Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Откриен нов корона вирус: Делта плус

plrang/Depositphotos.com

Откриен нов корона вирус: Делта плус

Индиските здравствени власти ја известија Светската здравствена организација (СЗО) дека имаат откриено мутант на постоечкиот Делта коронавирус (индискиот сој).

Новиот вирус што индиските власти го означуваат како Делта – плус, веќе е регистриран во три тамошни сојузни држави – Махарашатра, Керала и Мадија Прадеш, како и дека – колку што се знае – веќе дваесетина лица се инфицирани со оваа најнова варијанта. Не се јавува дали има починати лица.

Според индиските епидемиолози, Делта-плус вирусот е посилен од веќе добро познатиот индиски сој на короната. Многу побрзо се раширува меѓу луѓето, со поголема брзина навлегува во клетките на белите дробови и „успева да ја намали способноста на антителата да одговорат и да го одбранат нападнатиот човеков организам“.

Тоа го прави мутантот уште поопасен од сегашниот индиски сој, па затоа се верува дека против него веднаш ќе мора да се реагира со болничко лекување на заразените.

Итни мерки за заштита

Индиските власти (овој пат) се определија веднаш да реагираат против овој сој, наложувајќи примена на сите познати мерки за одбрана од ширење на епидемијата, како што се, маските, избегнување собирање на поголема маса луѓе, социјалното дистанцирање. Наложен е и карантин и локдаун во локациите каде Делта-плус вирусот се има појавено и забрзано се истражуваат другите можни кластери на вирусот.

Во меѓувреме, наложено е и масовно тестирање во овие три сојузни држави и интензивирање на вакцинирањето на населението, кое никако не успева да фати ритам во Индија која сега се јавува и како производител на вакцина.

Во меѓувреме, веќе „класичниот“ индиски сој (означен како Делта) продолжува да се шири – како низ Индија, така и низ светот – во Азија и Африка и во Европа, каде стана доминантен и покрај широката операција за масовно вакцинирање.

Загриженост во Австралија

Од неговото прво појавување во октомври (!?) минатата година, индискиот вирус се има раширено во 62 земји, вклучувајќи ја и Австралија, без разлика на тамошните силни блокади, како и на изолацијата на оваа земја – континент и на честите, локални локдауни, при секое појавување на коронавирусот. Мелбурн е град кој досега најмногу пати беше ставен “под клуч“ на определено време, а сега ситуацијата, според австралиските медиуми, станува алармантна во Сиднеј, во неговата околина и во целата сојузна држава Нов Јужен Велс.

Луѓето стануваат нервозни затоа што вакцинацијата, посебно во држави како Квинсленд, на пример, но и во некои други, не е на повидок – барем не во обемот што го има во Европа и САД, иако се тврди дека земјата е добро опремена со резерви од вакцини.

Загрижува што и покрај тоа, САД веќе ја надминаа бројката од 600 илјади починати, а Бразил над 500 илјади.

Индија велат веќе има преку 350 илјади жртви, откако оваа огромна земја се соочи со вистински санитарно-епидемиолошки хорор во текот на април и мај. Во државата, во јавното здравство немаше слободни болнички кревети, немаше кислород за инфицираните и заболените, ниту лекови и болнички персонал. Крематориумите тогаш работеа ден и ноќ во настојувањето да ги спалат сите починати жртви.

Фајзер пред Астра/Зенека

Во Британија која продолжува да се фали со успешната вакцинација – бројот на новозарзените продолжува да расте, одлагајќи ја најавената одлука на владата во Лондон, за укинување на сите ограничувања за крајот на јули. Дури 99 отсто од сите новозаразени се со индискиот сој на коронавирусот.

Во меѓувреме, истражувањето што го има направено Агенцијата за јавно здравство на Англија (тамошниот епидемиолошкиот завод), покажа дека вакцините на Астра/Зенека и на Фајзер/Бионтек гарантираат заштита од заразување меѓу 30 и 35 отсто, доколку се прими само една доза од овие вакцини.

Но, со примени две дози – со вакцината на Фајзер, тоа се зголемува на 88 отсто имунизација, а со Астра/Зенека до 67 отсто.

Во Велика Британија – со две дози се вакцинирани 40 отсто од населението, додека во Индија само 5,5 отсто

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе