Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

СЗО во карантин во Вухан

Phongsaya Limpakhom/BigStock.com

СЗО во карантин во Вухан

Десет членови на делегацијата на Светската здравствена организација (СЗО) се наоѓаат во Кина, во Вухан, градот од каде тргна епидемијата на коронавирусот, за да трагаат и да го откријат потеклото и коренот на вирусот.

Но, како стојат сега работите, сосема е неизвесно дали властите во Пекинг ќе дозволат да се дојде до едно такво откритие кое целиот свет го очекува. Особено, доколку се открие дека сознанијата до кои би дошле експертите на СЗО нема да им се допаднат на кинеските власти.

Ваквите сомнежи во меѓународната јавност го следат почетокот на целата оваа операција, иако дозволата за доаѓање на СЗО ја има дадено (велат) лично кинескиот претседател Си Џипинг.

Условување од кинеските власти

Едноставно, дозволата доаѓа после повеќе месечни тешки и на моменти мачни преговори, а некои велат и пазарење и дипломатско убедување, за нешто што самата Кина требаше да го започне и да побара меѓународна соработка. Прво, за да се совлада сегашната пандемија, која една година го држи светот во „заробен“ и немоќен, но и за да се спречи некоја друга ваква глобална епидемија.

Научниците (засега) веруваат дека вирусот кој има „убиено“ над 1,9 милиони лица ширум светот, потекнува од лилјаците, што во Кина се јадат, или од некое друго диво животно кои, инаку, се продаваат на тамошните пазари, заедно со свежото месо и риби, како и со зеленчукот и овошјата.

Кинеските власти, меѓутоа, се налутени на светот што уште од минатата пролет Кина се критикува затоа што допушти вирусот да се рашири со голема брзина и да се претвори во глобална пандемија, па затоа почнаа да се бранат на тој начин што ги обвинуваат другите, дека заразата, всушност и не е кинеска, туку дека била внесена од надвор, преку увозот на морска храна што доаѓа на кинескиот пазар!?

Природен или вештачки вирус

Од друга страна, има експерти низ светот кои веруваат дека коронавирусот не се има развиено од некои од пазарите во Вухан, туку дека можеби е произведен во некоја од лабораториите кои постојат во овој 11 милионски град, од каде, на некој начин се има отргнато од контрола.

Како и да е, во декември, беше постигнат договор меѓу власта во Пекинг и СЗО, една нивна делегација да дојде во Кина. И кога се изгледаше дека е во ред, тамошните власти одново почнаа со своите политички игри, за тоа кој може, а кој не може да биде во меѓународниот експертски тим, по што уследи ново одлагање.

Кога светот почна на големо да зборува дека Кина ја сокрива вистината и се плаши од одговорноста со која би се соочила, СЗО определи десет научници-вирусолози и други експерти за да овој месец почнат со работа.

И уште еднаш, од Пекинг беше направена блокада – експертите не може да бидат на теренот повеќе од шест недели и на почеток – мора да седат две недели во КАРАНТИН.

Неизвесна мисија

Кинеската државна телевизиска станица Си – Си – Ти – Ви на англиски јазик во својата информација за пристигнувањето на експертскиот тим на СЗО објасни дека тие доаѓаат САМО ЗА РАЗМЕНА НА МИСЛЕЊЕ со кинеските научници.

Во веста која секако не е независна, нема ништо за тоа дека тие се дојдени за истрага за потеклото на вирусот, а уште помалку дека треба да собираат докази. Освен тоа, тогаш се разбра, по излегувањето на експертите од карантин, сите ќе мора да одат и на ново тестирање – за да се утврди дали се заразени.

СЗО, пак, која се наоѓа во вистински незгодна ситуација – да се бори со властите во Пекинг – само објави дека за да се добие во време, експертите овој месец почнуваат со работа, во комуникација со кинеските стручњаци, преку видео конференции, од локацијата во која се ставени во карантин.

Заразени пет отсто од луѓето во Вухан?

Во секој случај, експертите се на мислење дека е малку веројатни оти една посета, колку и да е стручна и дури и во услови на кооперативност на Кинезите, би можело сосема прецизно да се утврди од каде е тргнат вирусот, или да се најде неговото потекло – природно, или вештачко.

Обично за вакви истрага е потребно многу време, можеби и неколку години и почесто навраќање на теренот, особено кога станува збор за испитување на животни, што според се она што до сега се случуваше, е малку веројатно.

Уште повеќе што властите на Кина ги апсат и ги осудуваат на затворски казни сите новинари кои настојуваат да откријат што е тоа што го предизвика вирусот, или едноставно да исчезнуваат, доколку ги истражуваат работите околу коронавирусот.

Тоа добива на значење, по појавување на проценките на американскиот национален центар за справување и за контрола на болести, според кои, во Вухан биле заразени пет отсто од населението. Во град од 11 милиони, тоа значи дека заразени биле дури 500 илјади жители, а тоа е десет пати повеќе од официјалната бројка која тамошните власти ја имаат пријавено кај СЗО.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе