Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

И четврти неуспех на Бенјамин Нетанијаху

ChinaImages/Depositphotos.com

И четврти неуспех на Бенјамин Нетанијаху

Четири пати во изминатите малку повеќе од две години, Израелците излегуваат на предвремени парламентарни избори и исто толку пати, земјата не успева да обезбеди парламентарно мнозинство за да се формира влада.

Во четири наврати ветеранот на израелската политичка сцена, лидерот на десничарскиот Ликуд и повеќе од деценија премиер Бенјамин Нетанијаху, добива повеќе гласови и пратенички места од другите партии и се обидува да обезбеди мнозинство од 61 пратеник, во Кнесетот што брои 120 пратеници.

Но, и овој пат не успеа – ниту да победи на изборите, иако и сега тој и Ликуд имаат најмногу пратеници, а ниту да формира коалициона влада, која толку многу сака тој да ја предводи.

Лапид нов мандатар

На четвртите избори, одржани на 23 март освои 30 пратенички места. Како лидер на најбројната парламентарна партија, прв доби право да создаде влада. Меѓутоа, после еден месец настојување и консултации, не успеа ниту да се приближи до „фамозната“ бројка од 61 пратеник, па (одново) го врати мандатот.

Со него се согласија да коалицираат некои од ултра – ортодоксните еврејски партии, како и од сојузот на крајната десница, кои обично, му се приклучуваат по секои избори, но одбија да влезат во коалиција со него сите други парламентарни партии. Тие сакаат да го тргнат Нетанијаху од политичката сцена.

Претседателот на Израел Рувен Ривлин, во обид да ја извлече побргу државата од политичката криза, затоа, му го довери мандатот на Јаир Лапид, лидер на опозицијата и центристички определен политичар, чиј блок е второрангиран на изборите.

Блок против Биби?

Ривлин верува дека Лапид и неговата партија Јеш Атид (Има иднина) може да создаде мнозинство за една стабилна влада, за да не мора да се оди и по пети пат на вонредни избори. Тој сега има на располагање четири недели за консултации и преговори со сите партии, за да успее таму каде „вечниот Биби“, како што е прекарот на Нетанијаху, не успеа. Тоа, како што проценуваат аналитичарите во Ерусалим, сепак, нема да биде лесна задача.

Едноставно, партиите кои влегоа во најновиот состав на Кнесетот, имаат малку заедничко, едни со други, освен што сите сакаат да се ослободат од Нетанијаху и да направат влада во која тој нема повеќе да биде премиер.

Станува збор за владеење на еден премиер какво досега немало во современата израелска историја.

На премиерската функција е без прекин (сметајќи ги и последниве две години, со техничка влада) цели 12 години. Доколку му се додаде и еден претходен мандат, на почетокот од лидерството со Ликуд, излегува дека Нетанијаху е на власт вкупно 15 години.

Новинар и политичар

Јаир Лапид е син на поранешен политичар – Томи Лапид, инаку Евреин роден во Нови Сад, во Војводина. Тој бил и новинар, и политичар, а во еден период и израелски министер за правда. Синот Јаир, исто така, е поранешен новинар, популарен телевизиски водител и министер за финансии меѓу 2013 и 2014 година, во една од владите на Нетанијаху.

Биби и покрај поразот што го доживеа, сепак, не се предава и настојува на секој начин да остане во политиката на Израел. Веднаш по неуспехот како мандатар предложи вонреден референдум, на кој граѓаните би се определиле кој да им биде премиер, инсистирајќи и натаму дека тој останува најпопуларниот кај народот и дека само тој може да биде вистинскиот лидер на Израел.

Израелската јавност, пак, не верува во една таква солуција која нема ни политичка, а ни правна основа, па смета дека – како сега стојат работите – ќе мора и по пети пат да излезат и да гласаат, со или без Биби како лидер на Ликуд. Дури 70 отсто од Израелците верува во една ваква разврска.

Заробена држава

Опозицијата, меѓутоа, е гневна на 71 годишниот Нетанијаху, кого го обвинуваат дека го има претворено Израел во ЗАРОБЕНА ДРЖАВА, поради, како што се вели, неговите „болни амбиции“ да владе до крајот од животот.

Некои негови симпатизери почнуваат да веруваат дека без него можеби Ликуд би постигнал и подобар резултат, иако не е мал бројот на оние кои сметаат дека без Нетанијаху не би се обезбедиле ниту овие, сегашни, 30 пратенички мандати.

Зад ваквата ситуација – во која државата е без Парламент и без вистинска влада повеќе од две години – светските аналитичари сметаат дека, сепак, се крие нешто друго. Тоа не се само „болните амбиции“, туку можеби повеќе, стравот на Нетанијаху дека долгата политичка кариера ќе ја заврши со затвор.

Всушност, тоа е суштината на целата оваа израелска политичка драма – борејќи се очајнички за уште еден премиерски мандат, на сите овие четири (неуспешни) избори, тој се бори за да преживее како политичар и за да не заврши како осуденик за корупција и за злоупотреба на службената должност.

Судскиот процес – лет во место

Ако биде прогласен за виновен и казнет, се верува, дека сепак, нема да побегне во странство за да не ја издржува казната. Израел не е на Балканот и Биби, каков и да е, не е балкански политичар кој би си дозволил јавна бламажа – да се сокрие кај некој странски диктатор.

Судскиот процес започна пред една година – во мај 2020.

Но, се развлекува со помош на вештите адвокати за да му се остави да дејствува слободно на политичката сцена – во државата и на меѓународен план. Притоа, нему блиските медиуми продолжуваат од него да прават и херој и „вистински патриот“ и “политичар кој единствен“ може да му обезбеди безбедност на Израел.

Во градењето таква слика, изминатите две и повеќе години, силно му помагаше и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, влечејќи од Вашингтон потези кои го задоволуваат националистичкиот и десничарскиот дел од израелската јавност – а тоа се традиционалните гласачи на Ликуд и на Нетанијаху.

И обвинет и мандатар

Конечно, на рака му одат и израелските закони, кои дозволуваат политичар – не само осомничен, туку и обвинет – да може да остане во политиката, па дури и да се кандидира на избори – се додека не биде осуден.

А, велат, дека постојат силни шанси тој да биде осуден, без разлика што се очекува судскиот процес, на кој треба да се појават над 300 сведоци, да се развлече со месеци, а можеби и со години.

Бенјамин Нетанијаху е обвинет за злоупотреба на службената должност. Според обвинувањето, како премиер примал, но и барал скапи подароци, од богати и влијателни пријатели во светот на бизнисот.

Тој ја има злоупотребено функцијата и затоа што си обезбедил да има “поволен и повластен третман“ кај медиумите од нему блиски пријатели – за да пишуваат поволно за него. За тоа го има изменето и законот за медиумска регулација – за да се фаворизира компанија чиј сопственик е приватно и политички близок до него.

На судот, Биби се брани дека сето ова е „политички монтирано“ и дека претставува “лов на вештерки“.

(Е.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе