Бугарија протера двајца руски дипломати-шпиони
Официјална Софија соопшти дека одлучила да протера двајца руски дипломати, што бугарското државно обвинителство ги обвини за шпионажа.
Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи се вели дека била испратена нота до амбасадата на Русија во Софија со која е побарано, дипломатите чиј идентитет не е откриен, да ја напуштат Бугарија во рок од 72 часа.
Според бугарското обвинителство, овие двајца членови на руската дипломатска мисија, во последните четири години, извршувале разузнавачки активности, со цел да добијат информации за плановите за модернизација на бугарската армија. (Во овој период, тамошната влада се определи за купување американски борбени авиони, што треба да ги заменат старите, руски „Мигови“ од времето на Советскиот Сојуз).
Втор шпионски случај
За руските шпиони со дипломатски статус се вели дека прибирале информации, вклучувајќи и државни тајни, за да и ги префрлат на руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) во Москва. Поради дипломатскиот имунитет што го имале, тие не би може да бидат обвинети за шпионажа и да им се суди во Бугарија, па затоа е определено, во најкус рок, да бидат протерани.
Ова не е прв шпионски инцидент меѓу двете земји.
Во јануари оваа година, владата во Софија веќе протера други двајца руски дипломати кои, исто така, се занимавале со шпионажа. Тогаш, за работи поврзани со изборите во Бугарија, но и за прашања поврзани со енергетската безбедност на оваа земја.
Во времето на поделена Европа и на комунизмот, Бугарија беше најлојалниот сојузник на тогашниот СССР. Тоа траеше се до доаѓањето на власт на Михаил Горбачов, кога се појавија првите знаци дека до тогаш постојано истакнуваната „вечна дружба“ на двете држави и „братството“ меѓу бугарскиот и советскиот народ, не биле така цврсти и без проблеми.
Свртување на Софија
По падот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз, Москва веруваше дека блискоста со Софија ќе продолжи „на нови основи“, па Русија остана затечена кога Бугарија се сврте на другата страна- наместо кон Истокот, кон Западот- и побара членство во тогашната ЕЕЗ и што ја шокираше руската страна и влез во НАТО.
И во следните години, земјата стана членка на Северноатлантската алијанса, а од 1 јануари 2007 година и дел од ЕУ.
Оваа балканска земја која и натаму важи за најмалку развиена меѓу членките на Унијата, остана и натаму речиси, целосно зависна од рускиот гас, па затоа продолжува да одржува блискост со Москва. Тоа во последно време, а посебно годинава, како да е потресено со шпионските афери и со мешањето на Русија, која преку Црно море, практично, е соседна земја.
Изгледа дека сето тоа се случува откако Софија почна да се интересира и за течниот гас, што може да се сфати како желба на бугарската влада да се ослободи од целосната енергетска зависност од Русија.
Обнова на национализмот?
Сегашното протерување на двајцата руски шпиони- дипломати, доаѓа во време на длабоката политичка криза во Бугарија.
Кризата ја покрена претседателот на државата, инаку поранешен генерал и воен пилот на бугарската армија, со поддршка на опозициските сили кои во серија улични протести бараат оставка на премиерот Бојко Борисов, оставка и на државниот обвинител, како и распад на сегашната коалициска влада.
Во оваа влада составен дел е и бугарското ВМРО на Каракачанов, со чие, евентуално, повлекување би паднала владата.
Се верува дека тврдата антимакедонска позиција на оваа партија која сега, формално, е преименувана, влијае врз позицијата на најмоќната партија во коалицијата ГЕРБ, на премиерот, како и на целата влада за отворање нов националистички фронт против Скопје.
Без разлика што (барем до сега) владата бранеше една нова, проевропска позиција на официјална Софија, кон Балканот, кон Западен Балкан, па и кон Република Северна Македонија, која навестуваше и нов имиџ на една поинаква Република Бугарија.
(С.Б.)