Грција: Пари за младите за да се вакцинираат
Владата во Грција одлучи да им плаќа на младите по 150 евра, за да ги натера да се вакцинираат против коронавирусот, но воопшто за да го покрене процесот на вакцинирање на населението – соопштено е во Атина.
Акцијата („Пари – за вакцина“) треба да почне на 15 јули и планирано е со неа да бидат опфатени лица до 26 години. Со ваквиот начин на популаризација, на младите им се нудат дигитални ваучери за трошење, откако ќе ја примат првата доза од вакцината.
„Верувам дека младите ќе ја искористат оваа можност“ – изјави грчкиот премиер, однапред благодарејќи им на сите кои ќе ја прифатат оваа понуда.
Ваучери за туризмот и забавата
Се смета дека сето ова, што делува по малку како очајнички потег за интензивирање на вакцинацијата, е поттикнато од потребата на Грција оваа година да не се дозволи уште едно фијаско во туризмот и во целата туристичка индустрија.
Оваа земја е исклучително зависна од туризмот, па во сегашните услови по 18 месечното борење со пандемијата, Грција настојува да си го врати реномето и на домашните и на странските гости да им понуди и да им обезбеди – здрава средина и безбедни услови за престој и одмор, кога станува збор за санитарно – епидемиолошката ситуација. А, тоа, според владата, може да се постигне со масовната вакцинација.
Грчката економија која од туризмот прибира меѓу 25 и 30 отсто од својот Бруто национален производ (БНП), е тешко погодена од кризата што ја предизвика пандемијата, па настојува побрзо да излезе од таа ситуација и покрај тоа што од фондот на ЕУ за опоравување треба да прими околу 30 милијарди евра.
Задолжително вакцинирање?
Затоа е создадена оваа и ваква шема, со која се предвидува парите што младите ќе ги примат, потоа да ги трошат во туристичкиот и во целиот услужен сектор – за да го покрене вкупната туристичка индустрија.
Во неа се и патувањата, како и целата индустрија на забавата, што значи дека ваучерите ќе може да се потрошат за купување авионски, возни и бродски карти, за користење рент – а – кар, за кампување и за летување и одмор, но и за карти за концерти, за кина и театри, за влез во диско клубови.
Во исто време владата во Атина испитува дали вакцинацијата да стане задолжителна за некои специфични професии, како на пример за сите вработени во домовите за нега и за чување лица.
Забавено темпо
Грција е земја од околу 11 милиони жители, а процесот со вакцинација, иако е започнат кога и во другите држави од ЕУ, сепак, оди со забавено темпо.
Официјално, во земјата се вакцинирани 35 отсто од населението, но здравствените работници и натаму се соочуваат со силен отпор на „определени категории од населението“ – антиваксерите, пред се, како и оние кои одбиваат да се вакцинираат од религиозни причини.
Во сегашните услови со заканата од индискиот сој на вирусот, што може да го пренесат странските туристи и гости, владата сака да ја интензивира вакцинацијата. Особено што (според епидемиолозите) т.н. Делта вирус да стане доминантен и во Грција до крајот на август.