Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Газиводе станува езеро „Трамп“?

Езерото Трамп

Газиводе станува езеро „Трамп“?

Еуфоријата по потпишаната спогодбата меѓу Србија и Косово во Вашингтон, под патронат на американскиот претседател Доналд Трамп, продолжува да се одржува како во американскиот главен град, како што се вели, за потребите на изборната кампања на актуелниот претседател, така и во Приштина и во Белград.

Таа има достигнато толку високо ниво, што во чест на спогодбата, а особено како гест на благодарност за Трамп, сега се предлага – преименување на езерото Газиводе, во езеро „Трамп“.

Гренел: се тргна како шега!

Станува збор за вештачки создадена акумулација која се протега на 24 километри, за која се уште се спорат косовската и српската страна. Косовските Албанци езерото го нарекуваат Ујман, додека за тамошните Срби, но и за Република Србија тоа е Газиводе.

Разликите околу езерото останаа и по спогодбата во Вашингтон, иако таа за некои има „историско значење“, па оваа акумулација продолжува и понатаму да биде вистински „трн“ во преговарачкиот процес, што сега продолжува во Брисел.

Сепак, и покрај тоа, на албанската страна од езерото е поставен еден голем транспарент на кој е истакнато „новото име“. Косовскиот премиер Авдулах Хоти, во меѓувреме, на Твитер го поздравил преименувањето на езерото, што според него би било знак на благодарност кон Трамп за неговото „успешно менаџирање да се дојде до спогодба“.

А, специјалниот пратеник на претседателот на САД, дипломатот Ричард Гренел, за ова има изјавено дека сето тоа (околу името ) тргнало како „обична шега“ во текот на преговорите, на што и српскиот претседател и косовскиот премиер, реагирале со едно – па, зошто да не биде така!

За Белград – Газиводе е српско

Сега, меѓутоа, во Белград се молчи, па од таму нема никаква официјална реакција за евентуалното ново име на езерото.

Не се споменува ниту дека било речено во шега, на крајот од преговорите, како што не се изнесуваат никакви други детали за средбата која сите продолжуваат да ја квалификуваат како „историска” – формулација која многу аналитичари ја оценуваат како претерана.
Во Белград (а ни во Приштина) нема реакција ниту на најновата изјава на Трамп, всушност, откритие, дека на крајот, по потпишувањето на спогодбата, двајцата лидери се „прегрнале, што било момент што не се заборава“!

Нема сознанија за тоа колку е сето тоа точно. Но, ако, навистина, било така, сигурно е дека за тоа, ниту Александар Вучиќ, а ниту Авдулах Хоти нема да добијат аплауз и одобрување – и од косовската, а уште помалку од српската јавност, како што тоа го имаат добиено во Вашингтон.

Животно значење за Косовци

Како и да е, работите околу езерото што е лоцирано на самата граница меѓу Косово и Србија, се далеку посложени и покомпликувани, за да се разговара и да се дебатира за неговото преименување. Три четвртини од површината на езерото е на косовска територија, додека на српската останува само една.

За Косово и неговото население, водите од акумулацијата имаат клучно значење во неколку сектори. Една третина од населението во Косово кое изнесува 1,8 милиони, користи вода за пиење, токму од Ујман (Газиводе). Неговата вода се користи и за ладење на генераторите на блиската термоцентрала (на јаглен), која струја добива цело Косово.

Србија, меѓутоа, категорично одбива да преговара за езерото. Според официјален Белград, Косово „останува дел од територијата на Србија, па така (само како српско) останува и езерото Газиводе“.

Фисибилити студија

Локалното српско население, на северот од Косово што го допира езерото е поделено околу тоа дали да се преименува.

Најголемиот број од луѓето изјавиле дека и не знаат кој, воопшто, предложил ново име, а меѓу нив, мнозинството е против преименување. Но, има и такви, посебно кај помладите, дека идејата за езеро „Трамп“, наместо сегашното име – не е лоша идеја.
„Tramp Lake” би можело да покаже дека САД е на наша (српска) страна“ – рекол за странските медиуми еден млад жител на северна (српска) Митровица.

Она што за „спорното“ езеро е речено во спогодбата од Вашингтон е – само да се направи една фисибилити студија.

(П.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе