Миокардитис по Фајзер вакцините?
Израелското министерство за здравство потврди дека кај „мал број вакцинирани лица“ кои ја примиле Фајзер вакцината, се забележани појави на воспалување на срцевиот мускул – миокардитис. Оваа појава е регистрирана, главно, кај млади, машки лица.
Од пред крајот на минатата година, до мај оваа, само во Израел, се регистрирани 275 случаи на миокардитис, на вкупно пет милиони вакцинирани лица – соопштува ова министерство, презентирајќи ги резултатите од студијата што била нарачана за да се разјасни оваа појава.
Мнозинството од пациентите кај кои било дијагностицирано воспалување на срцевиот мускул, поминувале во болница на испитување и лекување меѓу четири и пет денови, а во дури 95 отсто од случаите станувало збор за т.н. „благи случаи“ на миокардитис.
„Веројатна поврзаност“
Во заклучокот на ова истражување се вели дека “веројатно постои поврзаност“ меѓу вакцинирањето со втората доза на Фајзер вакцината и појавата на воспалување на срцевиот мускул кај машки на возраст меѓу 16 и 30 години. Притоа, е забележано дека ваквата нус – појава се регистрира кај најмладите вакцинирани – оние меѓу 16 и 19 години.
Израелските медиуми кои го пренесуваат соопштението на тамошното министерство за здравство не објаснуваат зашто се појавува една ваква реакција и зашто тоа се случува кај млади, машки лица – тинејџери и сосема млади полнолетници.
Здравствените власти и израелската влада, во својата силна кампања за забрзана и масовна вакцинација на населението, ги имаат опфатено и лицата на оваа возраст – први во светот и пред воопшто да бидат направени тестови за евентуалните можни контра индикации.
Вакцинирање млади од 12 – 15 години
Во првата реакција на експертскиот тим на компанијата Фајзер се вели дека тие детално ги проучуваат сите вакви случаи, за кои се зборува во израелското соопштение, што е поврзано со вакцинирањето со нивната вакцина.
Но според нив, сепак, станува збор за мал број случаи кои дури и не се повеќе од она што се означува како вообичаено.
Односно, дека станува збор за појава – многу поретка – од регистрирањето на миокардитис во нормални околности.
После објавувањето на соопштението на министерството за здравство, израелските здравствени власти дадоа согласност за продолжување со вакцинацијата на младите – овој пат и на возраст од 12 до 15 години, што се најавува дека ќе започне веќе од следната недела.
Во исто време, американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦАЦ) објави дека, исто така, го проучувале појавувањето на миокардитисот, што може да се поврзува со вакцинацијата против коронавирусот.
Ковид е поризичен за младите
Во Америка тоа се врзува за вакцините на компаниите Фајзер и Модерна со кои се вакцинирани далеку најмногу Американци, но не се најдени никакви знаци на предупредување, односно дека сите нуспојави кои се регистрирани кај некои вакцинирани лица, не се повеќе од оние кои се третираат како вообичаени и нормални.
Напротив, експертите во САД сугерираат да се продолжи со вакцинацијата на сите категории население. Сите досегашни испитувања потврдуваат дека процентот на случаи со миокардитис, или со перикардитис, по примена анти Ковид вакцина, не се разликуваат од очекуваните.
Американскиот професор др. Пол Офит, директор на Центарот за вакцини при детската болница во Филаделфија изјавил дека родителите, во секој случај, треба да ги вакцинираат децата – поради веќе познатите последици по здравјето што ги предизвикува болеста Ковид – 19.
„Прашањето за појавувањето на миокардитис, врзан за вакцинирањето е во сферата на теоретскиот и недокажан ризик“ – рекол др. Пол Офит, инсистирајќи дека коронавирусот е поголемиот ризик.