Шведска го напушта „шведскиот модел“
Шведската влада која досега промовираше „свој модел“ за борба со коронавирусот, сепак одлучи да го напушти, откако Шведска се соочува со силен наплив на новозаразени лица.
Моделот, всушност, се состоеше од полабави мерки за заштита против ширењето на пандемијата, за разлика од мерките кои ги применуваа, најголемиот број од земјите во ЕУ и во Европа.
Владата во Стокхолм, тогаш, не воведе карантин, или полициски час, а кафулињата и рестораните останаа отворени. Дури ниту носењето маска на лицето и одржувањето дистанца, до два метри, не беше поставено како задолжителна мерка, туку остана само како препорака.
Сето тоа беше оставено на луѓето самите да бидат дисциплинирани, што домашните епидемиолози го ставија во рамките на нивниот концепт за т.н. колективен имунитет.
За овој концепт тие веруваа дека е подобар од силните заштитни мерки на кои инсистираше Светската здравствена организација и најголемиот број епидемиолози во Европа, Америка и насекаде во светот.
Меѓутоа, уште од порано, Шведска се откажа од идејата за создавање „колективен имунитет“ во врска со сегашната епидемија со коронавирусот.
А, сега се откажува и од својот „модел“. Тој предизвика полемики во здравствените кругови надвор од Шведска, а посебно кај противниците на строгите мерки и кај оние кои (и натаму) не веруваат дека воопшто постои вирус.
Владата, сепак, се определи за строги мерки за заштита, какви досега немаше, па одлучи да се забранат собирања на повеќе од осум лица, а од граѓаните владата побара повеќе да не одат во теретани и библиотеки, но над се, да не организираат домашни забави, дружење и вечери.
Најновите податоци покажуваат дека бројот на новзаразените забрзано се зголемува, но како проблем за Шведска е што се зголемува и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување.
Бројот на хоспитализираните е зголемен за 60 отсто, за само една недела, а стапката на починати важи за една од највисоките во Европа, според бројот на жителите во земјата.
Белгија: Вакцината против корона ќе биде бесплатна
Белгискиот министер за здравство Франк Ван Дер Брук изјави дека вакцината против коронавирусот, тогаш кога ќе се појави и ќе почне да се употребува, ќе биде бесплатна за сите граѓани на Белгија.
Вакцинацијата нема да биде задолжителна и нема да им натура на луѓето, доколку не сакаат, но целта на белгиската влада е да биде вакцинирано 70 отсто од населението во земјата, или околу осум милиони Белгијци.
Приоритетни при вакцинирањето ќе бидат здравствените лица – лекарите, медицинските сестри и медицинскиот персонал, како и постарите лица.
Но, според министерот Дер Брук, конечната одлука за тоа кои категории на граѓани ќе бидат на приоритетните листи, ќе зависи од одлуката здравствените експерти.
Белгија очекува, првиот, ограничен број вакцини, да пристигне, најрано, идната година.
Италија: Одново рекорди со заразеноста и смртноста
Во Италија која на почетокот од вториот бран на пандемијата, изгледаше, дека нема да се соочи со ситуацијата која ја имаше пролетоска, во изминатите неколку денови, одново бележи забрзан раст на новозаразените и на починатите пациенти.
Во последните 24 часови, меѓу понеделникот и вторникот, се регистрирани, над 730 починати, што е најмногу уште од почетокот на април, кога земјата не можеше да стигне да ги погребува сите умрени од последиците на епидемијата.
Италија веќе ја надмина бројката од 1,2 милиони заразени, од почетокот на пандемијата, која во Кина се појави токму пред една година, кога во Вухан беше регистриран првиот случај на заболен од вирус, што тамошните лекари го означија како досега непознат.
Токму од Кина, преку странските работници, но и туристите кои доаѓаа во Европа пред Божикните и Новогодишните празници, Кинезите го „транспортираат“ вирусот, прво во Италија, а од таму низ Европа.
Италијанските лекари кои први почнаа да се жалат дека нема да има доволно здравствен персонал за борба со пандемијата, сега признаваат дека нивното здравство ќе може да остане во кондиција, само со „увоз“ на странски лекари и медицински сестри.
Унгарија: Здравството пред колапс
Унгарската влада се соочува со вистински колапс на јавното здравство, кое повеќе не може да го издржи притисокот на новозаразените и на болните од Ковид-19. За нив повеќе нема доволно место во болниците – во одделенијата за интензивна нега, како што нема ни кревети со респиатори.
Владата интервенто има увезено ваква медицинска опрема, но проблемот е што земјата нема доволно лекари и друг медицински кадар, за да се справи со забрзано растечкиот број новозаразени и болни на кои им е потребна хоспитализација.
Земјата досега се обидуваше да се бори со епидемијата со поблаги мерки за заштита, но од почетокот на неделава, на сила се најстрогите мерки кои беа во употреба во другите земји, уште во време на првиот бран. Владата во Будимпешта, сега воведе и карантин и полициски час, за да се запре епидемијата.
Епидемиолозите предупредуваат дека доколку новите остри мерки не помогнат, тогаш шансите за „преживување на здравството“ ќе изнесуваат пола-пола, бидејќи значително ќе порасне бројот на заболените.
Унгарските болници немаат веќе места за да ги примаат сите заразени, па забрзано се прошируваат одделенијата за интензивна нега, за да може да се примаат нови пациенти.