Почина најпознатиот британски двоен агент
Џорџ Блејк, поранешен разузнавач на британската агенција МИ6 и еден од можеби најнеславните двојни агенти, од времето на Студената војна, починал во Москва, во 98 година – јавуваат руските медиуми.
Во период од девет години, пред да биде откриен и уапсен, овој советски шпион делувајќи како „крт“ во редовите на МИ6, има предадено низа важни тајни и исто такви документи, но и откриено на десетици (се тврди над 40) оперативци на британската тајна служба во Источна Европа.
Уапсен е во 1960 година и осуден на долгогодишна затворска казна. Во 1966 година, меѓутоа, Блејк успева да побегне од затворот и да се префрли во тогашен Советски Сојуз (Русија), веројатно, со помош на советската тајна служба КГБ.
Советски „крт“ во МИ6
Останува таму до крајот на животот. Руската тајна служба во својот „ин мемориам“ има речено дека Џорџ Блејк „се до својата смрт останал со љубов кон земјата“ во која ќе живее повеќе од половина век.
Роден е како Георг Бехар, во Ротердам, во Холандија. Неговиот татко, инаку Евреин, војувал на британска страна во текот на Првата светска војна, па бил награден со британско државјанство.
Блејк, пак, уште како многу млад станал дел од холандското движење на отпорот во Втората светска војна, во кое останува пред да побегне во британски Гибралтар. Набргу потоа се приклучува во британската тајна служба.
Многу години подоцна, во 1990 година, Блејк ќе признае дека на советската тајна служба им има предадено дури 500 западни разузнавачи кои дејствувале на територијата на комунистичкиот Исток и на други локации.
Но, одбива да прифати дека поради неговото непријателско дејствување против својата земја и извршените предавства, 42 оперативци загинале, или биле убиени.
„Љубов кон комунизмот“
Неговиот случај и денеска се смета за еден од најголемите неуспеси и пропусти на британската тајна служба. Не само што слободно, како “ крт“ и како двоен шпион, дејствувал девет години, туку и што им побегнал Британците.
На судењето тој ја признал својата вина. Но, тоа не ја поправило големата штета што во тоа време им ја има нанесено на тајната служба на Британија.
Не се знае до кога би можел слободно да дејствува, доколку на Западот не побегнал еден полски разузнавач. Тој веднаш им открил на Британците дека Советите имаат свој човек – „крт“ во редовите на МИ6.
Во едно интервју, Џорџ Блек своето предавство ќе го објасни со, како што рекол, љубовта и вербата кон комунизмот. Не се знае како го има доживеано падот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз.