Навални притиска врз Кремљ
Меѓу две и три илјади демонстранти се приведени и притворени низ Русија, во бруталната интервенција на специјалните полициски сили против масовните протести што во саботата се одржаа во Москва и во низа градови во државата.
Станува збор за серија од анти-Путин протести одржани по мошне студено време, на просторот од островот Сахалин и Валдивосток, на далечниот исток на Русија, преку Новосибирск и Јакутск во арктичкиот круг, каде температурата се има спуштено до минус 50 степени Целзиусови, па од рускиот главен град, се до Сенкт Петерсбург.
Единствен критичар на власта
А, поводот за излегувањето на луѓето на улиците беше повторното апсење на најостриот и како сега стојат работите – единствениот гласен критичар на власта на рускиот претседател- Алексеј Навални, чиј притвор беше продолжен до првата недела во февруари, иако претходно беше соопштено дека тој ќе биде изведен на првото сослушување кај истражниот судија пред крајот на јануари.
Навални беше уапсен на аеродромот во Москва, кога се врати од Германија, после пет месечното лекување и рехабилитацијата, откако на 20 август беше нападнат, во обид да биде ликвидиран, со нервниот агенс „новичок“ прв пат произведен пред четириесетина години, во времето на поранешниот Советски Сојуз.
Но, демонстрациите во саботата се одржаа по повикот на самиот Навални – луѓето јавно да го манифестираат гневот и нездоволството против растечката корупција во Русија, за која овој опозиционер ја обвинува власта, како и самиот Владимир Путин.
Палата од корупциски пари
А, директен повод за да ги повика луѓето на протестираат беше обелоденувањето на интернет на снимките од мегаломанскиот проект, за изградената и скапо уредена палата покрај брегот на Црно Море, за која Навални тврди дека е сопственост на претседателот на државата и дека е изградена од пари стекнати со корупција.
Имаше многу нагаѓање дали Навални , од затвор, ќе успее да ги покрене луѓето и тоа среде руска зима. Потоа се шпекулираше на одзвивот и на тоа – на колку воопшто демонстранти може да сметаат организаторите, особено што властите уште во текот на неделата пред протестите, почнаа да апсат активисти од организацијата на Навални, како и негови соработници.
Од самиот почеток беше јасно дека доколку и се побара согласност за протестите, таа нема да се добие, или власта ќе одолжува до бескрај со својата одлука- со единствена цел да се дисквалификува Навални како маргинален политичар, како опозиционер кој зад себе ја нема опозицијата и кој, според тоа, не може да и биде ниту нејзин лидер, па според тоа ниту партнер на власта.
„Мачката и глувчето“
Тоа е, како што велат во Москва, тактиката која Кремљ ја применува кон Навални сите овие години , откако тој се појави на политичката сцена, ја отвори темата за корупцијата која го подјадува руското општество и создаде НВО за борба со крупцијата.
На својата последна прес конференција пред Божик, Путин не сакајќи ниту да му го спомене името- цинично има прашано- „А кому тој воопшто му е потребен“!
Очигледно е дека низ ваквата изјава , рускиот претседател уште еднаш сакаше да го понижи во руската јавност.
Но, руски и европски политички експерти проценуваат дека таа игра со Навлани- како што мачката се поигрува со глувчето- полека станува контрапродуктивна. Сето она што власта му го прави- честите апсења, обидот за убиство и сегашното брутално задушување на протестите , не ја засилуваат позицијата на Кремљ и на Путин.
Напротив, се смета дека позицијата на власта постојано слабее, а расте угледот и респектот на Навални кој од тоа би можел да израсне и во народен трибун и во вистински лидер на целата руска опозиција колку и таа сега да изгледа бледа, нејасна и невидлива без Навални. А, тоа работа што би требало да го замисли, или и да го загрижи (досега) недопирливиот Путин и неговата авторитарна власт.
Најави за нови протести
На некој начин, на тоа укажуваат паролите кои ги имаат носено демонстрантите на саботните протести, како и нивните изјави за некои домашни независни медиуми и за странските агенции, како и најавите дека тие одново ќе се собираат за да протестираат. Голем број луѓе ( велат неколку стотици илјади) одговорија на повикот на Навални, го послушаа неговиот повик и излегоа на улица да го кажат својот глас против корупцијата која станува ендемска состојба во Русија.
Застанувајќи зад Навални, излегува дека оние на улицата се согласуваат со неговата позиција дека корупцијата и после 30 години од падот на комунизмот и распадот на СССР, се уште живее затоа што е „ дел од власта и е подржувана од власта“.
Демонстрантите извикуваа – „Путин е крадец“, а на челото на колоните со луѓе кои протестираа беа носени две главни, сугестивни пароли.
Едната – „Тој ( Навални) не се плашеше да се врати, па не се плашиме и ние“- што значи дека ако опозиционерот не се исплаши да се врати во Русија, иако јавно беше предупреден дека ќе биде уапсени, тогаш ни народот ( демонстрантите) не треба да се плашат од тепање од полицијата и апсење, како што од претходно беа предупредувани. Другата парола пак беше- „Еден за сите, сите за еден“- што е само гласно ехо на подршката која од улицата му се дава на уапсениот опозициски првак.
Зголемена вербата во Навални
Конечно, на растечкиот револт во јавност силно укажува и тоа што 70 милиони луќе ја отворила интернет страницата за „ Путиновата палата“ на Црно Море и за истрагата на тимот соработници на Навални за тоа како функционира корупциската шема за прибирање пари со кои ова огромно и скапо здание е изградено и уредено.
Останува сега да се види како понатаму.
Дали Навални ќе биде (одново) казнуван само затоа што го зборува она што власта не сака да го слушне, а тоа би изгледало како признание дека човекот ја зборува вистината. Или, пак, казната што се предвидува да му биде изречена во фебруари, ќе биде за откритијата околу палатата и за тоа што успеа да ја провали операцијата на руската тајна служба во врска со нападот врз него и обидот да биде убиен со нервниот агенс – новичок.
Секое осудување, меѓутоа, го прави Навални маченик и херој во очите на домашната јавност.
Враќајќи се во Русија тој покажа храброст, затоа што можеше да остане да живее во Германија, спокојно и без постојаното малтретирање од власта. Но тогаш, не само што навистина ќе беше „маргинална личност“ како што тоа постојано го тврди Путин, туку ќе беше заборавен и отпишан од руската јавност.
Закана од затвор
Навални, затоа, свесно одбра да се врати – да биде уапсен и да биде обвинуван и суден, одново за измислени дела – затоа што знае дека само на тој начин ќе може да побара и да добие подршка од големата маса незадоволници во Русија.
Тоа не се секако, олигарсите и онаа нова класа создадена во изминатите 20 годни од власта на Путин, задоволена со висок стандард кој најчесто и не го заслужува и кој не ретко е стекнат на сомнителен начин.
Тоа се обичните луѓе кои веќе реагираа остро на серијата поскапување пред новогодишните празници, посебно на прехранбените производи, кои се незадоволни и од ситуацијата со коронавирусот, што на почетокот се игнорираше, станува мора за руското јавно здравство.
За тие луѓе станува збор, а саботните протести покажаа дека токму ним им треба силна опозиција и опозициски лидер, доволно храбар за да му се спротивстави на моќниот Владимир Путин. Овој пат, и затворен и од затворската ќелија, Алексеј Навални (можеби за прв пат) стана закана за Кремљ.
(С.Г.)