Борисов ветува спремност за преговори
Помалку од 24 часови по бугарското вето за Македонија, ставено на министерскиот состанок на ЕУ, за старт на преговарачкиот процес за членство во Унијата, на кој официјална Софија ја подржа Тирана, но не и Скопје, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Бугарија е „подготвена за продолжување на разговорите со Македонија, за решавање на спорните прашања“.
Бугарската блокада, иако беше извесна, ја револтира македонската јавност, на која Софија (одново) и го покажа свое грдо лице на недобронамерен сосед, но ја револтира и политичката јавност во регионот на Западен Балкан, како Брисел (Европската комисија), Берлин, затоа што Германија до крајот на оваа година, претседава со ЕУ.
Поправање на сликата
Борисов кој сега настојува некако да ја поправи сликата што ја остави Бугарија, зборувајќи за спремноста за преговори, настојува да ја увери европската јавност, САД, но и бугарската јавност дека во досегашните преговори со Македонија, Бугарија немала „тврдоглава позиција“, како и дека нејзината позиција немала за цел да се запре (европскиот пат) на „нашите пријатели“ во Скопје.
Меѓутоа и натаму зборува дека „соседите треба да ги исполнат обврските од Спогодбата за соработка и пријателство. Притоа, тој не споменува ништо за тоа, кои се бугарските обврски од овој документ (веќе ратификуван во двете земји) и дали Софија ги исполнила сите свои обврски, а Скопје одбива тоа да го направи.
Бугарскиот премиер на овој начин, настојува да ја увери и ЕУ, а и сите другите, дека бугарската страна била „добронамерна и дури загрижена“ па во разговорите со Скопје „внимателно објаснувала до каде Софија може да прави компромиси“.
Изјавите на Захариева
При тоа, Борисов зборувал и за Комисијата за историја, но ја претставувал како да е таа направена за да од Македонија се бара да се согласи со се она што бугарската страна ќе го побара, иако се знае дека комисијата е дел од Спогодбата, а бидејќи таа е билатерална, обврските треба да се однесуваат и за двете страни.
Колку за потсетување – токму од Софија, изминатите недели, беше испукан цел арсенал од стара историографија и груба антимакедонска реторика, во која доминира дека Македонците, всушност, се „бугари“ и дека нашиот јазик е „бугарски„- или како што минатата недела изјави министерката за надворешни работи Захариева, за една софиска телевизија- Бугарија во Македонија не бара свое малцинство, затоа што сите таму се бугари!
Ваквите пораки на „пријателство“ премиерот ги прескокнува и на Скопје, едноставно, му ја префрла топката. Борисов ја прекори македонската страна дека била „непопустлива и дека мислела оти до договор ќе се дојде само со притисоци (кон Софија) и со лобирање (од Европа), при што од Бугарија ќе се бара да го измени својот став“.
Време за преговори
Во Скопје, пак, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, исто така, изрази подготвеност да се продолжи и да се интензивира дијалогот со Софија. Тој, меѓутоа, бугарското вето и блокадата за започнување на преговарачкиот процес, уште во текот на овој месец, го оквалификува како „пораз на ЕУ и како голема неправда“ кон Македонија.
Заев, сепак, верува дека има време и шанси за да се стигне до договор, во текот на сегашното германско претседателство со ЕУ. Македонскиот премиер, уште по потврдата од Брисел, дека Софија ставила вето за Скопје, објави дека тој и Борисов се во контакт, дека тие продолжуваат со комуникацијата, како и дека тоа се одвива и на ниво на министрите за надворешни работи.
Во меѓувреме, веднаш по постапката на Бугарија, се огласи германското претседателство, како и Европската комисија на кои Софија им ги има пореметено сите планови, па сега се навестуваат дополнителни напори за да се решат „спорните прашања“.
ЕУ како посредник
Тоа го потврди и премиерот Заев, кој меѓутоа, инсистира дека НЕ СЕ ПРЕГОВАРА, за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик.
„Верувам дека ќе има договор (со Бугарија) и дека при тоа ќе ги заштитиме нашите национални интереси“ – рекол македонскиот премиер.
Во тоа е уверен и германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот кој најави дека како посредник во македонско-бугарските разговори ќе се вклучи ЕУ. Тој смета дека има неколку недели работа и со „добра волја и храброст“ ќе се надминат проблемите.
Државите од Западен Балкан постигнаа многу на патот кон ЕУ, но тие имаат и свои очекувања. На овој регион му треба јасен сигнал ние, ЕУ, сме со нив, на нивната страна, односно дека ќе го извршиме своето, ако тие ги исполнат своите обврски – рекол Михаел Рот, по бугарското вето за Македонија.
(Б.Б.)