Убиен новинар во Атина
Георгиос Караивас, 52 годишен новинар на грчката приватна телевизија Стар, излегувал од своето возило, откако се паркирал пред куќата во која живеел, во јужниот атински кварт Алимос, кога му пришол маскиран маж и вооружен со пиштол, со придушувач, почнал да пука во човекот.
Ладнокрвно испукал дури десет куршуми во главата и во градите на Караивас, а потоа се качил на мопедот на кој го чекал уште еден маскиран маж, по што двајцата избегале во непознат правец.
Вака од прилика изгледало убиството на овој новинар кој во својата редакција со години на ред ги има покривано настаните врзани за криминалот, за атинското и грчкото криминално подземје.
Операција од 15 секунди
Во последно време пишувал и за мрачните зделки на корумпираните во криминалното подземје, но никогаш досега тој нема побарано полициска заштита. Никогаш досега се нема пожалено на колегите и пријателите дека е во опасност и дека некој му се заканува. Како што никогаш нема побарано од властите дозвола за носење оружје.
Единствениот сведок – еден работник кој го чистел зеленилото околу зградата каде живеел новинарот – им објаснил на полицајците дека слушнал само едно придушено „банг” и кога се свртел видел како маскиран човек пука во Караивас и потоа бега од местото на убиството.
Според сведокот, сето тоа не траело повеќе од петнаесетина секунди, а за тоа време биле испукани 13 куршуми, колку што чаури полицијата има најдено на местото на злосторството. Освен откриените чаури, барем засега, грчката полиција нема откриено ништо повеќе.
Нарачано убиство
Единствено што полицајците можеа да кажат беше дека станува збор за професионално изведено убиство, дека новинарот бил сочекан за да биде ликвидиран во мирен, изолиран дел од квартот, каде нема да има сведоци. Некои од полицијата за грчките медиуми (неофицијално) имаат изјавено дека „во секој случај, во прашање е нарачано убиство“.
Од кого и зошто типично мафијашки и ладнокрвно е убиен новинар за кого велат дека бил тивок и скромен човек, кој со никого не влегувал во судир, останува да утврди деталната и сеопфатна истрага што ја вети грчкиот министер за внатрешни работи Михалис Крисохоидас.
Тој откри дека добил налог, директно од грчкиот премиер, истрагата за убиството што ја има шокирано грчката јавност и ги возбудено луѓето во медиумите, да добие приоритет и во што е можно пократок рок да се откријат главните актери.
Портпаролот на владата во Атина има речено дека „ова е шок за сите нас (во Грција)“ .
Истраги без резултат
Но, јавноста, како грчката, така и европската, веднаш побара од властите да се утврди дали Караивас е убиен за она што го работел и за она за што пишувал – што ќе рече – тој да биде замолчен, а неговите колеги предупредени – за што постои основано сомневање.
Властите се трудат да ја смират јавноста, инсистирајќи дека во Грција се случуваат малку убиства, помалку од просекот во ЕУ, како и тоа дека убиства на новинари се вистинска реткост.
Меѓутоа, медиумите потсетуваат дека минатиот јули, бил нападнат новинар, кој имал повреди во градите и во вратот, но тој успеал да го преживее нападот.
Последно убиство на новинар е регистрирано пред 11 години, врз Сократис Џолијас, директор на една радио станица, блогер и познат истражувачки новинар. Исто така, сочекан пред неговата куќа и ликвидиран од грб. Истрагата е се уште отворена, но убиецот никогаш не е пронајден, како што не се најдени и напаѓачите на новинарот Стефанос Хиос што минатата година имаше среќа да остане жив.
„Колумбија на Балканот“
Атинските весници жестоко го пречекаа убиството на својот колега, споредувајќи ја Грција со најопасните локации во светот за новинарите. „Добродојдовте во Мексико“ има напишано весникот Неа Демократиа, додека еден друг весник тажно констатира дека земјата „се претвора во Колумбија на Балканот“.
Сите притоа резигнирано констатирајќи дека малку е веројатно дека ќе се откријат убијците на Караивас, а особено тоа кој ја нарачал неговата ликвидација.
Она што на некој начин ги поврзува сите овие инциденти е тоа дека во двата претходни напади, како и во ова, последното, од петокот, убијците имаат користено мопед, какви има многу низ атинските улици, за да се побегне од местото на злосторството.
Испробан модел за ликвидација
Пред својот дом, одамна во шеесеттите години на 20 век, беше убиен политичарот Павлос Бакојанис, сопругот на екс министерка за надворешни работи Дора Бакојани, сестра на актуелниот грчки премиер Киријакос Мицотакис.
На сличен начин беа убиени и левичарскиот пратеник од Солун, што беше вовед во воениот пуч во 1967 година, а така беше ликвидиран и британското воено аташе во Грција, на крајот од деведесеттите години од 20 век. Во сите три случаи убијците избегаа користејќи мопеди – и никој не беше откриен и осуден.
Ваквото убиство на грчкиот новинар Георгиос Караивас, предизвика бурна реакција и во Европа, па со свои реакции со осуда се огласија и претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли.
Последни вакви убиства се случија во Словачка пред три години и малку пред тоа на Малта. И едниот и другиот новинар „војуваа“ со криминалното подземје и со домашната корупција.