Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Амстердам замена за лондонски Сити?

Foto-VDW/Depositphotos.com

Амстердам замена за лондонски Сити?

Берзата во Амстердам, во текот на јануари годинава, тргувала со 9,2 милијарди евра, за разлика од берзата во лондонски Сити (финансискиот центар на британскиот главен град) која во првиот месец од оваа година, тргувала со 8,6 милијарди.

Ваквиот службен податок од овие две европски берзи, предизвика бура од коментари во финансискиот свет, посебно во Лондон, каде гласно се поставува прашањето за тоа – дали Амстердам ќе го замени Сити, како новиот европски (на ЕУ) финансиски центар, по повлекувањето на Велика Британија од Унијата.

Ова прашање добива на тежина, затоа што е познато дека овој град во Холандија, веќе има „приграбено“ кај себе добар дел британски компании кои се имаат одлучено да работат на континентот, а не дома во Британија.

Губење на позицијата

Лондонски аналитичари посочуваат дека ваквиот берзански податок доаѓа само по 40 денови откако Британците и формално ја напуштија ЕУ.

Како за споредба, тие потсетуваат дека во текот на 2020 година, во периодот на транзиција – кога Британија се уште беше во царинската унија на ЕУ и беше дел од заедничкиот европски пазар – лондонската берза во Сити, во просек, тргувала со 17,5 милијарди евра.

За споредба, берзата во Франкфурт тргувала со 5,9 милијарди, а онаа во Амстердам само со 2,6 милијарди евра.

На ова се предупредуваше уште во текот на кампањата за референдумот за ЕУ, во 2016 година. Лондонски Сити тогаш посочуваше на опасноста од напуштањето на Унијата, како и на тоа дека после Брегзит, може да го загуби статусот и позицијата што ја имаше додека земјата беше дел од ЕУ.

Ароганција на Лондон

Лондон и неговиот Сити се финансиски центар на континентот и на светот од поодамна, уште пред создавањето на ЕЕЗ и на ЕУ. И веројатно дека така ќе остане и натаму. Но, европските политички и економски лидери од порано предупредуваа дека со напуштањето на ЕУ, британскиот главен град и неговиот Сити не ќе може да бидат финансиски центар и на Унијата.

За таа позиција веќе 4,5 години се води тивка „битка“ меѓу германскиот Франкфурт, каде е сместена Европската централна банка (ЕЦБ) – банката на ЕУ и на еврозоната – и францускиот главен град – Париз и неговата берза.

Како и да е, Сити бараше од владата на Британија, во преговорите со Брисел, кога веќе се изгласа Брегзит, да се направат отстапки, за да се сочува (на некој начин) статусот на лондонскиот финансиски центар. Меѓутоа, после се она низ што поминаа преговорите за трговски договор на Британија со ЕУ, тешко дека во Брисел, за Сити ќе можеше да се истуркаат некакви концесии.

Особено со сегашната арогантна и антиевропски конструирана влада во Лондон, која и натаму зборува дека на Британија не и требала ЕУ.

Брегзит е полош од короната

Даунинг стрит 10, на тој начин, како да не ги слуша сопствениот бизнис и аргументите на своите финансиски експерти кои тврдат дека Брегзит е поголемото зло за земјата од коронавирусот и пандемијата.

Бизнис заедницата не е задоволна што земјата е надвор од ЕУ, без разлика на постигнатиот договор со Брисел, на еден ден пред Божик.

Најмногу затоа што значително го поскапува работењето со Европа и животот на обичните луѓе, за кои се вели дека тоа се уште не го забележуваат зафатени со епидемијата и вакцинацијата.

Иако премиерот Борис Џонсон продолжува да се храбри себе си и да порачува дека на Британците ќе им биде подобро, британските компании не мислат така. Според нивните објаснувања, постојат сериозни проблеми во комуникацијата што сега, кога не се во заедницата, ја имаат со ЕУ.

Посебно тешко им е на помалите фирми, чија деловност е целосно нарушена и чие работење е прилично поскапено.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе