На крајот – Брегзмас договор
Европската Унија и Велика Британија постигнаа договор за нивните идни трговски и други односи, пред Лондон на 1 јануари целосно да се повлече од Унијата, во која членува од 1973 година.
Договорот доаѓа 4,5 години по јунскиот референдум во Британија за Европа, организиран во 2016 година. Доаѓа во последен момент, после долги и на моменти мачни преговори за кои изгледаше дека се пропаднати – кои во својата финална фаза траеле до раните утрински часови во четвртокот, на ден Бадник, па британските весници побрзаа да направат нова кованица – „договор на Брегзмас“ (од зборовите Brexit (Брегзит) и Christmas (Божик).
Весниците веќе ја имале веста за (конечниот) пробив во преговорите, па на сите нивни насловни страници, во изданијата од четвртокот триумфалистички објавуваат дека „има дил“ и дека излегувањето од ЕУ доаѓа како божиќен подарок!
Божиќ во локдаун
Очигледно е дека Даунинг стрит 10 ги има брифирано сите редакции за новоста која требаше да донесе олеснување за Британците – гневни што владата. Прво им вети „весели празници“, а потоа им соопшти дека најмалку шест милиони луѓе во Англија ќе ги минат божикните празници под услови на локдаун (карантин).
Згора на тоа, тие пред време (или можеби во вистински момент) се соочија со шокот како ќе изгледа Брегзит без договор – по блокадата на Ламанш и по исклучувањето на Британија од авионските летови од педесетина земји од светот, иако причината за тоа беше новиот вид коронавирус.
Но, впечаток е дека порано соопштената вест требаше да го олесни и притисокот врз премиерот Борис Џонсон.
Посебно да го подигне неговиот соборен рејтинг, како последица на неснаоѓањето околу короната, така и околу неговото инаетење со Брисел и со целата ЕУ, околу конечниот, пост – Брегзит договор, кога од рибарството направи витално национално прашање, без разлика што тоа има мал удел во вкупните економски односи со Унијата.
Како и да е, договорот со Брисел значи крај за Британците во Европа кои на 1 јануари, наместо полноправна членка ќе станат најзначајниот трговски партнер на Унијата.
Ароганција на Лондон
После се што се случуваше во изминатите години, излегува дека во овие преговори меѓу Лондон и Брисел, сепак, нема победник и поразен.
Преговорите требаше да траат кратко, како што тврдите брегзитери, меѓу кои и Џонсон ги уверуваа Британците.
А, тие не само што се развлекоа, туку во текот на преговарачкиот процес, Британија се најде во политички кризи кои предизвикаа смена на еден премиер, со партиски пуч од сопартијците (Тереза Меј беше соборена од Џонсон и неговото друштво).
На два пати се организираа (непотребни) предвремени избори, затоа што сите заговараа една иста работа – исполнување на референдумската одлука, што ќе рече – за излегување на Британија од ЕУ.
Конечно, во целото тоа време, британската и европската јавност се изнаслуша арогантни пораки од Лондон, како од империјалните времиња на кралицата Викторија, за тоа дека Британија е Велика и затоа може сама, дека ќе и биде и подобро без ЕУ, дури и да не се постигне договор, како и дека светот (безмалку) чека во ред, со Британија да почне да прави договори за слободна трговија, сега кога земјата си ја “повратила слободата“.
„Долгорочно пријателство“
Во соопштението од британската влада, по враќањето на слободата, реакцијата за договорот сои Брисел е во тој тон. „Овој договор ги исполнува сите ветувања што беа дадени и е фантастичен за семејствата и за фирмите во Обединетото кралство, кое си ја враќа назад контролата врз парите, врз границата, законите, трговијата и рибарството“. Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, иако задоволна, што на крајот има договор, не можеше а да не рече дека – „конечно, Брегзит можеме (сите) да го оставиме зад нас“.
Унијата сега ќе може да се сврти кон себе, но и кон другите прашања и теми важни за нејзината иднина.
Таа се согласува дека разговорите со Лондон биле и долги и тешки, но најважното е што договорот е “фер и избалансиран и во интерес на двете страни“. И уште дека договорот е “ цврста основа за добар почеток на едно долгорочно пријателство“, што е налик на последната реплика на Хемфри Богард од филмот “Казабланка“.
Убаво и коректно речено од една дама, каква е Фон дер Лајен, која последната недела и самата мораше се вклучи во преговарањето со многу често превртливиот Борис Џонсон. Сепак, во договорот на три илјади страници, многу работи, барем според првичните сознанија, остануваат недоречени, или едноставно поставени само како основа за нешто што понатаму треба да се разработува и детализира.
Сепак – тежок Брегзит
Двете страни изјавуваат дека се задоволни од постигнатото, а за него се знае само дека британските производи и се она што ќе влегува во ЕУ нема да се царини, како и дека останува заедничкото дејствување во секторот на безбедноста и соработувањето со безбедносните и со полициските служби, како што заеднички ќе биде и пазарот за енергија, но јасно е дека ништо нема да биде исто како што беше досега во секторот на услугите.
Едноставно, светските банки и осигурителните компании (од британска територија) повеќе не ќе имаат слободен пристап на европскиот пазар. Токму затоа, некои веќе си заминаа од Лондон и се преселија во Франкфурт, каде е седиштето на Европската централна банка, или во Луксембург и во Париз.
Според тоа, Британија и ЕУ имаат договор кој им требаше и на двете страни – секако повеќе на британската – но, првиот впечаток е дека на овој начин Лондон обезбеди да нема еден хаотичен Брегзит, кој веќе беше надвиснат над земјата, нејзината економија и над луѓето кои избрзано и измамени од лажната пропаганда на евроскептиците, на референдумот се определија за напуштање на Унијата. Но, овој и ваков Брегзит е, сепак, е онаков како што британската јавност не сакаше да биде – тврд и тежок.
„Невидлива“ граница во Ирска
Прашањето околу Северна Ирска и нејзината граница со Република Ирска, долга 550 км и единствената копнена граница на Британија со ЕУ, останува да “виси“ како недовршена работа, со која може да има и проблеми и да се јавуваат спорови.
Брисел попушти и направи компромис, кога станува збор за тоа кој ќе арбитрира во случај на спор, или на непочутување на договорените одредби.
Тоа значи дека Лондон се избори арбитер да не биде ниту еден суд на ЕУ, туку ваквите состојби да се надминуваат со некакви заеднички комисии.
Ирскиот остров е, сепак, премногу чувствителна работа за да останат недоречени прашањата околу тоа како ќе функционира границата меѓу северниот (британски) дел и Југот, Република Ирска, а тоа значи ЕУ. Границата формално ќе постои – како “невидлива“ – без рампи и царинска и пасошка контрола, што пак, значи дека може да се претвори во најпропусната надворешна граница на ЕУ, за шверц на стоки, но и на луѓе.
„Развод“ на европски начин
И покрај создавањето победничка атмосфера во таборот на ториевците на Џонсон што ја шират антиевропските таблоиди, на крајот Лондон прифатил разводот со ЕУ да биде на европски начин, а тоа значи дека заедничкиот европски пазар и царинската унија нема да бидат загрозени со нелојалната конкуренција од Британија, што беше најважната работа околу која притискаше Брисел во преговорите.
Британците кои се обидуваа да се извлечат од ова, префрлајќи ги работите врз приказните кои антиевропејците ги продаваа во јавноста, во време на кампањата за референдумот и во текот на преговорите за наводното – британско ослободување – во финишот на преговорите мораа да се повлечат.
Ароганцијата им ја оставија на весниците, но Џонсон бараше начин како да го прифати она што ЕУ го бараше – сосема во право – штитејќи ги интересите на 27 земји членки и на 450 милиони население и исто толкав пазар, а тоа да изгледа како “победа“ за него во очите на ториевските гласачи.
Тој остана да зборува дека и тврд Брегизт е добро за Британија, но попушти со инаетењето, притиснат од новата реалност и во неговата земја, а и во Европа и светот.
Домашната јавност сега во поголем процент е против Брегзит. ЕУ покажа поголемо единство и цврстина во одбрана на своите принципиелни позиции, отколку што тоа го тврдеше Џонсон и неговото опкружување од тврди брегзитери.
Нов човек во Вашингтон
Светот од друга страна, не веруваше премногу во уверувањето на официјален Лондон дека ја брани “сувереноста на Британија“, затоа што во 1973 година никој на сила ја нема внесено земјата во тогашната ЕЕЗ, а во 2016 никој од ЕУ не ја истера од Унијата. Уште помалку – никој не ја држи на сила да остане, загрозувајќи и ја независноста и суверенитетот што таа го имаше во ЕУ како никоја друга членка.
Работите се изменија во Вашингтон. Премиерот Џонсон веруваше во победата на Доналд Трамп, исто така популист како и Британецот, а победи, уверливо, Џо Бајден.
А, тој уште како дел од администрацијата на Барак Обама беше против Брегзит, а потоа и против тоа Британците со својата неразумна одлука да и предизвикаат штета на Унијата.
Конечно, како Ирец според своите семејни корени, Бајден уште во својата кампања предупреди дека САД нема да прават дилови за слободна трговија со Лондон, за сметка на нарушувањето на мировниот договор за Северна Ирска од 1998 година.
Или што ќе рече – новата администрација нема да дозволи „пропусната граница“ меѓу двата дела на ирскиот остров да стане ранлива – и за Ирска и за ЕУ, во која Американците гледаат свој силен партнер во глобалниот свет.
Премиерот Борис Џонсон, додворувајќи му се на Трамп веруваше дека ќе успее да се избори во Вашингтон да добие статус на стратешки партнер на САД, но уште со него во Белата куќа, забележа дека Американецот не стои на ветувањата за брз договор за трговија со Британците. Тоа, сега со Бајден, ќе оди и потешко, па затоа Лондон прифати – иако во последен момент – да направи компромис. Она што веднаш требаше да се направи.
(Спектатор)