Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Евро 2020 ја шири короната низ Европа

Puskás Aréna/Facebook

Евро 2020 ја шири короната низ Европа

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека за прв пат, после два месеци, на европскиот континент е зголемена инфицираноста со коронавирусот за 10 отсто.

Таа ситуација која експертите (засега) не ја означуваат како алармантна, се случува во последната недела од јуни, во време на одржување на Европското првенство во фудбал и на голема раздвиженост на луѓе – навивачи – од една во друга држава, од еден до друг европски град.

Според епидемиолошките проценки – без разлика дали тоа некому му се допаѓа, или не, но Евро 2020 – кое се игра во десет градови на Европа, сега се јавува како закана за повторно раширување на пандемијата на континентот и во секој случај како – супер раширувач на коронавирусот.

Колку што досега е утврдено, безмалку илјада навивачи, кои се вратиле од Лондон и од Сенкт Петерсбург биле ПОЗИТИВНИ на вирусот.

Непочитување никакви мерки

Тоа само покажува дека градовите – домаќини  немаат преземено доволно заштитни, епидемиолошко – санитарни мерки за да се спречи ширење на епидемијата, во едни вакви  околности – какви се одржувањето на спортски настан – со масовно собирање луѓе.

Пред се, околу одржувањето социјалното дистанцирање, што инаку претходно беше сугерирано од здравствените експерти, уште пред да почне првенството.

Тоа го потврдуваат веќе видените сцени од Будимпешта и од тамошниот стадион, преполн со навивачи, сместени едни до други, без никаква заштита на себе, како и од стадионот во Сенкт Петерсбург, во Русија, па и од оние во Букурешт, во Копанхаген, или и во Амстердам.

Сликите од овие градови, како и наметнатата еуфорија, посебно во унгарскиот главен град, за тоа дека  пандемијата веќе е победена, затоа што властите ја добиле битката со короната низ спроведената масовна вакцинација, само потврдија дека е направена грешка. Едноставно,  на  локацииите, каде се играат фудбалските натпревари – заштитните мерки се целосно игнорирани и напуштени.

Алармантно во Русија

Она што ги загрижува експертите на СЗО е дека нема контрола и заштита, не само на самите стадиони – иако има и такви на кои има ограничено присуство  на гледачите, како во Рим, или во Севиља, или Глазгов – туку и надвор од нив.

При патувањето на навивачите, пред се, затоа што тие, главно, патуваат заедно, во големи, или во помали групи, а потоа и по завршувањето на натпреварите – кога се слави победата, или кога се жали за поразот.

Како и да е, како директна последица на овие фудбалски случувања, во Шкотска има над две илјади новозаразени лица, во време кога се мислеше дека пандемијата, полека исчезнува. Сите се инфицирани со т.н. индиски сој, за кој се верува дека до крајот на август  ќе доминира- дури со 90 отсто меѓу новоинфицираните.

Алармантна е ситуацијата во Русија, зашто и таму се игра фудбал, а во изминатите три денови, секој ден беа регистрирани по 680 мртви лица. Посебно загрижува што во Сенкт Петерсбург, во четвртокот, има рекордно 115 починати од вирусот, а таму треба да се одигра уште еден меч од Евро – меѓу Шпанија и Швајцарија.

Заразени по натпреварите

Финските власти, затоа, забранија нивните државјани да патуваат во Русија, бидејќи  400 Финци се вратија заразени,  по натпреварот што се играше во вториот по големина руски град, одигран на 21 јуни.

Во средата, пак, во Шкотска е соопштено дека вирусот е откриен кај 1300 лица кои претходно биле во Лондон, за Евро 2020, на мечот од 18 јуни. Од нив, за 400 се знае дека биле на стадионот Вембли, иако на него се придржуваат на заштитните мерки, во обем што очигледно не бил доволен.

Ваквите сознанија покажуваат дека  пандемијата е се уште жива во Британија. Таму веќе има 29 илјади новозаразени, што е најмногу после јануари оваа година, во услови кога владата во Лондон тврди дека 62 отсто од населението имаат примено по две дози вакцина.

Ситуацијата околу вирусот и фудбалот, го натера германскиот министер за здравство да и замери на европската куќа на фудбалот – УЕФА – дека се однесува неодговорно кон пандемијата, односно , дека нема наложено мерки за стадионите и околу нив, за заштита за навивачите и луѓето воопшто, интересирајќи се само за комерцијалниот ефект.

„Неодговорност на УЕФА“?

Според овој министер, УЕФА има направено грешка што заштитните и безбедносните мерки врзани за короната им ги има целосно препуштено на властите и на државите каде се играат натпреварите.

Германецот е на мислење дека УЕФА требаше да наложи по колку луѓе ќе може да има на секој стадион и како тие ќе се разместуваат по трибините, а не да бидат едни покрај други, како во старите времиња пред пандемијата.

СЗО, инаку, смета дека растот на новозаразените, сепак,  не е исклучиво последица на фудбалот.

Станува збор и за можеби пребрзото олеснување на мерките за заштита во земјите во Европа, потоа на започнатата туристичка сезона, како и на падот на интересот за вакцинирање, особено што се форсира политиката (Британија и Унгарија, пред сите другите) дека луѓето сега може да се „ослободат“ и да се вратат во „нормалниот живот“.

Португалија е еден таков случај – земјата прогласи „слобода“ настојувајќи да ги  привлече странските туристи. Сега се бори со обновената пандемија – Лисабон, Порто и уште некои други градови, одново имаат воведено полициски час.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе