Досега незабележана осека во Грција
Неколку денови по ред во Грција е регистрирана голема осека на морето, каква се вели дека не била забележана.
Морската вода се има повлечено и до половина метар од брегот, оставајќи „суви“ делови кои досега редовно се наоѓаат покриени од морето. Вакви појави се регистрирани низ целиот грчки брег, како и на северот од земјата, на полуостровот Халкидики, популарна туристичка дестинација на балканските туристи и оние од земјите на Источна Европа.
Се појавија теории дека морињата, обично така, се повлекуваат како претходница на цунами брановите. Но во реонот на Егејот нема регистрирано никаков земјотрес, па мештаните на крајбрежието стравуваат дека ваквите големи осеки може да значат дека „претстои нов силен земјотрес“, по оној регистриран во централна Грција, минатата недела, во реонот околу градот Лариса.
Луѓето ги сликаат новопојавените плажи и ја опишуваат целата појава како „застрашувачки настан“.
Експертите настојуваат да ја смират јавноста, уверувајќи дека тоа што се случува е „нормална појава“ и дека таа нема никаква врска со евентуални нови и силни земјотреси. „Сето тоа е последица на сменетите метеоролошки услови, како што се јужните ветрови, или од некои астрономски појави, поради кои не може да настанат земјотреси“ – имаат соопштено грчки експерти.
Според нив, станува збор за т.н. пролетна плима која означува само термин и нема врска со претстојното настапување на пролета. „Пролетните плими“ и осеките, како во случајов, се јавуваат два пати во секој месечен циклус, во текот на целата година.
Така или не, Грците се имаат исплашено, затоа што повлекувањето на морето кај нив, го поврзуваат со повлекувањето на морската вода и во Венеција. Минатата недела, за прв пат, голем број канали во овој град на вода, „пресушија“, останувајќи само со калта и отпадоците на дното.