Сите ќе треба да се вакцинираат и догодина
Германскиот експерт Томас Мертенс, директор на едно советодавно тело за вакцини, изјави дека е многу веројатно оти идната година – сите ќе треба одново да се вакцинираат против коронавирусот.
Оваа германска институција, засега, ги нема сите потребни параметри и податоци врз чија основа ќе може прецизно да се каже – кога ќе биде потребно уште една серија вакцинирање на населението. Според, Мертенс германските власти ќе треба да почекаат уште неколку месеци за да може да се утврди дале сегашната заштита, односно создадениот имунитет, против коронавирусот, ослабнува кај некоја категорија вакцинирани.
Сепак, овој експерт смета дека вирусот што го држи светот под контрола над една година – нема туку, така да исчезне, па дека затоа, вакцинацијата што е во тек во Германија (и во Европа) нема да биде последната на која луѓето ќе треба да бидат подложни.
Германските здравствени власти објавија на крајот од изминатата недела дека досега се вакцинирани 30,5 милиони лица, или 36 отсто од населението во Германија. Станува збор за бројки кои се однесуваат на примена една доза вакцина.
Целосно, досега се имунизирани, над девет милиони Германци, или околу 11 отсто од населението.
Најавата на Томас Мертенс за (најверојатно) повторното вакцинирање, како што тоа е случај секоја година со сезонскиот грип, не е прво досега. Повеќе европски имунолози уште пред да се започне со масовното вакцинирање навестуваа дека сегашниот процес нема да биде последен.
Британски експерти на неколкупати имаат навестено дека – можеби уште оваа есен – ќе треба трета доза вакцина, како заштита за населението и за поцелосно и подолготрајно имунизирање.