Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Европа е на тенок мраз

Isaac Quesada/Unsplash

Европа е на тенок мраз

После 18 месеци борба со пандемијата и со коронавирусот – во Европа изгледа како сите да земаат здив. И, епидемиолозите и лекарите, и кафанџиите и туристичките работници и – најмногу луѓето – како оние кои  не ги закачи вирусот, така и оние кои во помал, или во поголем обем беа заразени. Сите се однесуваат во стилот на вечниот хит на „Леб и Сол“ – Надвор е пролет. живи сме….да чукнеме во дрво – трипати.

А, надвор е веќе лето. Луѓето низ Европа, на Балканот и во Македонија, на големо се подготвуваат за летување и за летните одмори, верувајќи дека животот, а со тоа и старите навики се враќаат во „нормала“.

Или, како што тоа Британците сакаат да го прикажат – настапува ослободување – од „ропството“ на вирусот што однесе милиони човечки животи . Се отфрлаат маските за лице и нема веќе безбедносно дистанцирање еден, од друг.

Страв од еуфоријата

Конечно, одново може да се оди во кафеани, во кафулиња, или во пабови. Нема полициски час, нема локдаун, може да се гледа филм или театарска претстава во сала, да се оди на журка и да се патува. Навистина, со цела низа хартии, документи и сертификати за вакцинираност, за извршени разни епидемиолошки тестови – но, најважното е што авионите одново летаат и разнесуваат туристи и гости.

Сето ова, уште зачинето со одржувањето на Европското првенство во фудбал кое ја надополнува сликата за пост – ковид опуштањето, со сликите од стадионите во Будимпешта, во Копенхаген, или Амстердам, исполнети со навивачи како во старите добри времиња, кога мислевме дека короната, ковид и пандемијата се некаде многу далеку од Европа, во Азија, во кинески Вухан.

Меѓутоа, во ова време на „нормализација“ не би требало да заборавиме на постојаното предупредување на епидемиолозите, а тоа е  дека коронавирусот НЕ Е ПОБЕДЕН.

Затоа што, токму во во една таква атмосфера на  опуштеност, на почетокот од 2020 година, сите кои  беа на зимување и скијање на Алпите, се враќаа дома заразени, па наеднаш цели земји и региони – Италија и Ломбардија, на пример – се вратија како во Средниот век, кога масовно се умирало од епидемиите на чумата.

Вакцините не се лек

Во екот на опуштеноста и верувањето дека – најлошото поминало – минатото лето, во ова време, Европа, а посебно нејзините туристички сили – Шпанија, Грција, Франција – ги зафати вториот бран, иако се ветуваше дека се е во ред и дека ако треба, на плажа, или во вода ќе се влегува со маската против вирусот.

Тогашното опуштање, многу брзо го чинеше континентот,  Балканот и нашиот регион,  нов и потежок бран на епидемијата, од кој дури сега, полека се ослободуваме.

Оние кои зборуваат дека веќе не може да издржат да живеат со ограничувањата наметнати поради вирусот, се бранат дека овој пат ситуацијата е сосема различна, затоа што сега, тука се ВАКЦИНИТЕ и спроведените вакцинации.

Со нив, од почетокот имаше и се уште има многу политика и политички игри и популистичка пропаганда – за тоа кој политичар е поспособен – кој повеќе се грижи за „својот“  народ, или за тоа кој е поспособен „под рака“ и преку посредници (за повисока цена) да набави вакцини,   за да потоа се гради имиџ кај своите гласачи, но и во странство.

„Зона за мутација“

Така, или не, вакцините не се лек – велат лекарите – а ситуацијата и натаму е неизвесна, затоа што вирусот постојано мутира.

Се појави британскиот („кент“) вирус и брзо ја преплави Британија, а  потоа и Европа, затоа што, изгледа,  Британците не може да разберат дека ароганцијата и самобендисаноста не помага при пандемија.

Сега, пак,  низ европскиот континент и низ свеотот , коси т.н. наречениот Индиски сој на вирусот,  означен по ново, со грчката алфабета, како „вирус Делта“. И едниот и другиот сој, се појавија во време на засилена вакцинација, во земја која се искара со Европа и посебно со ЕУ, земајќи ги сите вакцини произведени на британска територија- само за себе, настојувајќи да постигнат некаков колективен имунитет.

Британците, затоа,  се фалеа дека од 19 јуни ќе бидат целосно ослободени од короната и дека  веќе нема да има никакви ограничувања. Уште пред да дојдат до тој датум, меѓутоа, почнаа  да бројат новозаразени и починати – на крајот од минатата недела стигнаа на нивото од февруари оваа година – кога во Британија короната убиваше како чумата на времето.

Во ова меѓувреме,  бројот на новозаразените со индискиот сој, за кого велат дека е за 80 отсто попренослив, продолжува постојано да расте.

Лани лето, Британците им ја префрлија заразата во Шпанија и Грција, а оваа година во Португалија. Оваа земја што веќе прогласи победа над короната – сега е една од најпогодените со вирусот во Европа. Не случајно, германските експерти ја имаат прогласено британската територија за „ризична зона за мутирање на вирусот“.

Сите на море

Израел се прогласи победник над пандемијата, а од оваа недела ја врати наредбата за задолжително носење маски.

Индонезија бележи раст како никогаш до сега. Австралија која е целосно изолирана, прогласи двонеделен локдаун во најголемиот дел од Сиднеј и почна со забрзана вакцинација.

На Балканот, Србија максимално се има опуштено, иако лекарите секој ден предупредуваат на ризикот. За вакцинација таму веќе никој не зборува, туку за тоа каде може да се летува.

На вакцинација одат само луѓе од соседните земји – заобиколувајќи ја возраста во своите држави – за да може сега, во услови на „слобода“, да одат на летување – Грција и Турија се најпопуларните дестинации.

Хрватска брои туристи (како и лани лето), иако и натаму ја нема совладано пандемијата и се уште има починати, а Словенија која најавува дека ќе се прогласи за победник над пандемијата, исплашена од индискиот сој, сега бара максимална претпазливост.

Тоа е она што го бара и на што сега инсистира ЕУ.

Предупредувањето од Русија

Според германскиот канцелар Ангела Меркел, Европа е на тенок мраз – што ќе рече ситуацијата со пандемијата може одново да „пукне” како тенкиот мраз во зима – и тогаш сите да потонеме во еден нов и веќе не се знае каков бран, од некаков мутиран сој.

Едноставно, сегашната спидемиолошка стабилност може (одново) да излезе од контрола. Со летувањата на сите страни, со фудбалот, со патувањата без ограничувања, со олабавувањето на сите безбедносни мерки, колку и да се има разбирање за психолошката состојба на луѓето и предолгото траење на целата оваа здравствено – епидемиолошка криза.

Песимистите и експертите велат дека и вакцинираните треба да бидат претпазливи – да носат и маски и да внимаваат на социјалното дружење.

На тоа предупредуваат  случаите со низа земји и локации низ светот – Чиле на пример – каде и покрај високата вакцинираност на населението – земјата уште еднаш се бори со налетот на пандемијата.

Други, пак, резигнирано навестуваат дека сметката за сегашната „слобода“ и за опуштањето ќе дојде на есен, по одморите и сите летувања.

Можеби да, но можеби и не.

Во секој случај, сегашните случувања во Русија  треба да се имаат на ум. Во саботата, на пример, во оваа земја, официјално, се регистрирани најмногу починати во еден ден уште од крајот на 2о20 година – вкупно 620.

Преку 22 илјади новозаразени има регистрирано во тој ден, а загрижува што бројките секој нов ден се зголемуваат. Над една третина се во Москва, а околу 90 отсто од новозаразените се од индискиот сој на вирусот.

( Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе