Вакцини од Норвешка за Шведска и Исланд
Норвешка одлучи да им помогне на соседна Шведска, како и на Исланд со вакцини против коронавирусот, откажувајќи се од своите 216 илјади дози Астра/Зенека, за да ги префрли во овие две земји кои побараа ваква интервенција.
Станува збор за вакцини кои Норвешка ги има набавено и сега ги чува на залиха, затоа што го има запрено користењето на овој вид вакцина, по сомнежот дека тие предизвикуваат контра индикации. Норвешките здравствени власти одлучиле да ги префрлат своите вакцини таму каде се повеќе потребни во моментот, наместо да ги чуваат во фрижидери.
Отворена истрага
Властите во Осло имаат покрената темелна истрага за квалитетот и за тоа дали вакцините на Астра/Зенека, која е британско – шведска фармацевтска компанија, предизвикуваат нуспојави кај вакцинираните лица. Норвежаните инсистираат на супер – анализа, иако Светската здравствена организација (СЗО), Европскта медицинска агенција (ЕМА) и самата компанија имаат издадено цертификати за масовно користење и уверуваат дека вакцината не е опасна по здравјето на луѓето.
Дилеми околу Астра/Зенека се појавија откако неколку држави пријавија случаи на згрутчување на крвта меѓу оние кои ја примиле оваа вакцина.
Здравствени експерти во Британија каде токму оваа вакцина најмногу се користи за тамошното масовно вакцинирање , а со неа се вакцинирани и британскиот премиер и членовите на владата, прифаќаат дека има случаи кога кај стотина Британци се појавиле вакви или други реакции, но дека тие „ може и треба да се толерираат во услови на милиони вакцинирани лица“.
Данска, меѓутоа, пред еден месец, прва го покрена сомнежот во вакцината на Астра/Зенека, а меѓу земјите кои ја запреа употребата на оваа вакцина, во процесот на имунизацијата на населението во Европа, се најде и Норвешка.
Појава на тромбоза
До тој момент, оваа вакцина ја имаа примено 134 илјади Норвежани. Кај десетици луѓе тамошните лекари имаат регистрирано нуспојави, меѓу кои најзагрижувачки се тешки облици на тромбоза, иако станувало збор за релативно млади луѓе, со добро здравје и без никакви хронични заболувања. Тројца од овие вакцинирани лица, починале.
Норвешките здравствени власти најавуваат дека до средината на мај ќе треба да се знае дали оваа вакцина, одново, ќе биде дозволена за употреба во оваа скандинавска земја, или трајно ќе се забрани, како мерка на претпазливост. Властите во Шведска и на Исланд, пак, не размислуваат на овој начин и веруваат во меѓународните експертизи и ги примиле вакцините.
Од Норвешка во Шведска се префрлени 200 илјади, а во Исланд 16 илјади дози од вакцината на Астра/Зенека. И двете земји имаат ветено дека доколку и затребаат на Норвешка, тие ќе и возвратат со вакцини кои во меѓувреме ќе ги добијат.