Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Кој тоа зборува – кој тоа лаже!

sharafmaksumov/Depositphotos.com

Кој тоа зборува – кој тоа лаже!

Во изминатата недела, на просторот меѓу Триглав и Вардар, цели 30 години по распадот на поранешната југословенска федерација, некогашните „браќа“ се расправаа на интернет, преку медиумите, официјални изјави и во телефонски разговор околу една стара, изветвена тема – за цртањето нови карти и правењето нови граници на екс ЈУ простор, но и на Балканот.

Очигледно беше дека на тој простор се одржуват во живот соништата за создавање „големи државни територии“. Од „голема Србија“ како во времето на Слободан Милошевиќ, до некаква „голема Хрватска“ за која едно време сонуваше Фрањо Туѓман, според шемата – „до каде има Срби, до таму е Србија“ и „Хрватска до Дрина, со Срем, а можеби и Бачка“. Што во основа значеше (и значи) бришење на Босна и Херцеговина.

Времето на посткомунизмот не ги има избришано „старите завети“, па од време, на време, со таквите „големи идеи“ се појавуваа и една Албанија која своја државност има од 1912 година како и една Бугарија. Кога тоа ќе и затреба, или кога за тоа некој друг ќе има потреба и сегашнава „европеизирана“ Софија, ниту за момент нема да чека да ги извади мапите на „Санстефанска Бугарија“ .

Старите мапи на Софија и Будимпешта

А, таа, како што има зацртано рускиот гроф Игнатиев, се протега од Црно море до Охрид, со југоисточна Србија во неа и со цела северна Грција – затоа што на тој простор, наводно – “од секогаш живееле само Бугари“.

Во последно време, од политикански причини, од мапите се брише (или не се споменува) територијата на денешниот грчки север, а често и делот од Ниш и Врање, кон југот, па таа и таква картографија завршува само со територијата на независната држава Македонија.

За да биде сликата комплетна, Унгарија на Виктор Орбан се појавува со својата империјална величина, па на еден десничар и националист, за неговите популистички потреби му треба многу поголема територија – па целата 2020 година тој продаваше некаква „голема Унгарија“ која претендира на територијата на цела низа европски држави – Србија и Хрватска, Словачка и Чешка, Романија и Украина.

Кој знае, можеби човекот размислува дека кога би му се оставарил сонот, зацртан на неговите карти, можеби би се прогласил и за нов император.

Јанша со нон – пејпер

Така, или не, неговиот ученик од Словенија и идеолошки и политички следбеник Јанез Јанша, беше прогласен за авторот на некаков (наводен) нон – пејпар, што никој не го видел, но кои „сите го знаат“, откако за него прочитале на еден словенечки портал – во непотпишан текст – што потоа го пренесе и го раструби еден друг портал – од БиХ.

Од Босна имаше најгласна политичка реакција, затоа што „нон – пејперот“ на Јанша предвидува растурање на БиХ,  со создавање на три посебни држави – српска, муслиманска (бошњачка) и хрватска. Потоа, можност за создавање „голема Србија“ со припојување на енклавата Република Српска кон Србија, а на обновената Херцег – Босна (енклава на босанските Хрвати) кон Република Хрватска.

Токму тој „документ“ ги разбранува духовите на никогаш несмирениот екс југословенски и балкански простор, особено што оваа картографија, наводно, има и друга варијанта, а таа оди подалеку и е поширока, па предвидува своевиден пазарлак. Србија по втората шема би се ширела понатаму, па би го добила и северот на Косово. Другиот дел од оваа поранешна Ју покраина би се припоила кон Албанија. Таа, исто така, би можела да стане „голема“ и „уште поголема“ на тој начин што кон неа би се придодале и делови од Црна Гора, како и западна Македонија.

Со чие овластување

Според тоа, тајниот „нон – пејпер“ на Јанша предвидува создавање три „големи“ национални држави и смалување на териториите на две други од Западен Балкан, за сметка на, како што смета словенечкиот премиер – конечното затворање на распадот на поранешна Југославија!

Нема притоа ништо – кој и кога го овластил премиерот на една мала европска држава, членка на ЕУ и на НАТО, да го прекројува регионот кој инаку настојува да се приклучи на Унијата, таму каде членуваат Словенија и Хрватска, па своите идеи, во еден неформален документ, да му ги предаде на Брисел (се тврди на Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет во кој се лидерите на сите земји – членки).

Освен што „големите идеи“ за прекројување на цел еден регион на Европа, доаѓаат во време на стотина денови пред Јанша, со Словенија, да претседаваат со Европската унија до крајот на оваа година. А, Словенецот уште од порано навести дека му предлага на Брисел – Самит за Западен Балкан во врска со неговата европска перспектива!?

Необичен демант

Ако вака официјална Љубљана ја гледа перспективата на регионот, тогаш е јасно зашто Европската комисија смета дека не треба Самит, додека не се постигне некаков успех на Унијата поврзан со земјите од Западен Балкан.

Како и да е, Брисел веднаш реагираше со демант дека може да има некакво прекомпонирање на БиХ, не споменувајќи ги другите „варијанти“. ЕУ и Европската комисија знаат за деструктивното делување на Милорад Додик и на Република Српска, внатре во БиХ, како и за силната подршка што ја добиваат од Москва, за сите нивни постапки. Спротивставување на било какво цепење на БиХ стигна и од Вашингтон, а во Москва, главниот акцент беше ставен врз „опасните планови за голема Албанија“.

Се огласи со демант и самиот Јанез Јанша, на малку необичен начин. Не демантира дека нема нон – пејпер, туку дека не му предал никаков документ на Шарл Мишел, затоа што не се виделе со месеци. Уште и ги обвини словенечката опозиција и оние кои сакаат да пропадне словенечкиот план за Самит за Балканот.

Од тој момент, меѓутоа, почнуваат да се тркала приказната за новите карти и граници, во стилот – кој тоа таму зборува, кој тоа таму лаже.

„Откритието” на Спутник

Па, така, руската про – Кремљ агенција Спутник, тврди дека „имало некаков неофицијален состанок“ во Брисел, во март, на оваа тема, на која се приклучиле и Словенија, Унгарија, Грција и Бугарија.

Словенечкиот шеф на дипломатијата Анже Логар, пак, ја обвини Хрватска дека таа има доставено документ за поделба на БиХ, а загребскиот весник „Јутарњи лист“ кој важи за близок до владеачката ХДЗ, целиот случај го објаснува со „игра на Орбан и на србијанскиот претседател Вучиќ“. Притоа не елаборирајќи го хрватското однесување во сегашната ситуација во БиХ и посебно соработката на Загреб и Белград во определувањето на иднината на оваа држава.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, во својот стил, крајно необичен за еден шеф на држава, нон – пејперот го прогласи за „обичен биг шит“ и како несериозна, но и опасна работа, во секој случај, спротивставувајќи се на правењето „голема Србија и Хрватска“.

Премиерот Андреј Пленковиќ не отиде толку далеку и ќе рече само дека „документот“ го има видено на словенечкиот сајт „Нецензурирано“, на англиски јазик, уверувајќи дека никој во Хрватска го нема добиено.

Уверувања до Сараево

Босанското државно раководство реагираше прилично остро и бараше од Љубљана детално објаснување за „словенечкиот нон – пејпер“, но бошњачкиот член на претседателството Џаферовиќ откри дека по телефон му се јавил Јанша и му рекол дека – „Не постои никаков нон – пејпер и никаков документ за разградување на БиХ“ .

Во тоа меѓувреме, се истрчаа уште Милорад Додик со „објаснување“ дека нема што да се цртале граници, кога границата на неговата Република Српска и босанската федерација е „определена и таа не може да се смени“, а се огласи и албанскиот премиер Еди Рама.

Тој, пак, тврди дека видел „такви мапи“ (сите на Балканот со години на ред знаат за картите за „голема“ Албанија), но земјата е во предвечерието на парламентарни избори, а тоа е време кога треба да се биде „патриот“ и да се сонуваат соништа за сопствената големина која е над онаа што е веќе определена.

Антиевропско писание

Ние во Македонија го знаеме тоа од нашите „патриоти“, од овдешните националисти, кои последниве 30 години само тоа и го продаваат на домашната јавност – за да се избега од Европа и од европеизација на државата.

Целта е да не се оди кон ЕУ и кон европските интеграции, затоа што тие (наводно) се спротивни на македонските национални интереси, а всушност – за да може да владеаат бесконечно, управувајќи со државата како што тоа го прават во Белорусија, или во Русија. Или во Унгарија, во поново време, или пак во Словенија, со Јанша како премиер.

Со парите на Орбан и на неговите пајташи и со менаџментот на Јанша и на европската крајна – десница, во Македонија е инсталирана медиумска мрежа за дестабилизација на проевропската и прозападната влада во Скопје, како и за одвраќање на земјата од нејзиниот европски пат и – со помош на македонската несреќа – скопското ВМРО – за правење сојуз што е контра ЕУ.

Постои ли некаков нон – пејпер, или не, она што го содржи писанието, во основа, е антиевропска работа и против ЕУ, така како што таа е замислена и компонирана. Зашто во заднината стои планот за преуредување на Унијата во некакво ултра – десничарско дружество, во кое целосно треба да се потиснат либералните и вистински демократските вредности, за сметка на десничарењето, популизмот и опасниот национализам.

Вмровци кај Јанша

Тоа го правеше режимот на избеганиот лидер 11 години, тоа го прави десет години Орбан, а тоа го прави Јанша во Словенија. Војува против словенечката либерална опозиција, против слободата на медиумите – правејќи и тој како вмровците – паралелана медиумска мрежа – на партиски и нему лојални гласила – какви што и сега се гласилата што на македонскиот говорен простор ги финансира Орбан.

Не е затоа ништо чудно што скопските вмровци се често во Будимпешта – по инструкции и за пари. Таму им е газдата и вистинскиот лидер. Не е, затоа, чудно и што делегација на оваа опозиција престојуваше во Љубљана и што Јанша комуницира само со вмровските истомисленици.

Ако навистина сака да ја предводи Унијата од 1 јули и да прави Самит за перспективите на регионот, ваквиот потег на овој некогашен ЈУ социјалистички младиски функционер и левичар, покажува дека во идејата за Самит има само лично саморекламирање, за словенечки потреби, пред изборите во Словенија. Ништо друго.

Фејк човек – фејк вест

Конечно, со задршка од еден месец, оној кој овде ни се прикажува како лидер на опозицијата во Македонија, откри дека Јанша му кажал дека нон – пајперот (сепак) постои, но дека не е негов, туку на левичарите.

Според нашава несреќа – авторите биле Словенката Тања Фајон (силен конкурент на Јанша) за премиерската функција, Тонино Пицула, европратеник од Хрватска, од блокот на европската левица – и Зоран Заев!? Сето тоа било спакувано за да се тргнел од власт Јанез Јанша кој е лидер на својата партија во Словенија – откако таа е формирана – пред четврт век.

Така има речено човекот од скопското ВМРО, па сега е прашање – кој во сето ова лаже и тоа на големо. Овој нашиов, кому лагите му се дел од комуникацијата, или пак словенечкиот премиер – кој на лидерите во Босна, како и на сите околу им зборува дека – не постои никаков нон – пејпер.

Можеби лажат и двајцата, но скопскиот вмровец е веќе осведочен како лажлива и фејк фигура. Единствено што знае да работи е да произведува лажни вести и дезинформации.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе