Таткото на Борис Џонсон со француски пасош
Таткото на британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека има поднесено барање за добивање француски пасош, откако има земено француско државјанство, настојувајќи – како што рекол – да не ги прекине своите врски со ЕУ, откако Велика Британија, на полноќ, на 1 јануари излезе од Унијата.
Стенли Џонсон (80) е поранешен член на Европскиот Парламент и негов функционер. На референдумот за Европа, во јуни 2016 година, тој има гласано за останување на Британија во ЕУ.
Во изјава на француски јазик, за радиото РТЛ таткото Џонсон рекол дека со добивањето и на француски пасош само сакал да ги потврди своите силни семејни врски кои ги има со Франција.
„Останувам Европеец“
„Всушност, јас сум Французин. Мојата мајка (бабата на сегашниот британски премиер) беше родена во Франција, од мајка Французинка, како што бил и нејзиниот дедо. Според тоа, ова за мене претставува потврда на она што навистина сум“ – рекол Стенли Џонсон.
„Секако, дека ќе бидам Европеец. И сигурно е дека НЕКОЈ не може им кажува на Британците дека повеќе не се Европејци. Многу е важно да се има врски со ЕУ”
…изјавил во разговорот за РТЛ, мислејќи при тоа на неговиот син Борис Џонсон.
Синот, меѓутоа, иако се дошколувал и живеел со таткото во Брисел, кога овој работел во ЕЕЗ, беше „заштитен знак“ на силната анти-европската и анти-ЕУ кампања во време на кампањата за напуштање на ЕУ, исполнета со бројни измислици, неточни информации и полувистини.
Токму синот Џонсон зборуваше дека Британија „одново ќе биде просперитетна и моќна“, како и „вистински суверена држава“ кога ќе излезе од „премногу бирократизираната ЕУ“.
Поинаков тон
Во средата, во текот на дебатата во британскиот Парламент, за ратификација на трговскиот договор со ЕУ, после Брегзит, Борис Џонсон зборуваше во сосема поинаков тон – и натаму инсистира дека она што го заговараше и на крајот успеа во тоа било добро решение, но сега е поумерен кога станува збор за Унијата.
„Ова (конечниот Брегзит) не значи крај на Британија како европска држава. Ние на многу начини сме типична европска цивилизација и ќе продолжиме и понатаму да бидеме тоа што сме“.
На полноќ, по европско време, Британија и ЕУ и формално се разделија, после 48 години членување во поранешната ЕЕЗ и во сегашната Европска Унија.
(Д.Л.)