Самитот не ги елиминира несогласувањата
Првата средба и разговорите на американскиот претседател Џо Бајден и на рускиот лидер Владимир Путин, што беше означена како „историски Самит“ – прв таков по подолго време – се одржа во Женева – беше поздравена и од обајцата. Но, впечатокот е дека несогласувањата околу виталните прашања, за кои Америка и Русија не се согласуваат – и натаму остануваат.
За разговорите во елегантната вила покрај Женевското Езеро, што наместо предвидените пет, траеја едвај три часови, се вели дека имало малку напредок.
Бајден по разговорите рече дека несогласувањата биле констатирани и соопшти дека Русија, сепак, не сака нова Студена војна, како онаа која траеше од по завршувањето на Втората светска војна, се до соборувањето на Берлинскиот ѕид.
Путин, пак, на сето тоа, на одвоени средби на двајцата претседатели со „своите“ новинари, објасни дека и обајцата „разговарале со ист јазик“.
Враќање на амбасадорите
За Бајден – немало потреба да се троши повеќе време за разговарање, од она што било потрошено, но според него, сега постои една блага можност за унапредување на односите со Русија. Американецот, при тоа, му има подарено на Русинот пилотски наочари за сонце, какви сака да носи Бајден и кристална скулптура на бизон, но не е јасно дали тој добил за возврат, нешто од Владимир Путин.
Она што Самитот го има постигнато е тоа што, двајцата претседатели, наместо да се расправаат – преку интервјуа и низ изјави за својата јавност – се сретнаа и разговараа и за нешто се спогодија. Тоа е да се почне дијалог за контрола на нуклеарното оружје, како и да се вратат на своите работни места – рускиот амбасадор во Вашингтон и американскиот во Москва.
Првиот замина на “консултации“ уште во март, а американскиот дипломат отиде во април и се уште е во Вашингтон, откако САД ја обвинија Русија за мешање во американските претседателски избори во 2020 година.
Кризните прашања – останаа
Сите други бројни прашања, кои беа претходно навестени како главни теми за Самитот останаа, неусогласени. Како што можеше и да се претпостави, има малку знаци дека би можело да има некакво согласување околу сајбер – безбедноста, за состојбата во и околу Украина и за нејзината перспектива, откако таа сега е распарчена.
Крим е анектиран од Русија, во март 2014 година, со навлегувањето на „малите зелени луѓе“ (како што беа наречени руските војниците без ознаки) на украинскиот полуостров и со руската (воена) интервенција во Источна Украина, каде Киев сега нема никаква контрола. Сето тоа изведено по углед на она што се има случено порано, прво во Молдавија, со запоседувањето на Придњестровје, без никаков меѓународен мандат, а потоа и во Грузија, со Абхазија и со Јужна Осетија.
Во таквата категорија на прашања за кои нема навестување дека може да има согласност е и она за судбината на рускиот опозиционер Алексеј Навални кој по враќањето од лекување во Германија, откако минатиот август беше отруен со нервниот агенс Новичок, беше уапсен и експресно осуден на 2,5 години затвор, а потоа сместен во една руска казнена колонија.
Единствено што Бајден можеше да рече тоа е дека би имало „страшни последици“ доколку Навални почине во затворот.
Нема изненадување
Ваквата разврска од Самитот, сепак, не треба да изненадува.
Уште пред да се случи Женева, и Бајден и Путин имаат речено дека американско – руските односи се на најниското ниво од завршувањето на Студената војна. Затоа нереално е да се очекува дека – после само едно среќавање, кое доаѓа во време на крајна недоверба меѓу двете страни – би можело да се постигне согласност за повеќето важни прашања, особено за оние за кои Вашингтон и Москва се на дијаметрално спротивставени позиции.
За едниот и за другиот претседател, меѓутоа, најбитно е што со овој Самит покажаа дека тие се способни работите да ги покренат од досегашната „мртва точка“. Посебно во делот што се нарекува како – заеднички цели – како што тоа е руско – американската соработка во намалувањето на заканата од воен судир и од нуклеарна војна. Работа за која Бајден и Путин во Женева усвоија и заедничка декларација.
Затоа, пак, за сајбер нападите, кои се изведуваат од територијата на Русија, нема никаква согласност. Според Путин, официјална Москва нема никаква врска со тоа што се случува, иако Американците и нивните тајни служби укажуваат на руска одговорност.
Без непријателски тонови
Бајден, на пример, на својата прес конференција соопшти дека доколку Русија ја пречекори “црвената линија“ и ги нападне виталните делови на американската инфраструктура, САД ќе одговорат, а дека “последиците од тој одговор ќе бидат поразителни“.
Американскиот претседател, притоа, има речено дека тој и Путин, сепак, се согласиле да се продолжи со разговорите за обезбедување на определени клучни сектори надвор од дострелот на сајбер нападите.
Во секој случај, иако односите меѓу САД и Русија се такви какви што се, и американскиот и рускиот претседател се согласни дека разговорите во Женева биле конструктивни, а Путин откри и дека во текот на разговорите немало непријателски тонови.
Ефикасен Самит
Но, тој призна дека едно од најжешките теми било прашањето околу човековите права – стара тема во односите на Вашингтон и на Москва, уште од времето на советскиот комунизам – како и загриженоста на САД за судбината на Навални.
Путин, пак, зборувајќи за прашањата околу гушењето на руската опозиција, зборувал дека тој “не сака да види побуна во Русија, како онаа во јануари годинава на Капитол Хил во Вашингтон, ниту случувања како оние врзани за настаните што ги организираше движењето “Црнечките животи се важни“.
Тоа Бајден (велат) категорично го отфрлил за да се користи како аргумент, бранејќи ги активистите низ САД кои се спротивставуваат на расизмот и на расната нееднаквост. За него, тоа никако не може да се прифати за да се спореди со нападот врз американскиот Конгрес, ниту пак тоа да биде руска одбрана за задушување на секаква опозиција во Русија.
Како и да е, тешко може да се очекува дека наскоро ќе се постигне некаква избалансираност во руско – американските односи. Тоа го призна и самиот Путин на средбата со новинарите. Меѓутоа, притоа се согласил дека Џо Бајден е искусен политичар – „со морални вредности и дека тој е некој со кого би можел да соработува“.
Затоа, за Путин овој Самит бил ефикасен, бидејќи овозможи да се прошират границите на довербата. Бајден, секако, не би можел со ова да не се согласи.