Париз: Тајни (отмени) контра-Ковид вечери
Француската полиција има покренато истрага за откритието дека тајно и незаконски, во Париз се организираат и одржуваат тајни вечери (и забави) и покрај острите мерки на владата за борба против одново силно распалената пандемија со коронавирусот.
Случајот што изгледа не е осамен, го откри репортер на еден приватен телевизиски канал, кој присуствувал на таква вечера, прикажувајќи се како гостин со резервација.
Прикажувањето на снимките предизвика скандал, па министерството за внатрешни работи се огласи со соопштение за покренатата истрага, додека министерот Жералд Дарманин изјави дека станува збор за „тотално неприфатливо“ однесување, кое значи и прекршување на ковид-локдаунот во Франција.
Полициски час од 19 часот
Решението за воведување, целосен локдаун – трет од почетокот на пандемијата со коронавирусот од пред повеќе од една година – француската влада го донесе пред Велигденските празници, откако земјата уште еднаш се соочи со големиот број новозаразени и починати лица – најголемиот број од нив погодени од новиот британски вид.
Одлуката се објаснува и со тоа што зголемениот наплив на пациенти го има доведено јавното здравство на Франција, на работ од задушување.
Сите училишта во земјата се повторно затворени, како и трговската мрежа, освен продавниците за храна и за потребите на домаќинствата, како и аптеките и бензинските пумпи. Во Франција има и строг полициски час што почнува уште од 19 часот и трае се до 06 часот наутро, следниот ден.
„Овде нема ковид“
Тајно снимениот материјал покажува една прикриена и отмена вечера, во клуб означен како приватен, за кој само се вели дека е лоциран во „отмениот дел од Париз“. Клубот е добро изолиран, со целосно затемнети прозорци, преку кои од внатре има дебели завеси. Од надвор, пак, изгледа сосема незабележливо, затоа што зградата е потполно вклопена во околината.
Репортерот – лажен гостин – има тонски снимено низа разговори, меѓу кои и со еден од главните келнери, кој веднаш му се пофалил дека во клубот не се носат маски на лицето, што новинарот и самиот го забележал – ниту еден од гостите, како ниту персоналот, немале маски на себе.
„Кога ќе влезете овде, нема веќе ковид“ – му се пофалил келнерот.
Отменоста на тајниот ресторан, според репортерот, се гледала од дојдените гости, но и од листата на јадењата што се нуделе, како и по цените – мени за еден човек на ова место чини од 160 евра, за најевтиното, до 500 евра, за најскапото.
За неносење маска – 140 евра
Освен тоа, никој таму не водел сметка за пандемијата, па луѓето се поздравувале бакнувајќи се, прекршувајќи ја и обврската за социјално дистанцирање од два метра. Уште еден од гостите му се пофалил на репортерот дека ова му е веќе трета вечера, откако претходно бил на други две такви места, каде луѓето се собираат за тајно, анти-ковид дружење, на кое се служи и отмена храна.
Една гостинка има изјавено дека на една таква вечера била во друштво на министер, но нема споменато кога и каде и за кој министер станува збор.
Франција, инаку, има строги казни за прекршување на мерките на локдаунот – до една година затвор и 15 илјади евра. Засега, меѓутоа, не се знае дали ваквите казни се користат и колкумина се откриени и санкционирани.
Строгоста на казните се објаснува со одредба од постоечкиот закон, во делот каде се зборува за загрозување на здравјето на луѓето. За секој гостин во еден од тие тајни анти – ковид вечери би следувала казна од 140 евра за присуството во ресторанот, како и уште 140 евра за неносење маска за лице.
(П.Ф.)