Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција: проблеми со ултра-десницата

Зак Костопулос. Фото: Морикис Григорис

Грција: проблеми со ултра-десницата

Кусо време по осудувањето на целото раководство на пронацистичката Златна Зора, што во грчката јавност беше означено како пресметка на демократска Грција со неонацизмот, во Атина е покренат нов голем судски процес.

И за овој, како и оној против грчките неонацисти, се зборува како за „мошне важен за вкупната клима во општеството“.

Станува збор за судењето за убиството на Зак Костопулос, активист на грчката ЛГБТ заедница, брутално убиен пред две години, среде бел ден, во Атина.

Обвинети за ова злосторство се еден локален златар, еден менаџер и четворица грчки полицајци.

Како адвокат на одбраната се појавува Анастасиос Плаврис кој е и пратеник на сега владејачката партија Неа Демократиа, инаку син на еден „теоретичар“ на националсоцијализмот во Грција!

Прикривање од полицијата

Веднаш по убиството на несреќниот Костопулос, полицијата се обидела набрзина да го затвори целиот случај, објавувајќи дека убиениот, всушност, самиот се повредил, нанесувајќи си ја смртоносната рана.

Таквата верзија, без ниту малку настојување да се разбере вистината, веднаш ја имаат прифатено и најголемиот број од грчките медиуми.

Работите почнале да се менуваат кога на интернет се појавиле снимени сцени од претепувањето и од убивањето на Зак, на кои се гледаат и актерите во злосторството.

Овој видео материјал откри и какви се состојбите во делови од грчката полиција, но фрли и сенка врз медиумите во земјата, откривајќи ја нивната идеолошка поставеност и нивниот однос кон ЛГБТ заедницата во Грција.

Европски медиуми кои се осврнуваат на ова судење, врзувајќи го и за она, на партијата Златна Зора- сега означена како криминална организација- посочуваат дека Грција продолжува да има проблеми не само неонацизмот, туку и со ултра-десницата, за кои се вели дека се уште имаат „база“ во грчката јавност!

Грците – антисемитски настроени

Како еден од доказите за тоа се посочува податокот дека во Грција, во 21 век, во земја-членка на ЕУ која (историски) се означува како колевка на демократијата, се уште силно раширен антисемитизмот.

Иако во земјата има сосема малку Евреи, една анкета направена (навистина) пред шест години, открива дека дури 69 отсто од анкетираните Грци потврдиле дека се антисемитски настроени, или дека имаат предрасуди кон Евреите.

Податокот дека просекот во ЕУ изнесува 26 отсто, дека во западноевропските членки на Унијата е 24 отсто, додека на Истокот се искачува до 34 отсто, ја има шокирано грчката јавност.

Во Атина се настојува да се „оправда“ ситуацијата, тврдејќи дека анкетата не би требало да се зема „здраво за готово“ .
Се тврди дека нема напади врз (сега малата) еврејска заедница, па се посочува дека во градот Јанина (во Епир), на изборите во 2019 година, за градоначалник е избран еден локален Евреин, што е прв таков случај во оваа земја.

Се посочува на примерот на атинскиот епископ Дамескинос во текот на Втората светска војна кој во времето на окупацијата, има спасено повеќе илјади грчки Евреи.

„Срамна индиферентност“

Критичарите на актуелните состојби, меѓутоа, забележуваат дека никој во Грција не сака да зборува за „срамната“ индиферентност (на јавноста) за време на депортацијата во логорите на смртта на 95 отсто од над 53 илјади Евреи, колку што имало тогаш во Солун, градот што еврејската заедница и сега го означува како „европскиот Ерусалим“.

Уште помалку некој е спремен да зборува за нелегалното присвојување на имотот на овие луѓе од страна на домашните, грчки соработници на нацистите.

Претставник на Еврејската заедница во Грција има речено дека последниве години, се почесто има вандалски напади врз еврејските споменици и обележјата на жртвите од Холокаустот, со испишување на нацистичките симболи од времето на последната светска војна.

Само во изминатата недела, регистрирани се оштетувања на еврејските гробишта во Атина, на Родос и на споменикот во Солун. И, сето ова се случувало само седум денови по осудувањето на Златна Зора и на нејзините лидери.

Загрижувачка анкета

За атмосферата во делови од грчкото општество, зборува и една анкета што е направена во средината на овој месец. Според неа, 21 отсто од Грците сметаат дека една „умерена“ Златна Зора – би била корисна во Грција!

Очигледно е дека на луѓето кои вака се определиле во анкетата и натаму не им пречи нескриениот нацизам што го промовираат и го застапуваат во општеството активистите и политичарите на оваа партија.

Од ова, дури, би можело да се заклучи дека, всушност, им пречи осудувањето на Златна Зора и судското дисквалификување на оваа (во еден момент) трета по големина партија во Грција.

Колку за потсетување, во 2014 година, Златна Зора доби десет отсто од гласовите на Грците, за тогашните евро-избори.

Малубројната заедница на Евреите во Грција, затоа, е на мислење дека осудувањето на оваа нескриено, пронацистички определена организација, нема да биде крај за антисемитизмот во грчкото општество.

Песимизмот се објаснува со тоа што антисемитизмот во земјата е одамна присутен, уште пред оваа партија воопшто да постои.

„Разбирање“ од медиумите и обвинителството

Како и да е, сегашните неонацисти, како и разните елементи на ултра-десницата во оваа земја, поради малубројноста на Евреите, својата гнасна идеологија ја имаат насочено кон мигрантите, потоа кон хомосексуалците и целата ЛГБТ заедница, како и кон антифашистите – оние кои ја демаскираат ултрашката идеологија и настојуваат да го изменат односот во јавноста.

Се верува дека „заслугата“ за тоа е на традиционалниот конзервативизам во домашната јавност и на застарените гледања.

Но, во голем обем заслугата е и на Златна Зора, која со децении на ред агитираше низ Грција против мигрантите и странските работници, воопшто, против маргиналните групи и успеваше секогаш да добива поддршка од, како што во Атина велат, „загрижените“ граѓани.

Во европската јавност забележуваат дека „тажното во целата оваа слика за Грција“ и за нејзините проблеми со ултра-десничарењето е забележителното „разбирање“ што тие го имаат добивано од грчките медиуми, како и од државното обвинителство, за кое и во Атина признаваат дека тоа останува да е, главно, десничарски определено.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе