните делови на Казахстан е регистрирана епидемија од птичји грип, за кои локалните здравствени власти тврдат дека е внесен од Русија.
Вирусот е истиот и добро познат на епидемиолозите Х5Н8 што пред неколку години се претвори во пандемија. Тогаш се рашири низ светот од Кина. Казахтанските власти тврдат дека засега нема закана за населените во тие делови од државата.
Оваа голема поранешна советска република соопшти дека се откриени неколку локации со епидемија на овој високо патоген птичји грип во околината и во селата покрај казахтананско-руската граница.
Заменик- министерот за земјоделство за локалните медиуми има изјавено дека вирусот се раширил во оваа држава од Централна Азија преку преселните птици, дојдени во тие делови од земјата, кои долетале од другата страна на границата.
Властите, како прва мерка за одбрана од епидемијата, целата област ја имаат ставено во карантин. Најавена е итна вакцинација на населението, иако тамошните епидемиолози тврдат дека, засега, нема случаи птичјиот грип да биде откриен кај луѓето.
Но, ветеринарската служба има соопштено дека десетици илјади разни птици се заразени и поголемиот број од нив се веќе угинати.
Жена починала поради хакерски напад – врз болница
Една тешко заболена пациентка во Германија починала, откако болницата каде требало да биде примена, била изложена на хакерски напад!
Овој необичен случај е регистриран во угледната Универзитетска клиника во Диселдорф, во време кога (засега) непознати хакери извршиле хакерски напад, со цел да украдат пари. Полицијата, сепак, верува дека станува збор за забуна, која, меѓутоа, е платена со животот на една пациентка.
Поради нападот, болницата во Диселдорф не можела да ја прими пациентката, врз која морало да се изврши итна интервенција. Не можејќи да и помогнат, заболената жена била препратена во соседниот град Вупертал. Таму се обиделе да помогнат, но жената набргу починала, затоа што се задоцнило со интервенцијата поради селењето на болната од една во друга болница, уште и во друг град.
Сега се испитува дали причината за смртта е задоцнетата интервенција и дали навистина морало жената- ако итно и била потребна помош – да се сели од една во друга локација. Полицијата, пак, е на мислење дека ако причината за смртта е доцнењето со лекарската интервенција, тогаш хакерите ќе бидат обвинети за ненамерно убиство.
А, хакерскиот напад бил извршен врз пресметковниот центар на болницата во Диселдорф, поради што, како што велат во нејзината управа, болницата била блокирана и неспособна да прима пациенти.
Покрај оваа несреќна жена, хакерскиот напад предизвикал болницата да не може да им помогне и на стотици други лица- за лекување, или за некоја интервенција.
Канаѓанка му пратила писмо на Трамп со отровот рицин?
Писмото кое во саботата пристигнало во Белата куќа, со отровниот рицин, било испратено од Канада- пишуваат американските медиуми, повикувајќи се на извори од Федералното истражно биро (ФБИ).
Присуството на отровот во писмото било потврдено после низата направени тестови во лабораториите на ФБИ. Тајната служба која се грижи за безбедноста на претседателот на САД и ФБИ, сега, испитуваат дали и другите пратки, што поминале низ американскиот поштенски систем- испратени до Белата куќа, како и на други адреси – не се случајно отровни.
Весникот „Њујорк Тајмс“ единствен се занимава со идентитетот на испраќачот.
Овој весник не дава прецизни детали за тоа од каде во Канада е пристигнато писмото, ниту го открива идентитетот на испраќачот, но повикувајќи се на неидентификуван американски функционер, пишува дека пратката (веројатно) е дојдена од соседна Канада, потоа дека била упатена до претседателот Доналд Трамп и дека испраќачот е жена.
Овој извор на весникот рекол за неа дека веќе била идентификувана. Тој, меѓутоа, одбил да даде други детали за жената, како и за целиот безбедносен инцидент.
ФБИ потврди дека истрагата е во тек, но критичарите на Трамп се сомневаат дека целиот овој случај веќе наликува на предизборна лажна вест, во функција на изборната кампања и за подобрување на сега лошиот рејтинг на актуелниот претседател.