Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Британија почнува со вакцинирање

rusak/BigStock.com

Британија почнува со вакцинирање

Велика Британија ја одобри за употреба вакцината против коронавирусот, на американската компанија „Фајзер“, па сега би можело веднаш да се почне со вакцинација на населението. Според шемата што претходно беше објавена, предност во вакцинирањето имаат здравствените работници и старите и хронично болни и изнемоштени лица.

Одлуката на британските здравствени власти за вакцинирање со „Фајзер“ вакцината доаѓа само после 23 денови од објавувањето на резултатите на компанијата за завршната фаза од клиничкото испитување. Се очекува вакцинирањето на Британците да започне веќе од следната недела.

Премиерот Борис Џонсон ги повика граѓаните да ја прифатат вакцината, иако вакцинирањето нема да биде задолжително.

„Фајзер“ веќе има започнато со производство на вакцината во неговата фабрика во Белгија и се навестува дека ќе се произведат доволни количества, за да не се појави обесхрабрување кај луѓето доколку на стартот се покаже дека нема доволно вакцини. Во компанијата уверуваат дека ќе зголемат и ќе ги засилат сите свои производни капацитети.

Претставник на компанијата рекол дека до крајот на следната година, „Фајзер“ ќе располага со повеќе дози вакцини отколку што тоа ќе му биде потребно на светот.

Лондонските медиуми, меѓутоа, јавуваат дека Британците се претпазливи околу вакцинирањето, најмногу затоа што оваа и сите други вакцини се подготвени, некако набрзина, во трката на неколку фирми од неколку земји – САД, Британија, Германија, Кина и Русија – пред сите други.

Европската комисија во Брисел соопшти дека до крајот на оваа година, ниту една од понудените вакцини, нема да добие дозвола за употреба во земјите од Унијата.

Сите земји – членки се придржуваат на тој заеднички определен рок, освен орбанова Унгарија, која соопшти дека таа ќе ја користи руската вакцина. Другите земји во ЕУ, ќе почнат да го вакцинираат своето население во текот на март и април.

Во меѓувреме, германскиот институт „Роберт Кох“ предупредува да не се создава еуфорија од брзата употреба на новата вакцина, најавувајќи дека сега претстои темелното анализирање кое се смета дека ќе потрае, а процесот на вакцинирањето ќе се продолжи до крајот на следната 2021 година.

Обама, Буш и Клинтон – јавно ќе се вакцинираат

Тројцата поранешни американски претседатели, Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон изразија подготвеност – јавно да се вакцинираат, за да ги поттикнат Американците да се одлучат да примат вакцина.

Обама (59) изјави дека има целосна доверба во здравствените органи на САД и посебно во имунологот др. Ентони Фаучи, за кого вели дека е научник кој е исклучително ценет во Америка. „Ако Фаучи рече дека вакцината е безбедна и може да заштити од коронавирусот, нема ниту за момент да размислувам дали да ја примам“ – рекол Обама, согласувајќи се тоа да го направи и пред телевизиските камери.

Портпарол на Џорџ Буш (74) рекол дека и овој порашенен претседател е подготвен да ја прими новата вакцина, за да се промовира пред домашната јавност, а така реагирал и Бил Клинтон, кој е врсник по годините со Буш. Неговиот портпарол рекол дека и Клинтон се согласува за вакцинирање пред камери.

Изјавите на тројцата поранешни претседатели на САД доаѓа во време кога домашните медиуми им сугерираат на новозибраниот претседател Џо Бајден (78) како и избраната потпретседателка Камала Харис (56) – во живо да примат од новата вакцина, за да се убедат Американците кои сега се сомневаат во неа.

Почина Валери Жискар Дестен

Во својот дом во Франција, починал поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, од последиците предизвикани од коронавирусот – соопштило неговото семејство. Во соопштението се вели дека изминатите недели му се влошило здравјето, по компликациите од вирусот. Имаше 95 години.

По негово барање, тој ќе биде погребан во строго приватна церемонија, во присуство само на членовите на семејството. Франција и Европа, а посебно лидерите на ЕУ, меѓутоа, му оддаваат големо признание за неговата работа на процесот за европското интегрирање.

Дестен се означува како голем Европеец кој има многу направено за создавањето на денешната Европска Унија. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер напиша дека францускиот претседател Дестен и германскиот канцелар Хелмут Шмит го имаат конкретизирано сонот за обединување на Европа.

Токму Жискар Дестен го создаде Европскиот совет, врз кој се темелат монетарната унија, а подоцна и заедничката валута – еврото. Тој се залагаше, мошне енергично, за донесување и на Устав на Унијата, но тој предлог што беше и конкретизиран, не помина кај земјите членки. Многумина Европејци, сега, сметаат дека токму тоа е она што на ЕУ и недостасува.

Дестен беше претседател на Франција од 1974 до 1981 година. Во тие години, но и подоцна, како избран европратеник (1989/1993), интензивно има работено и на зацврстување на француско – германското пријателство кое прерасна во „моторот“ на европското интегрирање.

Валери Жискар Дестен е идеен творец на неформалната група Г – 7, на седумте најразвиени економии во светот, што се уште се одржува во текот на летните месеци.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе