Полицијата против антиваксерите во Белград
Пет лица се уапсени и по сослушувањето ослободени во Белград во, колку што се знае, првата операција на српската полиција против антиваксерите. Против вкупно шест лица, обвинителството има покренато обвинување, а од судот е побарано да им се забрани да се собираат и меѓусебно да комуницираат.
Целата операција почнала рано утрината, во четвртокот, кога полицијата упаднала во станот на белградската лекарка Јована Стојковиќ, со налог за претрес, поради сомнеж за предизвикување страв и паника во јавноста.
Таа е познат лекар – психијатар, политички е активна (има учествувано на последните парламентарни избори) и над се во српската јавност е позната како предводник на антиваксерите во Република Србија.
Лажни тврдења
Во белградските медиуми Стојковиќ важи за „ѕвезда“ на силното лоби против вакцините и вакцинирањето – воопшто – не само во државата, туку и во регионот. За неа се вели дека како медицинско лице има силно влијание врз скептичната, недоверлива и склона на верувањето во разните „заговори“ српска јавност, постојано поттикнувајќи отпор против вакцинацијата, сега, и против коронавирусот.
Оваа лекарка е категорично против тоа луѓето да се тераат да се вакцинираат, спротивставувајќи им се на колегите лекари, епидемиолози и вирусолози, кои сметаат дека токму вакцините и вакцинацијата и тоа масовна, може да ја запре пандемијата која 1,5 година го тероризира светот.
И како лекар по професија и како политичарка, таа е јавна личност за која се смета дека може да повлече кон себе и кон нејзиното антиваксерско движење маса луѓе, со што директно се загрозува здравствената безбедност на државата.
Затоа и е осомничена дека со своите најблиски соработници од нејзиното движење „Живеам за Србија“ – континуирано „изнесува лажно тврдење во врска со вакцините, што предизвикува вознемиреност во српската јавност“.
Вакцинацијата стагнира?
Доколку биде прогласена за виновна, таа би можела да добие казна затвор и до пет години, иако некои правни експерти сметаат дека тамошните закони не предвидуваат казна за ширење лажни вести, туку само доколку таквите вести предизвикале паника и нереди.
Полициската интервенција и апсењето антиваксери, меѓутоа, доаѓа во време на силно поделени мислења во Србија околу сегашниот процес на вакцинирање на населението против коронавирусот.
На една страна е службеното тврдење дека во земјата е вакцинирано 20 отсто од населението, што е повеќе од просекот на ЕУ, а во Европа е помалку само од Британија и Унгарија. Во бројката од 2,5 милиони вакцинирани, сепак, не веруваат повеќето од домашните епидемиолози и имунолози.
Тие проценуваат дека бројките, во секој случај, се претерани и дека во основа, станува збор за 1,5 милион вакцинирани. Тоа, секако, не е малку, но она што нив ги загрижува е сознанието од теренот – дека вакцинацијата стагнира и дека бројот на вакцинираните е на работ да почне и да се намалува.
Овие експерти сметаат дека за земјата би било многу опасно доколку тоа се случи. При тоа се споменува ситуацијата во внатрешноста на Србија, а посебно реонот на Санџак и Рашка каде процентот на вакцинирани не е поголем од шест отсто, во услови кога Србија има набавено голем број дози вакцини од разни земји – главно од Кина и Русија, но и од Астра/Зенека и помалку од Фајзер.
Теории на заговор и невистини
За ваквата состојба дел од епидемиолозите ја обвинуваат владата, затоа што во земјата (практично) нема кампања за масовно вакцинирање. Други, пак, за тоа ги обвинуваат антиваксерите, за кои се смета дека се многу повеќе присутни во јавноста – пред се, на интернет, но и на разните тв канали – на кои ја шират својата „опасна идеологија“.
И едните и другите се согласуваат дека нема прецизни докази колку антиваксерското движење е причина за стагнација во вакцинирањето во Србија.
Но, тие сметаат дека преголемата и непотребна залиха од вакцини, недостигот на кампања и антиваксерите, се логично објаснување за минатонеделниот (погрешен) „ковид туризам“. Со поканата – државјани од соседните земји да се вакцинираат во Србија – за да не мора да се фрлаат на отпад вишокот од вакцини, чиј рок истекува на почетокот од овој месец.
Како и да е, досегашната ситуација открива дека земјата е силно подложна на влијанието на антиваксерите и на невистините кои тие ги шират.
Едно такво тврдење е дека вакцините го намалуваат имунитетот кај луѓето (кај оние кои ќе се вакцинираат) што според имунолозите е крајно неточна и недокажана теорија.
На таквите „науки“ се лепат бројните теории на заговори – дека вакцините, против короната се „ вид на биолошко оружје“, дека служат за правење пари на фармацевтската индустрија, како и на оние кои и онака се милијардери, а претходно го имаат „создадено и вирусот“.
Лекари меѓу антиваксерите
Нај загрижувачкото е дека меѓу антиваксерите има многу лекари – професионалци, а тоа, според критичарите создава плодно тло за сите оние кои се сомневаат, за сите кои „се плашат од игли” и кои тврдат дека сегашните генерации веќе имаат доволно природен имунитет за да се одбранат од секакви вируси!?
За Србија, се тврди, дека веќе се има осрамотено со отпорот кон вакцините и вакцинирањето.
Минатото лето, на пример и спортист каков е Новак Ѓоковиќ се има „залетано“ со една антиваксерска изјава, за што беше и јавно прекорен од српските водечки епидемиолози.
Но, тој сепак, направи проблем – организирајќи тениски турнир, без никаква обезбеденост против коронавирусот, па во Белград, пред се, се создаде силно вирусно жариште што траеше целото лето.
Претходно, во текот на 2018 и 2019 година, земјата се соочи со епидемија од мали сипаници, заразна болест што би требало да биде искоренета во 21 век, затоа што одамна против морбилите има ефикасна вакцина. Наместо тоа, Србија имаше над шест илјади официјално регистрирани заразени и дваесетина починати – меѓу нив и лица на 30 годишна возраст кои не биле вакцинирани како деца.
Воинствената докторка
Земјата како и регионот потпаднаа под влијание на измислената приказна дека оваа вакцина создава кај децата аутизам, што од експертите беше оценета како целосно погрешно тврдење.
За жал, таа приказна ја има раширено лекар – Британец – само врз основата на испитувања направена пред повеќе од 20 години, само кај 12 деца, во крајно сомнителни и ненаучни услови.
Требаше да помине време, па човекот да биде исклучен од англиското лекарско друштво и трајно да му се забрани бавење со медицина.
Против др. Јована Стојковиќ, петмина нејзини колеги, од порано имаат поднесено пријава, за што е отворена постапка пред Судот на честа на лекарската комора на Србија. Во пријавата се наведува дека со своето делување и однесување оваа докторка ја нарушува честа на лекарската професија.
Тоа, меѓутоа, не влијае врз нејзината определба да војува против вакцините.
Белградските медиуми јавуваат дека во четвртокот вечерта, таа со група свои истомисленици има протестирано пред зградата на државната телевизија. Без никој од нив да носи маски, или да се придржува на социјалното дистанцирање – оваа воинствена докторка има одржано политички протест, под мотото – стоп на ковид фашизмот!
Реакција на Васил Хаџиманов
Најновото што движењето на докторката Стојковиќ, на сличните такви групи и разните „соло“ антиваксери го имаат покренато, за да ги тераат луѓето да не се вакцинираат – е кампањата во која се набројуваат сите кои во последните месеци починале од ковид. Секако користејќи ги имињата на познати јавни личности во Србија.
Се користи смртта на актерите Власта Велисаљевиќ и Иван Бекјарев, или на музичарите Ѓорѓе Балашевиќ, Војкан Борисављевиќ и Сања Илиќ (сите од поминатите генерации од времето на екс Југославија) дека починале, иако биле вакцинирани.
Беше користена и смртта на македонскиот и југословенски актер, пејач и шансониер Зафир Хаџиманов, кој најголемиот дел од животот го помина живеејќи во Белград. На кампањата на антиваксерите гневно има реагирано неговиот син, кој на Фејсбук го означи како одвратно и недолично користењето на смртта на неговиот татко за вакви цели.
„Татко ми почина како последица од Ковид, но со години беше сериозен срцев болен“ – има напишано синот, Васил Хаџиманов.
(Д.Б.)