САД (и официјално) имаат нов претседател
Америка, конечно, и официјално има нов претседател.
Тоа е демократот Џозеф – Џо Бајден кој на изборите одржани на 3 ноември го победи републиканецот Доналд Трамп, се уште актуелен претседател на САД.
Милијардерот кој пред четири години влезе во политиката и победи на изборите во 2016 година, не успеа да се избори за втор мандат.
Бајден, пак, кој во последната администрација на демократите, што ја предводеше Барак Обама, беше потпретседател, дури во својот трет обид и веќе како политички ветеран, на 20 јануари ќе влезе во Белата куќа, за прв пат, како шеф на државата.
Службената потврда за победата на Бајден доаѓа откако американските електори и формално ја потврдија неговата победа.
Поуверливо од очекуваното
Тоа се случи кога Калифорнија сите свои 55 електорски гласови му ги има дадено на Бајден кој инаку, уверливо победи кај гласачите во оваа сојузна држава која дава и најмногу електори.
Во тој момент, Бајден ја надмина границата од 270 електорски гласови што се минимално потребни за да еден кандидат биде прогласен за победник на изборите.
Во крајната разврска, Бајден има освоено вкупно 306, додека поразениот Трамп 232 електори.
Излегува дека на крајот, демократот Бајден победи и поуверливо откако се предвидуваше, затоа што исто таква победа над својот републикански противкандидат тој извојува и кај т.н. народно гласање.
Бајден е првиот во американската историја кој има добиено над 80 милиони гласови, надминувајќи го Трамп за над седум милиони.
Сепак, важен момент за ваквата изборна разврска е што новоизбраниот претседател ја доби поддршката на гласачите во шест „свинг“ сојузни држави – Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, па сите овие држави, своите електорски гласови му ги имаат дадено на Бајден.
Сомнежи без основа
Тоа се сојузните држави врз кои Трамп, со своите адвокати и агресивни симпатизери, атакуваат уште веднаш по гласањето, тврдејќи (без никаква основа) дека имало „изборен грабеж“, дека имало „масовни измами“, па затоа од почетокот одбива да прифати дека е поразен.
Во сите овие држави до локалните и до сојузните судови, поднесе приговори и тужби, што на крајот сите беа отфрлени. Најмногу затоа што во тужбите не беше понуден ниту еден валиден доказ за тоа дека изборите (наводно) биле „фалсификувани“.
Кога и Врховниот суд на САД одлучи да го отфрли барањето на републиканците за ново гласање во Пенсилванија, стана јасно дека актуелниот претседател е поразен, особено што тој со месеци уверуваше дека изборите ќе завршат пред Врховниот суд.
Оваа највисока судска институција, дури одби и да расправа за ваквото барање, прогласувајќи ја својата одлука – за конечна.
Дисквалификација на победникот
Трамп, меѓутоа, продолжува да војува со сите – обвинувајќи ги локалните судии и гувернерите на шесте „свинг“ сојузни држави.
Гувернерот на Џорџија јавно го навредуваше, во веќе својот, добро познат стил на комуникација со своите политички неистомисленици, а против гувернерот на Мичиген, дури и ги поттикнуваше своите крајно десничарски симпатизери да се пресметаат.
Ништо од сето она што го направи во пост-изборието не му помогна поразот да го претвори во победа, како што јавно порачуваше.
Успеа само да ја радикализира јавноста кај оние кои нему му се наклонети и да ја подели Америка – идеолошки, расно и социјално, како никогаш досега.
Сето тоа да биде налик на европската ултра – десница која на континентот настојува „црната алијанса“ да ја постави контра либералната демократија и отвореното општество што го заговара ЕУ, затоа што е поставена на едни вакви темели.
Она што сега го прави Доналд Трамп, во своите последни 35 претседателски денови, е само настојување да се дисквалификува Џо Бајден – новиот претседател на САД, за да (дома и надвор) биде означен дека влегол во Белата куќа со „изборна измама“.
Нему не му значи ништо тоа што на тој начин прво ја дисквалификува Америка.
(В.А.)