Десет милиони Австралијци во локдаун
Околу десет милиони жители на Австралија, се наоѓаат во локдаун, по забрзаното ширење на Ковид – 19 низ оваа земја-континент во која живеат 25 милиони.
На списокот на териториите под карантин, од вторникот на полноќ, се наоѓа и Бризбејн, на источниот австралиски брег, главен град на сојузната држава Квинсленд, кој е четвртиот град под карантин, каде на луѓето им е наредено да останат дома и да излегуваат само во крајна нужда – за купување лекови и прехранбени производи, или за посета на лекар, ако тоа е неопходно.
Засега, локдаунот е определен на три денови, до крајот на оваа недела и по својот облик и опфатеност е идентичен со веќе воведениот од претходно локдаун во Сиднеј, кој е на две недели, во Перт на западниот брег од Австралија и во градот Дарвин.
Кластери во градовите
„Станува збор за тешка мерка, но таа е неопходна во сегашната ситуација“ – изјави премиерката на Квинсленд Анастасија Палачук. При тоа, таа има речено дека локдаунот е воведен поради ширење на заразеноста, за која премиерката ги обвинува оние кои доаѓаат од странство – носејќи ја инфицираноста, а потоа и проширувајќи ја низ градот и државата.
Освен Бризбејн, во карантин се ставени и помалите места околу овој голем град. Локалните медиуми го посочуваат примерот на местото Таунсвил, за кое се вели дека е опфатено со бранот од пандемијата, што е предизвикан од само еден човек.
Невакциниранa вработенa во една од бризбејнските болници, десет денови патувалa низ Квинсленд, а веќе билa инфициранa.
Иако далеку од другите во светот, Австралија сега има регистрирано повеќе такви кластери – локации означени како жаришта на пандемијата, без разлика што тамошната ситуација не е ни приближно како онаа во Русија, каде дневно има и по 700 починати во сегашниот налет на индискиот сој.
Минимална вакцинираност
Меѓутоа, австралиските власти објаснуваат дека токму тоа ги плаши. Сите сегашни мерки и воведениот карантин во неколку големи градови е последица на стравот од брзо раширување на пандемијата, што во оваа земја немаше ниту на почетокот од епидемијата.
Наеднаш, како проблем се истакнува малиот број на вакцинирани иако сојузната влада, на почетокот од годината се фалеше дека има обезбедено милионска залиха од вакцини. Но, според официјалните податоци, досега се вакцинирани само помалку од 5 отсто од населението. Граѓани на Бризбејн сега се жалат дека никој досега не споменува вакцинација, ниту се спроведува, а ниту луѓето се повикуваат да се вакцинираат.
Со локдаунот, во градовите каде е воведен, се затворени училиштата, луѓето работат од дома, каде е тоа можно, а се запрени сите патувања.
Австралија, во секој случај, релативно многу полесно од другиот дел од светот, мина низ пандемијата. Вкупно досега има 30 илјади инфицирани и заболени од Ковид, а починати се 910 лица.
(Г.И.)