Збирка шекспирови дела продадена за 10 милиони долари
Една ретка збирка од драмите на англискиот писател Вилијам Шекспир, што прв пат е издадена во 1623 година, беше продадена на аукција за до сега рекордни, безмалку 10 милиони долари, соопшти аукциската куќа „Кристис“.
Станува збор за една, од вкупно шесте примероци од оваа прва збирка со сите драмски дела на Шекспир. Збирката содржи, како што е и заглавена – комедии, истории и трагедии – што ги собрале на едно место, а потоа ги издале пријателите на авторот, седум години по неговата смрт.
Во збирката има 18 драмски текстови, како и некои што пред тоа воопшто не биле објавени, па нивното внесување во оваа книга значи дека тие биле спасени од пропаѓање и од можноста никогаш да не бидат публикувани.
Пред да започне аукцијата, експерти проценувале дека книгата-збирка има вредност меѓу четири и шест милиони долари. Се покажа, овој пат, дека има луѓе, купувачи на вакви ретки примероци од пред без малку 400 години, што не прашуваат за цената.
Во 2001 година, на една друга аукција на ваква збирка од шекспирови дела, била достигната цена од 6,2 милиони долари. Тој, тогашен рекорд за делата на прославениот англиски автор, овој пат беше убедливо надминат.
Идентитетот на сегашниот купувач, „Кристис“ одбива да го соопшти.
Оваа збирка, за продавање ја има понудено приватниот Универзитет Милс Колеџ, од градот Оукленд, во Калифорнија.