Здравствените тајни на претседателите
-Сега сум здрав….Потоа – сега сум и имун на коронавирусот- изјави во Вашингтон американскиот претседател Доналд Трамп, откако за три денови беше, прво заразен, па префрлен во болница.
Таму лекуван со лекови (кои, велат, биле несоодветни за неговата состојба), а му бил даван и кислород за белите дробови, за да веднаш по сето тоа, самиот најави, дека излегува од болницата – оздравен.
Враќајќи се во Белата куќа, Трамп има речено дека се чувствува 20 години помлад, дека се враќа на работа и дека ја продолжува претседателската изборна кампања, за да го освои и вториот мандат, што жестоко го посакува и настојува да го добие по секоја цена.
Противречни изјави
После сите овие настани, што една недела целосно ги окупираа медиумите во САД и ја завлекоа тамошната јавност, останува и натаму нејасно – што навистина се случуваше со Трамп и каква е (сега) вистинската здравствена состојба на американскиот претседател.
Бројните контроверзни изјави, противречните соопштенија на лекарите, само создаваа конфузија во тамошната јавност, како и неверување во странство околу тоа што навистина се случува во Америка, пред овие претседателски избори.
Тоа, пак, само ги потхранува разните теории за заговор – најмногу за тоа дека коронавирусот и болеста се измислени, само за да се поткрепи неговата изборна кампања.
Впечатокот на некои од американските аналитичари, меѓутоа, е дека Трамп, сепак, бил заразен со вирусот, иако не се знае од кога, затоа што Белата куќа призна дека не му се правени редовни тестови, а не соопштува кога прв пат бил направен тест за коронавирусот.
„Сокривање на вистината“
Верувањето дека претседателот се разболел се поткрепува и со податоците за тоа какви лекови му се давани во воената болница во Мериленд.
Според независни епидемиолози и пулмолизи, ако навистина ги примал тие лекови, тогаш состојбата била посериозна од онаа што се прикажуваше, бидејќи претседателот примал лекови кои им се даваат само на сериозно заболени пациенти со Ковид.
Поради сето ова, медицински експерти не веруваат дека тој е излечен, односно дека сега е сосема оздравен.
Во исто време, овие аналитичари велат дека е сосема разбирливо што луѓето околу Трамп и неговиот штаб за изборите, по секоја цена настојува да го прикаже републиканскиот претседателски кандидат – здрав и способен за финишот на изборната трка.
Аргументот на овие аналитичари е дека штабот, сосема разумно, оценува оти во никој случај не е добро, актуелниот претседател да се прикаже и да се покаже како сосема „фит“ за изборите на 3 ноември.
Затоа, и сите соопштенија на Белата куќа, а посебно на лекарскиот тим од болницата, беа толку смушени и во некои случаи и смешни, затоа што и лаиците можеа да забележат дека се сокрива вистината.
Особено, кога за здравјето на претседателот зборуваше неговиот личен лекар – др. Шон Конли.
Маките на Шон Конли
Тој е воен лекар и морнарички офицер, што инаку е редовна пракса во САД – лекарот кој се грижи за здравјето на претседателот да биде армиско лице.
Тоа, според некои американски медиуми, таквата одлука не е добра, затоа што предизвикува судир на интереси.
Практично, воениот лекар треба да го лекува својот врховен командант (позицијата што ја имаат американските претседатели, по автоматизам), а тоа значи – доколку овој биде незадоволен од својот потчинет (според чинот), може да биде сменет, да биде деградиран војнички, или дури и да му го одземе правото на пензија, ако направи нешто што е спротивно од она што го бара врховниот командант.
Во случајов со др. Конли, тоа беше ризикот доколку на претседателот Трамп не му се допадне она што го зборува и го соопштува неговиот личен лекар, за неговото здравје.
Се смета дека, поради оваа тешка позиција, овој воен лекар мораше да зборува онака, што како медицинско лице, во други услови, не би го зборувал, или уште поедноставно – не би ја лажел (невешто) американската и светската јавност.
Негова утеха е што Шон Конли не е првиот во американската политичка историја, што морал да ја сокрива вистината за здравјето на претседателот на САД.
Новата улога на потпретседателот
Вудроу Вилсон, на пример, има претрпено мозочен удар, во есента 1919 година, по Версајската мировна конференција.
Делумно останал парализиран, но неговата болест се сокривала од Американците, победници во Првата светска војна, четири месеци, се до февруари 1920 година, кога било соопштено каква е вистинската здравствена состојба на претседателот.
Тоа било повторено и со Двајт Ајзенхауер, во Втората светска војна, познат како херојот на сојузничките сили, особено по истоварувањето во Нормандија.
Тој во 1955 година, додека бил во Белата куќа, имал сериозен срцев удар што бил сокриен од јавноста, а тој, сепак, има истерано два мандати.
Џон Кенеди кој го има наследено на функцијата, никогаш нема откриено дека боледува од Адисоновата болест која може да биде и смртоносна.
Неговото убиство во ноември 1963 година, меѓутоа, има предизвикано промена на 25-от амандман на Уставот на САД.
Со него е назначено дека потпретседателот ја презема претседателската функција, доколку тој не е способен да ја извршува, или доколку почине во текот на мандатот.
Правни експерти велат дека амандманот е недоречен, па може секако да се толкува.
Во секој случај, веројатно е дека тоа е искористено за ситуацијата каква што е сегашната со Трамп, од која тој се исплаши дека доколку остане да се лекува, би можело да се покрене постапка за примена на амандманот.
Филмска манипулација
Тој е лесно применлив за случаи како што беше оној, со атентатот врз Роналд Реган, во 1981 година, кога привремено, претседателските овластувања ги презеде тогашниот потпретседател Џорџ Буш (таткото ), додека Реган целосно не се опорави од последиците од ранувањето.
Сите во САД се согласуваат дека сега се други времиња и дека работите околу здравјето на актуелниот претседател, не може да се сокриваат, како во времето на Вудроу Вилсон.
Посебно што самиот претседател е сосема различен – од еден некогашен „риалити шоу“ личност, тој се претвори во „твитераш“ што секојдневно и за се и сешто мора некому да му одговори.
Тоа, според експерти за политички маркетинг, овозможува лесно да се манипулира со јавноста, ставајќи се себе си постојано во центарот на вниманието.
Овие експерти сметаат дека неговото силно „рекламирано“ враќање од болница, дома, во Белата куќа беше „изведено филмски“, изманипулирајќи ги медиумите да занимаваат со неговото здравје, цела една недела, на сега дваесетина денови пред гласањето.
Тим од независни лекари
Во САД се предлага воведување на посебно тело од независни лекари кои би го надгледувале здравјето на претседателот, за да се избегне смешно-тажната ситуација во која се наоѓаше Шон Конли.
Оние кои ја заговараат оваа идеја, сметаат дека тоа е важно, бидејќи Трамп сега има 74 години и е најстариот претседател на Америка.
Неговиот противкандидат Џо Бајден, пак, има 77 години и доколку победи, тој ќе биде најстариот во американската историја.
Што ќе рече – и едниот и другиот се во години кога лекарска контрола им е потребна додека се во Белата куќа – без никакви сокривања.
Засега оваа иницијатива, не поминува во САД, а ниту во други земји во светот, затоа што и таму има вакви и слични ситуации.
Сокривањето не е само американско
Шинзо Абе, во Јапонија, не сокриваше дека има повремени здравствени проблеми, но не се знаеше дека ситуацијата е толку сериозна за да повеќе не може да остане на функцијата.
Никој не знае ниту во каква состојбата со здравјето е индискиот премиер Нарендра кој е во поодминати години.
А, и Ангела Меркел, во Германија, не сакаше да го објасни тресењето на нејзините раце, што повремено и се случуваше во текот на минатата година.
Посебна приказна, пак, се лидерите на тоталитаристичките земји, како Северна Кореја, или на авторитарните режими.
Не се зборува за здравјето на претседателот на Кина Си, на турскиот Ердоган, или на рускиот претседател Владимир Путин кој сега има 68 години, а е определено да владее и во следните 16, се до 2036 година.
Тој сега изгледа и поздраво, отколку пред 20 години, кога прв пат беше избран за претседател. Или сето тоа околу бодроста на рускиот претседател така го прикажува машинеријата во Кремљ.
(С.С.Г.)