„Што повеќе вакцини – тоа подобро“
Првиот човек на фармацевтска компанија Бионтек Угур Шахин изјави дека пандемијата со коронавирусот која целосно го има пореметено животот во целиот свет, сигурно е дека нема да биде завршена до крајот на оваа година.
Иако во тек е засиленото вакцинирање на населението во најголемиот број земји, а некои држави постигнуваат и добри резултати во контролата на заразата, се уште има делови од светот каде пандемијата продолжува да пустоши.
Во разговор за американскиот весник „Вол Стрит Џорнал“ Шахин смета дека за враќање на животот во нормала, онака како што тоа беше пред избувнувањето на епидемијата, ќе треба уште време и придржување на заштитните мерки.
Интензивно вакцинирање
„За враќање на животот, каков што беше пред нешто повеќе од една година, за живот без маски за лице и социјално дистанцирање, ќе мора да се обезбеди НАВИСТИНА ВИСОК СТЕПЕН НА ВАКЦИНАЦИЈА, но не на една, или на неколку земји, туку во целиот свет. Во спротивно, и понатаму НИКОЈ НЕМА ДА БИДЕ БЕЗБЕДЕН“ – рекол Шахин за овој весник.
Тој притоа инсистирал дека за победа над вирусот може да се зборува само тогаш, кога целиот свет ќе достигне ниво на колективен имунитет.
„До средината на 2022 година, или тоа значи, за една година од сега, дури и густо населените региони, како што е Индија, на пример, може да постигнат висок степен на вакцинираност и колективен имунитет. Убеден сум дека во следните 12 месеци се повеќе богати, но и средно развиени, па и сиромашни земји ќе успеат да ја постигнат таа цел“ – проценува Шахин.
Според него, најважното за оваа амбиција е да има вакцини, а тоа значи дека е неопходно е да се зголеми и интензивира нивното производство, како и да се почне со мешање на различни вакцини против Ковид – 19.
Мешање на вакцините
„Што повеќе вакцини светот има на располагање, тоа подобро. Во теорија можеме да ги мешаме вакцините, затоа што нашата цел е да се постигне колективниот имунитет, Едноставно, сакаме да има што е можно повеќе вакцинирани луѓе“ – има речено ко-основачот на Бионтек и главен лекар на оваа компанија Озлем Туреци која исто така учествувала во разговорот за „Вол Стрит Џорнал“.
Таа открива дека во тек се преговори со Кина за тоа вакцините на Фајзер – Бионтек да бидат достапни и на тој простор, како своевидно дополнување на кинеските вакцини, посебно за постарите луѓе.
Изјавата на создавачите на компанијата Бионтек во Германија, доаѓа во време на полемика што се создаде во европската јавност, откако САД соопштија дека ја подржуваат иницијативата – производителите на вакцини да се откажат ПРИВРЕМЕНО – од своите патентни права, за да може како производители да се јават и низа други фирми.
Глобална колективна имунизација
Целта на еден ваков потег, без преседан, е да се интензивира производство на вакцините, а тоа да ја зголеми масовноста во вакцинирањето.
Но сите не се согласуваат со ова, посебно не се согласуваат производителите кои сметаат дека не тоа проблемот за сегашниот недостиг од вакцини.
Производителите, а меѓу нив и Угур Шахин предупредуваат дека со предлогот на САД (не е американски, туку потекнува од Европа, од Германија) би се ризикувало – разни „недокажани и сомнителни“ компании да се појават на пазарот. Тоа наместо да помогне, би предизвикало дополнителни проблеми – сметаат производителите.
Она за што се согласуваат е дека уште повеќе треба да се продолжи со зголемување на производството на вакцини – од сите сегашни производители и со убедување на населението дека вакцините се потребни, затоа што до откривањето лак за Ковид, тие се единственото оружје во борбата со вирусот и со пандемијата. Во секој случај луѓето треба да се вакцинираат за да се достигне целта – глобална колективна имунизација.