Уште едно Ковид лето?
Десетици илјади британски туристи, стоејќи во долги редови на португалскиот аеродром Фаро, на крајниот југ од земјата, во реонот на популарната туристичка дестинација Алгарве, настојуваат забрзано да ја напуштат Португалија и до пред полноќ, да се најдат во британска територија.
Сцените на аеродромот наликуваат на масовно бегство од земјата во која Британците во голем број се „истоварија“ на долго очекуваниот одмор, по 15 месечната борба со пандемијата и по остриот локдаун од стотина, а некаде и многу повеќе денови, откако нивниот премиер Борис Џонсон им вети “слобода“ и „спас“ од сите епидемиолошки ограничувања, по забрзано спроведената вакцинација.
Верувајќи му на својот премиер – популист тие се упатија во Португалија, која традиционално е популарна дестинација кај британските туристи – ветувајќи им ја како “безбедна“ од коронавирусот, за разлика од другите јужноевропски земји кои останаа во т.н. „жолта“ група на не до крај сигурни држави. Многумина кои се уште не заминаа, имаат уплатено аранжмани за летување за втората половина на јуни, како и за јули и август.
Потсетување на минатата година
И, кога се мислеше дека вакцините ја одиграа својата улога и ја вратија надежта – во само еден ден сето тоа исчезна. Сега голем број Британци стравуваат дека ќе се повтори минатата година, како и ланското лето, што целосно беше уништено од короната. Тогаш, навистина, немаше вакцини и луѓето тргнаа на одмор откако на крајот од пролета падна процентот на новозаразени во Британија, како и низ Европа, но беа опремени и подготвени за еден поинаков одмор.
Летување со маски, со одржување дистанца од два метри, со отсуство на групирање на плажите, со контроли на патниците – дали се позитивни, или не, Сето тоа, сепак, не помогна, па наместо одмарање, луѓето се соочија со вториот бран на вирусот кој во втората половина на 2020 се покажа потежок и посмртоносен од оној во првата половина од годината.
Во секој случај, она што се случуваше изминатите денови на аеродромот во Фаро, иако во поинакви услови од минатото лето, ја потсетува британската јавност на лански јуни и јули, кога среде лето, забрзано се извлекуваа Британците кои беа на одмор во Шпанија и Грција, како и на расправиите на Лондон со Мадрид и Атина – кој е виновен за тоа што се случуваше.
Назад дома или карантин
Расправијата беше околу тоа дали британските туристи доаѓале заразени на одмор, а се “возеа“ на договорот на владите за примање туристи кои ќе допатуваат во одморалиштата само со специјални авиони и дека не се заразени, или пак, како што тврдеа британските власти – се инфицирале во земјите каде допатувале на одмор.
Туристите сега бегаат од Португалија за да не се затечат таму, во вторник наутро, затоа што во тој случај ризикуваат при враќањето во Британија да бидат сместени во карантин 10 денови, а во некои случаи и да платат казна од три илјади фунти.
Тој рок мора да се „фати“, затоа што владата на Џонсон, наеднаш, одлучи – Португалија од „зелената“ безбедна листа, да се префрли во „жолтата“ и им наложи на сите свои државјани кои се таму – да се вратат дома.
Португалците на привилегуваната „зелена “листа беа само три недели. Промената настана откако од Британија објавија дека Португалија бележи нагло зголемување на бројот на новозаразените, дека доминантен е новиот т.н. индиски сој на вирусот, како и дека во таа земја се регистрирани и инфицирани со непалски подвид на короната.
Безбедно на Фокландите!
Тамошните здравствени власти не демантираат дека во тоа меѓувреме од еден месец, земјата се има (одново) соочено со вирусот, но во Лисабон не го кријат своето големо незадоволство од постапката на владата во Лондон.
Сметаат дека таа е избрзана, дека на „жолтата“ листа на земјите каде Британците може да патуваат под одредени услови се и Шпанија и Франција, на пример, како и Италија и Грција, но од таму не се врши ваква забрзана евакуација.
Некои португалски медиуми сметаат дека околу целата оваа работа (можеби) има и политика, уште повеќе што сега на „зелената“ листа се само Исланд, Фарските Острови, Нов Зеланд и британските прекуморски територии, како Гибралтар, Фокландските острови, или осамениот остров Света Елена, во Атлантикот – оној на кој пред два века бил пратен во заточеништво Наполеон.
Британската страна, меѓутоа, има свои аргументи, за кои вели дека не се политички. Едноставно, во Британија одново се засилува пандемијата, овој пат со индискиот вид на короната, што ја напаѓа младата популација.
Ново ширење на пандемијата
Станува збор за вирус кој се раширува за 40 отсто побрзо, во споредба со британскиот (кент) вирус кој ги има предизвикано најголемите проблеми изминатата пролет.
Само во петокот, службено се регистрирани 13 илјади новозаразени во само 24 часови, што е највисока бројка по март годинава. И, она што ги загрижува здравствените власти тоа е дека овој вирус, најмногу и најбрзо се шири меѓу средношколците, како и дека дури 73 отсто од новозаразените не биле вакцинирани.
Во Лондон велат дека тоа е причината за наглото повлекување на туристите од Португалија, а тоа е и причина што наместо за олабавување на мерките за заштита, или за нивно целосно укинување, по 21 јуни, сега одново се зборува за нова офанзива со вакцинирањето, овој пат на млади меѓу 25 и 30 години.
Министерот за здравство Мат Хенкок изјави дека засега не може да се потврди оти од 21 јуии се ќе биде како некогаш – без маски и работа дома, без било какви ограничувања. За евентуалното одлагање на „враќање во нормалата“ се вели дека важно ќе биде она што ќе се случува неделава.
Сигурно е само дека доколку вирусот продолжи да се шири, нема да има ништо од ветувањата што (изгледа избрзано и во негов стил) ги даваше Џонсон.
Неизвесно „враќање во нормала“
Токму тоа ги има разгневено Британците – како оние кои ги прати да се одмараат по јужните мориња, така и другите кои имаат обезбедено резервации и карти за лет до некоја европска дестинација, или платен аранжман за летување.
Луѓето им замераат на владата и посебно на премиерот, што со месеци, како своевидна пропаганда за вакцинацијата, Џонсон ја уверуваше британската јавност дека до пред крајот на јуни Британија (безмалку) ќе и објави крај на пандемијата.
Неговите епидемиолози, пак, ниту во еден момент не го делеа неговиот оптимизам. Тие и сега велат дека и покрај вакцинацијата, некои од мерките, а посебно носењето маски во затворени простории, би требало да останат. Уште повеќе што СЗО предупредува дека битката со коронавирусот се уште не е завршена и дека ќе продолжи мутацијата на вирусот, со појава на постојано нови видови.
„Попуштање на кочниците“
Тука веќе се доаѓа до дилемата – дали на Европа, како и на Балканот, им претстои уште едно Ковид лето.
Што ќе рече – неизвесност како тоа ќе се истера до крајот, кога станува збор за патувањата, одењето на одмор, или за летувањето – поблиску, или подалеку од дома. Скептиците велат дека ќе се повтори минатата година, кога опуштањето во текот на летните одмори, предизвика подоцна експлозија на епидемијата.
Оптимистите, меѓутоа, сметаат дека ситуацијата сега е, сепак, различна, затоа што околу две милијарди луѓе во светот имаат примено барем една доза вакцина.
Случајот со Португалија и со Британците, затоа, не е само нивни и многу е веројатно дека ќе стане и европски, а тоа значи и балкански. Главно, затоа што постои опасност од нагло „попуштање на кочниците“ кај луѓето, веќе изморени од разните карантини, локдауни и ограничувања. Посебно со плановите, ова лето, да се искористи за враќање во нормалниот живот, иако состојбите на теренот тераат на тоа да се остане максимално претпазлив.
Вакцинирани и антиваксери
Туристичките земји во балканскиот регион, како Грција и Турција, но и Албанија, Црна Гора и Хрватска ветуваат епидемиолошка безбедност за гостите, настојувајќи да ја покренат својата туристичка индустрија, постепено олеснувајќи ги условите за престој кај нив.
Но, индискиот вирус веќе го има на балканскиот регион, а процентот на антиваксерите и на оние кои се против вакцинирањето, продолжува да расте. Главно на интернет, но во Бугарија, на пример, според една емисија на „Јуроњуз“, дури и некои лекари за општа пракса ги декуражирале своите пациенти да не се вакцинираат. Зборуваат дека смртноста од рак и срцеви болести била многу поголема, отколку од Ковид-19.
Тоа се случува и во Србија, па властите ги повикуваат на вакцинација државјаните од соседните земји, (македонските се особено агилни) – во истовреме кога тамошните епидемиолози се незадоволни од забавеното вакцинирање на сопствените државјани, што ќе го одложи постигнувањето колективен имунитет за крајот на годината.
Освен тоа, низ Европа кружат лажни потврди за примени вакцини, фалсификувани ковид – пасоши, или лажни тестови. Тие се пуштени во промет за да се патува слободно, за да се оди на одмор и летување – невакциниран и со невалиден тест. Некој таков ќе се најде на плажа, или во авион, а во тој случај ќе се појави заканата од ново раширување на вирусот.