Голема мултинационална вежба во Грција
Рекорден број воени авиони, како што (велат) немало низа години наназад во реонот на Балканот, учествуваа во големата мултинационална, воздухопловна, воена вежба што се одржа во Грција.
На вежбата, под називот “Иниохос 21“ што траеше десет денови и заврши во четвртокот, учествуваа воените воздухопловства на седум земји – покрај она на домаќинот Грција, уште и на САД, Франција, Шпанија и Кипар, како и на Израел и авијацијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Според атинските, но и европските медиуми, биле вежбани воздушни битки, операции за обезбедување превласт во воздушниот простор, потоа уништување на ПВО системи на непријателска територија, како и борбени операции за потрага и спасување, како и подршка на поморски единици.
Најголема на Балканот
Европски воени експерти сметаат дека станува збор за една од најголемите воени вежби на Балканот и меѓу најголемите во Европа. До 2015 година, вежбата која се одржува секоја година, беше само на грчките воздухопловни сили, но од таа година, се претвори во мултинационална и на неа се појавуваат земји со кои Грција има билатерални договори за воена соработка.
Во Атина се инсистира дека вежбата ги „ означува напорите на Грција за одржување врски, како со своите сојузници во НАТО, така и со земји од регионот на Блискиот Исток“. На вежбата учествувале десетици најразлични видови најсовремени борбени авиони на земјите – учеснички, потоа беспилотни летала, авиони – танкери, како и дестина видови најсовремени хеликоптери.
Вежбата се одржа во време на тензии во односите меѓу Атина и Анкара. Во 2020 година тие почнаа како гранични тензии околу заканите на Турција дека ќе „ја отвори вратата“ за наплив на бегалци и мигранти кои се на турска територија, на пат кон Европа, преку грчката територија.
Но, во текот на минатогодишното лето се заканија да се претворат во воен судер меѓу двете соседни земји.
Тензии за гасот во Источен Медитеран
Кризата настана околу недоразбирањата околу експлоатацијата на нафта и гас од морското дно, во Источен Медитеран, посебно во водите околу Кипар, откако Турција испрати еден брод за подморски истражувања во придружба на четири бродови на турската воена морнарица.
На тоа грчката страна, во Средоземието ја покрена својата морнарица, која постојано ги следеше турските бродови.
Реагираше ЕУ во настојување да ја смири ситуацијата, а Франција испрати и свои бродови, стационирани во Медитеранот, како и воени авиони кои ја користеа базата на островот Крит, за да одблизу ја надгледува ситуацијата.
Всушност, не стануваше збор само за одбраната на Кипар, земја членка на ЕУ, туку и за заштита на претходно прогласените специјални (поморски) економски зони во Медитеранот, во кои Грција и Турција уште еднаш се најдоа на спротивставени страни.
Воена соработка со САД
Претендирајќи на гасот и нафтата, што се истражува, а со што се опфатени и водите во поширокиот појас на Крит, Атина на своја страна ги привлече покрај Кипар, уште и Израел и Египет. На другата страна, покрај Турција која исто така создаде своја интересна зона, се приклучи Либија, каде Анкара од претходно е директно инволвирана – политички и економски.
До судир не дојде, а грчко-турските односи сега ја немаат тензијата што ја имаа минатата година.
Меѓутоа, владата во Атина се определи за забрзана обнова на грчките вооружени сили. Грција планира во следните пет години да вложи 11 милијарди евра за таа цел, а во меѓувреме и силно ја има интензивирано воената соработка со САД. Од Америка, како и од Франција, Грција планира да ги покрие своите сегашни потреби за нови авиони и за други летала.
Во исто време, последниве години, Грција има направено билатерални договори со Израел, со ОАЕ и со Саудиска Арабија. Со Израелците за изградба на воен центар за обука на пилоти, а со Емиратите за взаемна помош, во случај на загрозеност на територијалниот интегритет на секоја од овие две земји.