„Алкохолот не е штетен за вакцините”
Британската регулаторна агенција за лекови и за медицински средства соопшти дека не постојат докази за тоа дека алкохолот и консумирањето алкохол по вакцинирањето влијае врз ефикасноста на вакцината против коронавирусот.
Оваа агенција реагираше со вакво соопштение откако на социјалните мрежи во Британија се појавиле тврдења дека пиењето на било кој алкохол влијае врз примената вакцина, па дека затоа оние кои се вакцинирале треба да се воздржат од земање алкохол две недели по вакцинацијата.
Во некои случаи, такви совети имаат давано и лекари, терајќи ги луѓето на апстиненција.
Нема докази за штетност
„До сега нема никаков доказ дека алкохолните пијалоци, на било кој начин, влијаат врз ефикасноста на било која од вакцините против болеста Ковид-19” – се вели во соопштението од оваа британска агенција.
Исто така, вакви предупредувања нема ниту во упатствата и во информациите на производителите на вакцините, а такво предупредување не дава ниту британското јавно здравство (НХС), без разлика на препораки на некои од лекарите и другиот медицински персонал.
Се смета дека теоријата за потребата од двонеделна апстиненција од земање некој алкохолен пијалок, по вакцинирањето е тргната од Русија. Колку што е познато, еден од тамошните здравствени функционери има јавно изјавено дека “алкохолот по примената вакцина може да му наштети на организмот да развие антитела“.
Директорката на Центарот за испитување вируси при Универзитетот во Калифорнија, во САД, Илхем Месуди има изјавено дека е точно оти “генерално гледано, обилното земање алкохол, го пореметува имунолошкиот систем кај луѓето, па оние кои пијат повеќе се полесно подложни на инфекциите и вирусите“.
Овој експерт, меѓутоа, уверува дека умереното консумирање алкохол не претставува никаков ризик – и генерално, а и при сегашната масовна имунизација на населението против коронавирусот.
Различно толкување
Според нејзиното толкување, умерено консумирање алкохол се смета земањето не повеќе од два алкохолни пијалоци во текот на денот, за мажите и еден за жените.
Ваквата дилема околу алкохолот, пиењето и вакцинацијата не се однесува само на Русија, на Британија, или и на САД, туку ја има и низ Европа, па и во Македонија.
Скопје/Глобал е информиран дека медицинските сестри, кои го вршат вакцинирањето, но и повеќето од лекарите во центрите за вакцинација, им сугерираат на луѓето да се воздржуваат од пиење по примање на вакцината.
Тоа апстинирање, меѓутоа, е различно дозирано – некои советуваат да трае три – четири денови, други пак неземањето алкохол го препорачуваат и до три недели – од примањето на првата доза, до ревакцинацијата.