Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон заговара ревизија на Шенген

GabrielPetrescu/BigStock.com

Макрон заговара ревизија на Шенген

Францускиот претседател Емануел Макрон се залага за детално преразгледување на шенгенскиот простор за слободно движење низ ЕУ/Европа и ако треба и за ревизија на шенгенската спогодба.

„Повикувам на ревизија и во секој случај за многу поголема контрола“ – изјавил Макрон за време на посетата на француската граница, со Шпанија, на Пиринеите.

Шефот на француската држава потврдил дека на декемврискиот самит на ЕУ, последниот во оваа година, Париз и официјално ќе побара отворање на ова прашање и ќе понуди неколку француски предлози.

Засилување на француската граница

Ваквата сугестија на Макрон доаѓа непосредно по терористичкиот напад во Виена, како и после трите напади извршени на француска територија, во текот на октомври, на т.н. „осамени волци“ – џихадисти.

Станува збор за обезглавувањето на еден француски учител во едно париско предградие, од страна на 18 годишен „домашен“ Чеченец, за нападот со нож во Ница, од дојден млад Тунижанец и за (подзаборавениот) напад на еден Пакистанец кој во Париз се обиде да го повтори нападот врз редакцијата на весникот „Шарл Ебдо“, од пет години.

Францускиот претседател, во ова меѓувреме, одлучи двојно да се зголеми бројот на пограничните сили, од досегашните 2400, на 4800 припадници, со цел да се оневозможи навлегувањето на терористите, како и на трговците со луѓе и на илегалните мигранти.

Токму Шпанија се посочува како еден од „главните влезови“ за илегални мигранти во Франција кои се префрлаат на европскиот континент од Северна Африка.

По терористичкиот напад во Виена, каде 20 годишен џихадист, уби четири лица, Макрон ги повика сите земји од ЕУ, за заеднички одговор на тероризмот на европско копно. Според официјален Париз, нападот во австрискиот главен град покажал дека се уште постојат пропусти во европската безбедност.

Безбедносни грешки

Австрија призна дека има направено грешки околу тероризмот на виенските улици. Била претходно предупредена за заканата од домашните џихадисти, сите подготвени за да заминат и да се борат во Сирија.

Од друга страна, Словачка, каде виенскиот терорист купувал оружје, сега се брани дека ги известила австриските служби. Но, без разлика на тоа- останува сознанието дека оваа средноевропска земја, членка на ЕУ и натаму е пазар на кој илегално може да се набават оружје и друга опрема за терористички напади.

Иако не е веќе во ЕУ, Британија веднаш се огласи со потребата за засилена борба со тероризмот.

Земјата со години на ред, особено по нападот во Лондон од јули 2005 година, е цел на цела низа терористички напади, пред се, британскиот главен град. Владата во Лондон, затоа, веднаш по виенскиот напад, објави засилување на безбедносните мерки.

Во секој случај, терористичката закана станува голема. За францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманер, таа закана е насочена, пред се, кон земјите на Западна Европа.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе