Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Шкотска во ЕУ како независна држава“

Mr Doomits/BigStock.com

„Шкотска во ЕУ како независна држава“

На преминот меѓу старата и новата година, што се поклопи и со конечното излегување на Велика Британија од ЕУ, Шкотланѓаните го искористија моментот уште еднаш да го отворат прашањето за својата политичка иднина – дали да останат дел од Обединетото кралство во кое Шкотска припаѓа уште од 1707 година, или пак да продолжат како целосно независна држава.

За Никола Старџен, шкотски прв министер, меѓутоа, како да нема дилема. Таа во пораката до домашната јавност изјави дека Шкотска ќе биде независна држава и тогаш ќе се врати и во Европската Унија, од која сега е „насила извадена“.

„Ние се надеваме дека ќе бидеме одново дел од ЕУ – овој пат како независни” – порача Старџен.

Повеќе од три века заедно

Шкотска до пред 313 години беше независна, но таа година, стравувајќи од можноста од банкротство на државата, властите во тогашен Единбург им предлагаат на Англичаните двете земји да се обединат, што Лондон го прифаќа.

Шкотланѓаните се откажуваат од својот Парламент, како и од својата круна, за сметка на заедничкиот британски Парламент и заедничкиот трон, на кој покрај англиски, ќе продефилираат и многу шкотски кралски глави.

Шкотскиот Парламент беше обновен пред заедничката држава (Велика Британија) да наполни три века, со законот за деволуција. Со него Шкотска има добиено широка автономија, носи сопствени закони, има сопствена влада и прв министер на нејзиното чело.

Има своја економска-финансиска, социјална, образовна, културна и друга политика – освен во секторот на надворешните работи и одбраната, што и е препуштено на британската влада.

Но законот за деволуција беше донесен на крајот од деведесеттите години на 20 век, за да го ублажи се посилниот притисок на националните и на сепаратистичките сили во шкотското општество.

На почетокот од триесеттите години овие сили беа предводени од малата Шкотска национална партија (СНП), која и сега е „моторот“ на идејата за враќање на целосната државност и независност, но таа последниве 15 години стана и доминанта политичка сила во овој дел на Британија.

Кампања за отцепување

Долгогодишниот лидера на СНП, Алекс Салмонд успеа дури да изнуди од Лондон и организирање референдум за независност, во септември 2014 година, водејќи кампања за тоа дека дадената самоуправа не е она што може да ги задоволи потребите и амбициите на Шкотска.

Тој водеше кампања за тоа дека Шкотска може сама – без Обединетото кралство – да живее и богато и просперитетно, сметајќи и на нафтата и гасот што се црпат од дното на Северно Море, во подрачје кое е дел од шкотската територија.

Конечно, агитираше дека земјата (како независна) веднаш ќе побара прием во ЕУ, па дури и дека би можела да биде дел и од еврозоната.

На референдумот, шкотските гласачи се определија да останат во унијата со Англичаните, со Велшаните и Северните Ирци, меѓу другото и затоа што од централната британска каса Шкотска и натаму, годишно, добива и до десет милијарди фунти, за својот позабрзан развој.

Но, впечаток е дека одлучувачко за ваквиот исход на референдумот беше што земјата веќе беше во ЕУ, па преку лондонската влада и во овој дел од Британија влегуваа европските пари.

Нов референдум?

Работите целосно се изменија откако Англичаните, пред сите другите во кралството, се определија за политика за напуштање на ЕУ. Без многу размислување, тогашниот премиер ториевецот Дејвид Камерон, одлучи да се коцка со иднината на државата и прифати референдум за Европа, иако тоа никој од него не го бараше.

И загуби на референдумот со минимална разлика, но доволно за да се отвори процесот на Брегзит кој целосно ја зароби државата 4,5 години.

Освен тоа длабоко ја подели, како ниту една друга политичка одлука пред тоа и го покрена сепаратизмот. Пред се, во Шкотска.

Сегашниот прв министер Старџен која е и лидер на СНП, уште во текот на кампањата за референдумот предупредуваше дека излегувањето на Британија од ЕУ ќе значи покренување постапка за нов референдум за независност.

На тоа таа потсети и сега, откако земјата во новогодишната ноќ, целосно се повлече од Унијата во која беше 48 години.

Владата во Лондон, во последен час, успеа само да постигне договор со Брисел за слободна трговија, но тој не влијае врз темелно изменетата британската позиција во Европа и особено врз статусот на сите Британци кои сега мора да се соочат со разните блокади што, секако, ќе ги донесе напуштањето на ЕУ.

Брегзит против шкотска волја

„Нашите граѓани (мисли на Шкотланѓаните) сега, после напуштањето на ЕУ, ќе бидат помалку безбедни, ќе им биде оневозможено правото на работа, правото да се образуваат и да живеат во Европа, што досега го имаа. Дури две илјади Шкотланѓани во 2019 година беа дел од програмата за универзитетска размена во рамките на ЕУ – позната како Еразмус – од која владата во Лондон се откажа, веднаш по излегувањето од Унијата“ – има речено Старџен.

Таа тврди дека Британија, а преку неа и Шкотска, сега минува низ тежок период на „тврд“ Брегзит и против шкотската волја, уште соочени со пандемијата и рецесијата.

Затоа, Старџен и навести дека таа и нејзината влада ќе работат за тоа да се организира втор референдум за независност на Шкотска.

На првиот, 55 отсто од шкотските гласачи беа за останување во Британија, сега, после Брегзит, дури 58 отсто од Шкотланѓаните се за тоа нивната земја да си ја поврати еднаш дадената независност.

Мнозинството е за независност

Според истражувањето што го има направено агенцијата „КомРес“ ова е досега највисок процент со поддршка за отцепувањето од Обединетото кралство. Освен тоа, на референдумот за Брегзит над 62 отсто од луѓето во Шкотска се определија за останување на Британија во ЕУ.

Во Единбург веруваат дека Шкотска и луѓето таму се измамени. На референдумот во 2014 година, беа уверувани да останат во Британија – затоа што таа им обезбедува членство во ЕУ, а сега Британија излезе од ЕУ, против волјата на луѓето во Шкотска.

Според Старџен, безмалку 50 години Шкотска беше во ЕУ и сака и натаму да остане, затоа што земјата имаше полза од членството – преку единствениот пазар, како и преку правото на слободно движење.

„Ние не сакавме да излеземе од Унијата, па затоа сега сакаме да се вратиме, но овој пат како партнер на ЕУ“ – порача Никола Страџен.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе