„Спутник штити и од индискиот (Делта) вирус“
Рускиот институт кој ја има развиено и создадено вакцината против коронавирусот, што Русите ја имаат означено како Спутник – V, соопшти дека руската вакцина заштитува од „сите досега познати видови на короната” вклучувајќи го и најновиот вид – индискиот – што сега Светската здравствена организација го има карактеризирано како Делта вирус.
Токму овој најнов вид е одговорен за наглиот раст на новозаразените лица во Русија, а пред се, во Москва, каде веќе неколку денови бројот на инфицираните се движи меѓу девет и десет илјади на ден.
Москва, како и вториот по големина руски град Санкт Петербург, се посебно погодени со овој нов бран на пандемијата, при што се бележат рекорди на новозаразени како во времето кога коронавирусот имаше земено полн замав, додека програмата за вакцинација на населението стагнира, или едноставно се намалува. Ниту властите претерано се трудат бројката да се зголеми, а ниту Русите се склони да се вакцинираат. Бројот на антиваксерите во оваа земја и натаму е мошне висок.
Реакција на Институтот Гамалеј
Според податоците кои ги има презентирано градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, околу 90 отсто од новите случаи, се од индискиот вид коронавирус, што се појави како мутант во Индија. Барем, официјално, не се знае како вирусот се има „префрлено“ во Русија. Сега, меѓутоа, се заканува да ги „задуши“ болниците на јавното здравство во рускиот главен град.
Руските власти на тоа реагираа со најавата за силна офанзива со вакцинирањето на населението, пред се, во овие два, најголеми градови. Во поширокиот реон на Москва, на пример, живеат околу 20 милиони луѓе и според епидемиолозите, многу е важно главниот град и Санкт Петербург да обезбедат високо ниво на вакцинирано население.
Новонастанатата епидемиолошка криза во Русија и посебно во овие два града, го предизвика Институтот Гамалеј кој и ја има откриено и создадено вакцината Спутник, за прв пат, досега, да се огласи со некакви карактеристики врзани за нивната вакцина.
Според директорот на Институтот, Александар Гинтсбург – две дози од оваа вакцина го заштитуваат организмот од „сите досега познати видови на коронавирусот – од британскиот, до варијантата Делта, односно од индискиот сој.
Уверување на создавачите на вакцината
Сепак, остануваат и натаму нејасни многу работи врзани за Спутник, чии две дози вакцини се разликуваат по својата структура, една од друга.
Останува само неколкупати повторената изјава на рускиот претседател дека Спутник, всушност, е „најдобрата вакцина на пазарот“, тврдејќи дека досега кај никого не се регистрирани никакви контраиндикации, како на пример, згрутчувања на крвта (забележано кај Фајзер/Бионтек), а ниту пак – вакцината се ограничува за определена старосна структура, како што е тоа со Астра/Зенека.
Но, Владимир Путин е, сепак, само политичар и тој го правеше и го прави тоа, рекламирајќи го рускиот производ, што и обезбедува престиж на Русија каков таа немала (во науката) подолго време.
Од друга страна, како порано, така и сега, претседателот повикува за интензивирање на вакцинацијата, па затоа се смета дека и изјавата и (прв пат) дадените уверувања на Гинтсбург за ефикасноста на Спутник, треба да се гледаат како начин за охрабрување на невакцинираните и за покренување на имунизацијата кај населението – која очигледно – не оди.
Отсуство на транспарентност
Овој Институт (колку што се знае) нема дадено детали за вакцината за Европската агенција за медицина (ЕМА) за да таа биде лиценцирана за употреба во земјите на ЕУ, иако на своја рака тоа прва го направи орбанова Унгарија, а подоцна и Словачка.
Останува уште од почетокот впечатокот дека нема никаква транспарентност околу Спутник. А, тоа само ги потхранува противниците на вакцинацијата, како и конкуренцијата, дека „нешто не е во ред“. Затоа и се случи – руската вакцина да остана нерегистрирана иако, велат во Москва, дека е дистрибуирана во низа земји, на неколку континенти.
Во Европа, надвор од ЕУ ја има на Западен Балкан. Москва ја има наполнето Србија со Спутник – од свои политичко – стратешки причини, меѓудругото и за да им покаже на другите дека „ако сте со Русија, ќе има и вакцини – во неограничен број“.
Вакцини и политика
Српските власти, подоцна, ја делеа вакцината низ регионот (главно како подарок) за некои од соседните држави, на кои од Русија, иако одамна ги имаат нарачано, не им се испорачуваат. И, од тука почнува политиката во вакцинацијата, во која нема никакви скрупули, затоа што станува збор за производ врзан за здравјето на луѓето – не за делови за топови и авиони.
Се зборуваше и тоа дека во Белград, Спутник ќе се произведува, за да Србија од тука ја извезува руската вакцина, како свој производ, но се испостави дека во белградскиот погон само се полнат шишенцата со вакцината од компонентите што ги испраќаат од Русија.
Како и да е, Македонија е една од земјите во регионот која не е на рускиот список за да им се продадат вакцина – за спречување на ширење на пандемијата која и нив таму може да ги погоди – како што тоа сега им се случува.
Казнување на Скопје?
Впечаток е дека се казнува земјата затоа што стана членка во НАТО, кога во Москва мислеа дека со помош на нивниот човек – екс македонски премиер, сега избеган затвореник, ја имаат територијата на Македонија под своја контрола.
Никој за тоа не сака да зборува, но има казнување и затоа што земјата сака да биде во ЕУ, затоа што поради тоа се придржува на преземените обврски да ја следи европската надворешна политика, па се вклучува во сите одлуки на НАТО/ЕУ со кои се санкционира агресивната политика на Москва.
Тоа, додуша, го прават и Унгарија и Словачка, како членки и на НАТО и на ЕУ, но во македонскиот случај Москва ги третира работите поинаку – изедначувајќи го со црногорскиот – па, затоа – од време, на време – на Скопје му се праќаат пораки во стилот – што ви требаше да влезете во НАТО.
Се казнуваат луѓето, за да тие (на избори) го казнат политичарот кој не дозволи Македонија да се откаже од својата три децении стара стратешка определба – да биде дел од Европа, каде и припаѓа и да не се сврти кон Истокот, каде никогаш ништо не ја врзувало и поврзувало.
(Д.М.)