Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Земјотресот го смирува Егејот?

www.globalnewsart.com/BigStock.com

Земјотресот го смирува Егејот?

Бројот на жртвите во последниот земјотрес во Турција, што најтешко го погоди повеќе милионскиот, приморски град Измир, постојано се зголемува. Досега се изброени 70 жртви, се уште има (не се знае колку) исчезнати лица, а над 800 жители на градот се повредени.

Во земјотресот од петокот, рано попладне, урнати се десетици згради. За 20 се тврди дека се целосно уништени, а уште толку дека се потешко оштетени.

Повеќето од нив, меѓутоа, се нови, повеќекатници, што го отвора прашањето – како тоа било можно да се случи. Иако земјотресот имал силина од 7 степени по Рихтер, вакви згради не би требало така лесно, целосно да „пропаднат“ доколку биле градени онака како што е пропишано да се гради на трусно подрачје, за какво се смета без малку целата територија на оваа земја.

Потрес и „мини“ цунами

Епицентарот на потресот бил на длабочина од 16 километри, во Егејското Море, па овој земјотрес има предизвикано штети и човечки жртви и на соседниот грчки остров Самос. На островот две момчиња се загинати, кога врз нив се урнал еден ѕид, а има на десетина полесно и потешко повредени жители. Според грчките власти, повеќе станбени објекти се оштетени.

Земјотресот има предизвикано помал цунами кои ги погоди островот Самос и измирскиот кварт Шеферхисар. Морската вода навлегла во помали бранови на копното, поплавувајќи делови од квартот и од островот, нанесувајќи дополнителна штета, на зградите и „собирајќи“ стотина возила кои биле „однесени“ подлабоко на копното, но сепак, ова цунами, не било ниту приближно моќно и разурнувачко, како оние во Јапонија, или во Бенгалскиот Залив и Индискиот океан, пред 16 години.

Властите на Турција објавија дека земјотресот се почувствувал и до Истанбул, на север, а дека оштетување на згради има во низа турски градови – Денизли, Маниса, Ајдин и Мугла. На грчката страна, потресот бил почувствуван и во Атина, која е во права линија со Измир/Самос, како и на подалечниот остров Крит.

Комуникација: Анкара-Атина

Ниту Турција, а ниту Грција немаат побарано меѓународна помош, која веднаш им беше понудено. Но, двете соседни земји, кои летоска беа на работ да завојуваат една против друга, околу тоа кој каде има право да го истражува дното на Егејското Море, за да се открие и експлоатира подземен гас, веднаш се поврзале, нудејќи една на друга помош и изразувајќи сочувство за загинатите.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис имаат разменето телеграми, изразувајќи притоа спремност, заеднички да работат, ако тоа биде потребно, за да се санираат последиците од земјотресот.

Сето ова е сосема различно од воинствената и непријателска реторика во текот на летните месеци и кризата во Источниот Медитеран, која ги загрижи ЕУ и НАТО, затоа што стануваше збор за потенцијален воен судир меѓу две членки на Алијансата.

Старо-нови кавги

Тоа не е прв пат, овие две земји да се судрат, не толку околу гасот (веројатно го има доволно и за едната и за другата), колку за граничната линија која веќе 100 години знае, од време, на време, да ги раскара.

Определена по Првата светска војна, границата минува покрај самиот западен, турски брег, некаде и на помалку од два километри, како кај островот Родос, на пример, зоната во која Турција навлезе за да трага по подземниот гас, или во делот на Самос и другите грчки острови, наспроти турските туристички места- Кушадаси, Бодрум или Фетие и Мармарис.

Главнината на недоразбирањата, сепак, остануваат водите околу Кипар, чиј северен дел уште од 1974 година, останува под турска контрола. Анкара на тој кипарски дел создаде независна држава „Турска Република Северен Кипар“ која никој во светот ја нема признаено, освен Турција. Само врз основа на тоа, тој коридор меѓу брегот на оваа „држава“ и јужниот турски брег, турската страна ги смета за „своја“ зона во која може да истражува и да го експлоатира подморското енергетско богатство.

ЕУ и НАТО, успеаја некако да ги смират страстите и прашањето на Источниот Медитеран и гасот да ги свртат на дипломатски терен, откако Франција директно се вклучи, испраќајки свои воени бродови и авиони во регионот.

Време за преговори

Сместени во базата на Крит тие, сега, се некаков гарант за смирувањето, откако Анкара својот брод-трагач по гасот, го обезбедуваше со четири моќни воени бродови, што, нормално, беше сфатено како провокација од позиција на сила.

Работите, изгледа, уште повеќе се смирија откако Солун и Грција, како и критската база на САД, ги посети и американскиот државен секретар Мајк Помпео кој навести зголемување и зајакнување на американската база на овој грчки остров.

Впечаток, меѓутоа, е дека земјотресот од петокот што ги погоди и двете земји, токму во реонот каде работите се најчувствителни, помогна (барем за едно време) да се смират страстите, покажувајќи дека и Турција и Грција може да се однесуваат и да комуницираат и на поинаков начин- без разлика на она што го оставила историјата.

Останува да се види дали потресот ќе помогне и да започнат преговорите за она што ги „тишти“ двете земји, во Источниот Медитеран.

(А.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе