Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Коронавирусот, сепак, од лабораторија?

Chinaimages/Depositphotos.com

Коронавирусот, сепак, од лабораторија?

Вирусот на Ковид – 19 е создаден од кинеските научници кои се обиделе тоа да го сокријат од домашната, но пред се, од меѓународната научна и друга јавност – тврдат двајца европски научници – еден британски и еден норвешки – кои велат дека коронавирусот е произведен во лабораториите на Институтот во градот Вухан.

Овие двајца научници тврдат дека Кинезите работеле со вируси, истражувајќи го нивното потенцијално влијание врз луѓето. Затоа, во својот заклучок  за потеклото на короната европските научници наведуваат дека – во секој случај – вирусот нема природно потекло, како и дека – без никаква сомнение – е создаден од луѓето.

Уникално траги

Британскиот професор Ангус Далглиш и норвешкиот научник др. Биргер Соренсен, во една подготвена за објавување публикација, тврдат дека дошле до „уникални траги“ на семпловите на вирусот кои откриваат дека врз него била извршена манипулација од страна на кинеските научници.

Според лондонски „Дејли Меил“ за кој се вели дека имал увид во сознанијата на Британецот и на Норвежанецот, кинеските научници биле ангажирани на ПРЕПРАВАЊЕ на вирусот со природно потекло, за да биде уште поинфективен – за да потоа истражуваат какво ќе биде влијанието на таквиот вирус врз луѓето.

Излегува дека Ковид – 19 бил создаден со надодавање – откако врз природниот коронавирус, сместен во кинеските пештерски лилјаци, била извршена лабораториска интервенција, со што бил создаден нов „шилец“. Проблемот во целата оваа операција настанал кога вака создадениот вирус излегол од контрола и бил „изнесен надвор“,  преку помалку обезбедуваните делови од институтот во Вухан.

Човечка творба

Кинезите, во таква ситуација, се обидувале да ја забошотат работата, прикривајќи го она што го направиле со преработка на новосоздадената верзија (на вирусот), така што ќе изгледа како да има природно потекло – односно, дека потекнува од пештерските лилјаци!

Тврдењето на Далглиш и на Соренесен е најновиот показател за тоа дека потеклото на коронавирусот кој повеќе од 15 месеци го држи светот заробен со пандемијата – предизвикувајќи и натаму новозаразени и смртност, каква не е забележана последниве 100 години – има лабораториски корени – нешто што досега го отфрлаат како (кинеските) политичари, така и тамошните научници.

Сето ова доаѓа во време кога САД и Британија ги засилуваат барањата до Светската здравствена организација (СЗО) да покрене многу подлабока и потемелна истрага за можноста – короната – да има  лабораториско потекло – ако треба и со една нова посета на Кина и на Институтот за вируси во Вухан – единаесет милионски град кој се означува како епицентар на пандемијата што го покори светот.

Заболени научници

Двајцата научници од Европа кои своите откритија и јавно ќе ги презентираат, во едно квартално, научно списание, инсистираат дека короната НЕМА ПРИРОДНО ПОТЕКЛО и таквото свое тврдење го илустрираат со нивната анализа на семпловите од вирусот, додека работеле на истражувањата за изработка  вакцина за заштита од короната.

„Постојат докази кои укажуваат дека коронавирусот е дело на човечка замешаност“ – тврдат Далглиш и Соренесен.

Верзијата за кинеско манипулирање со потеклото на овој вирус и со самата епидемија, одново се актуелизира откако американскиот весник „Вол Стрит Џорнал“ објави еден разузнавачки извештај за тоа дека неколкумина научници од Институтот во Вухан биле итно хоспитализирани, како последица на “непознат вирус“ – уште во почетокот на ноември 2019 година –  три месеци пред Кина да признае дека се соочува со епидемија.

Лилјаците – првообвинети

Во март оваа година, СЗО и кинеските вирусолози, во заеднички извештај за истрагата што како – така беше спроведена за потеклото на короната, успеаја да се спогодат – компромисно – за четири хипотези од каде потекнува овој вирус.

Доминантна и натаму е дека изворот се пештерските лилјаци, а дека вирусот се префрлил на луѓето преку друго животно – кое се храни со лилјаците, а го користат за храна и Кинезите – набавувајќи го по тамошните пазари.

Можноста за лабораториско потекло се споменува како една од понудените хипотези, но за неа се вели дека е „исклучително малку веројатно“ дека тоа е така!

Американците и Европејците не го прифатија овој извештај, оценувајќи го како непотполн и премногу компромисерски, па минатата недела, американскиот претседател Џо Бајден, (не)очекувано наложи детална истрага по одговорот за тоа кој е изворот за вирусот и за пандемијата – давајќи им 90 денови рок – на разузнавачките агенции и на научниците да утврдат какво е потеклото на Ковид – 19.

Особено, што разузнавачките агенции тврдат дека имаат бројни сознанија околу оваа работа – тргнувајќи, пред се, од тоа дека вирусот (најверојатно) се раширил со голема брзина после инцидент во лабораторијата во Институтот за вируси во Вухан.

Одговорност на Кина?

„Њујорк Тајмс“ тврди дека операцијата за потрага по потеклото веќе е во тек и дека (овој пат) се истражува верзијата за лабораториско производство на короната и за тоа дали навистина, случајно, создадениот вирус излегол надвор од контрола, па се раширил низ градот и Кина, а од таму низ светот.

Скопје/Глобал веќе пишуваше за тоа дека американската амбасада во Пекинг уште во 2017 година испратила доверливи податоци, добиени , индиректно,  од кинески истражувачи – дека лабораторијата во Вухан има сериозни проблеми со одржување на безбедноста. Односно, дека е реална можноста да дојде до хаварија поради ниската обученост на оние кои таму требало да се грижат за тоа да не дојде до некаков инцидент со опасните вируси.

Материјалот бил примен во Стејт департментот во Вашингтон, но тогаш на него никој не обрнал внимание. За него одново станало збор дури кога короната почна да се шири и да убива низ Америка.

Како и да е, она што сега го прават Американците е настојувањето да се испита – дали постоела намера на Кина да ја сокрие вистината, како и дека било забошотено истекувањето на вирусот – од лабораторијата.

Евентуалното откривање на вистината, може да има последици и во самата САД, врзано за тврдоглавото спротивставување на заканата од коронавирусот од претходната администрација, но и во меѓународните односи . Едноставно,  тоа ќе значи ВИНА на Кина за она што му се случи на целиот свет.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе