Израел и по четврти пат без одлука
Израелците по четврти пат, за помалку од две години, гласаа на парламентарни избори во настојувањето да се формира стабилна влада за еден четиригодишен мандат, што државата веќе подолго време го очекува, но и по последното гласање, во вторникот, Израел и натаму останува со својата политичка неизвесност.
После сите преброени гласови, десничарскиот и националистички Ликуд останува да биде партија со најмногу пратеници во израелскиот Кнесет (Парламент), но десничарскиот блок од партии што ги предводи Ликуд, не успеа да освои мнозинство за да може да формира влада.
Избори без победник
Бенјамин Нетанијаху (71) кој повеќе од десет години е премиер, како никој пред него во политичката историја на Израел, иако во вторникот вечерта зборуваше „за голема, историска победа“ и за „триумф на десницата над левицата“ сега се соочува со неможност да формира влада и да остане во премиерската функција.
Меѓутоа, мнозинство пратеници за влада нема ни блокот партии кои настојуваат „да го ослободат“ Израел од Нетанијаху, за кого велат дека ја „има заробено државата“.
Ликуд со своите традиционални коалициски партнери кои редовно го подржуваат на изборите – а тоа се две религиозни партии и една ултра – десничарска – не можат да соберат најмалку 61 пратенички мандати, во Кнесетот од 120 пратеници. Се очекува тие да имаат 52 пратеници.
Противничкиот блок од низа разни лево-центристички и демократски партии, се очекува да обезбеди 57 пратеници, што е, исто така, недоволно тие да формираат влада, па се очекува веќе од овој викенд да почне вистинска трка и на двата блока за привлекување на малкуте партии кои се надвор од овие два политички табори.
Јамина и Раам
Едната е националистичката партија Јамина која има освоено седум пратенички места. Тоа значи дека ако на крајот останат овие бројки – блокот на Нетанијаху, ниту со оваа партија не може да има повеќе од 59 пратеници.
Јамина партијата која аналитичарите во Тел Авив ја означуваат како „кингс-мејкер“ после овие избори, ја предводи Нафтали Банетом, поранешен соработник на Нетанијаху, но тој засега не сака да открие дали би му се приклучил на овој политички блок и ако би го направил тоа – под кои услови.
Другата партија е Раам, исламска партија на израелските Арапи која сама успеа да обезбеди четири пратенички места.
Не е прв пат некоја од партиите на арапското малцинство во Израел да се најде во Кнесетот, но до сега никогаш, ниту една од нив, не била дел од некоја владејачка коалиција. За израелските десничари и националисти тоа е табу прашање и тие не може ниту да замислат, во една влада на Израел, или во една владина коалиција да има и арапска партија.
Уште помалку коалицијата да зависи од гласовите на нејзините пратеници.
„Фактор Нетанијаху“
Лидерот на една од традиционалните ултра – десничарски, ционистички партнери на Ликуд – веќе објави дека десничарска влада во Израел нема да се формира со поддршка на Мансур Абас, лидер на Раам. Тој самиот, исто така, одбива да се изјасни дали би му помогнал на еден од двата еврејски политички блокови, за да се излезе од политичката блокада која го држи Израел во место.
Израелските аналитичари, меѓутоа, се на мислење дека исходот од овие избори, сигурно, ќе значи уште еден застој и продолжување на кризата. Според нив, сегашната криза можеби и најтешка во последните петнаесетина години и тоа се објаснува со „факторот Нетанијаху“.
А, тоа е неговото настојување по секоја цена и натаму да остане на власт, додека му се суди за корупција и примање и давање поткуп.
Сегашните израелски закони дозволуваат и осомничен за вакво кривично дело да може да учествува на избори, како и да биде во политиката, се додека не се докаже вината и додека не биде осуден. Нетанијаху е обвинет и за измама и за злоупотреба на службената должност, па за него изборната победа и останувањето на премиерската функција значат и суспензија на судскиот процес, затоа што ќе го покрива премиерскиот имунитет.
Вакцини кампања
Овој некогашен војник и командос на израелската војска, во изборната кампања по секоја цена настојуваше да го минимизира и обвинувањето и тоа што еднаш веќе се појави на суд, на тој начин што се фалеше со успешната кампања за вакцинација на Израелците .
Според Нетанијаху, најважно е што „Израел е најуспешен во светот“ на тој план и што е единствената земја која е излезена од локдаун, иако на три пати земјата беше во целосен карантин.
Токму неговата кампања покажа дека вакцинацијата беше политичко – пропагандна алатка и составен дел од планот за да се обезбеди уште еден премиерски мандат – шести по ред – затоа што тоа значеше дека нема да оди во затвор.
Менување на законот?
Но, изборите покажаа дека сето тоа и ниту купувањето вакцини преку ред, по повисока цена и создавањето залихи, не му помогнаа да победи онака, како што сакаше – уверливо, со својот традиционален блок.
Израелците, очигледно, ја сфатија играта на Бенјамин „Биби“ Нетанијаху, кого го нарекуваат „стариот политички лисец“, па без разлика што се вакцинираа како што им сугерираше, повеќе сакаат тој (конечно) да се тргне од политичката сцена и секако, да одговара за она што го има направено.
Неговите политички противници веднаш покренаа процес за усвојување нов закон, според кој на политичар кому му се суди, да не може да биде мандатор за состав на нова израелска влада.
На тој начин, вечниот „Биби“ би се елиминирал од можноста одново да биде премиер, а аналитичарите веруваат дека во тој случај полесно би се надминал сегашниот политички „локдаун“. Со нов човек за премиер, се смета, дека полесно би се направиле неопходните политички компромиси.
(Е.И.)