Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Антички „фаст фуд“ најден во Помпеја

Serg73/BigStock.com

Антички „фаст фуд“ најден во Помпеја

Италијанските археолози кои работат на ископините на античкиот град Помпеја, во близината на Неапол, соопштија дека откриле „Термополиум“, односно еден вид продавница за брза храна во времето на Римската Империја.

Станува збор за антички „фаст фуд“ ресторан кој е најден во извонредно сочувана состојба, украсен и со разнобојни фрески и мотиви, откако бил затрупан во пепелта и се друго што на него се наталожило, по ерупцијата на вулканот Везув, од пред две илјади години.

Што се јадело во античко време

Археолозите тврдат дека најважното во ова откритие е богатиот рељеф на „шанкот“ исполнет со цртежи за тоа каква била понудата на ресторанот.

Тоа е значајна информација за гастрономските навики на жителите на античка Помпеја и на целото тоа време, во 79 година од нашата ера кога страшната ерупција на вулканот го затрупал овој град – објаснуваат археолозите.

Тие велат дека во откриените лонци, изработени од теракота, откриле и остатоци од храната што во моментот на ерупцијата била приготвена за гостите – делови од патка, свински ребра, козје месо, но и риба, полжави, како и зготвени јадења. Во непосредна близина на ресторанот се откриени и амфори, цистерна за вода, како и чешма.

Најдени се и човечки остатоци за кои се претпоставува дека му припаѓаат на човек – маж кој работел во ресторанот, но за разлика од другите, не успеал да побегне. Археолозите се уверени дека тој настрадал уште при првиот удар на ерупцијата, најверојатно при уривањето на некои од ѕидовите.

Мека за туристите

„Термополиумовите“ биле мошне популарни во времето на Римската Империја, за исхрана на луѓето во текот на денот, пред да се приберат дома, за вечера. Нешто сосема налик на денешните „фаст фуд“ ресторани. Само во Помпеја ги имало осумдесетина.

Археолозите најавуваат дека откритието на овој антички ресторан ќе им биде прикажан на туристите на пролет во 2021 година. Помпеја и денеска е исклучително популарен антички локалитет во Италија.

Над четири милиони туристи го посетиле овој град, ископан од пепелта, во текот на минатата 2019 година. Пред него по посетеноста е само римскиот Колосеум.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе