Цеца го крие своето минато
Српската фолк – пејачка Светлана Ражнатовиќ, позната како Цеца, предизвика бранување во тамошната јавност, откако преку своите адвокати се обиде да го сокрие своето минато.
Станува збор за обидот на пејачката, да не дозволи емитување на специјална емисија на белградската Н – 1 телевизија, под наслов „Српска мајка“ што ја има направено српската продукциска куќа ЈСП.
Во неа се портретира Цеца, како што се вели, онаква каква што е – демистифицирајќи ја притоа приказната за неа, што ја пласираат со години, на ред, таа и белградските медиуми.
Закана со тужба
Нејзините адвокати се имаат закането со тужба, доколку емисијата биде направена (!?) и уште повеќе – доколку биде прикажана.
Образложението е дека Цеца е „естрадна уметничка со реноме и во регионот“, како и дека сите досега направени емисии – портрети на познати јавни и политички личности во Србија, од серијата емисии – „Јунаците на времето на злото“ – биле „црно прикажани“.
А, меѓу нив се и сегашниот спикер на Парламентот Ивица Дачиќ, како и контроверзниот министер за полиција (претходно за одбрана) Александар Вулин, или лидерот на Србите во БиХ Милорад Додик.
Продуцентот, меѓутоа, ја отфрли заканата на Цеца, објаснувајќи дека со самото тоа што го бараат таа и адвокатите, само се покажува за каков човек станува збор.
Вдовицата на Аркан
Според реакцијата на ЈСП, во Србија е создадена претставата дека фолк – пејачката е некаква „институција “, која се заштитува од медиумите со вештачкиот мит дека е некаква хероина, со ореолот на „вдовица на српски патриот“ – а, тој е Жељко Ражнатовиќ – Аркан, обвинет во Хаг и прогонуван (до убиството) за воени злосторства.
Во острата реакција на продуцентската куќа уште се вели дека таа од тогаш се прикажува како „мајка која одгледала деца на убиен татко, од што е (како што се вели) е создадена лажна слика за „мајката на нацијата“ и некаков „симбол на српството“.
Во презентирање на детали од животот на Цеца се вели дека таа има играно и пеено по сцените низ Србија додека „доброволците на паравоени единици“, под команда на Жељко Ражнатовиќ, извршуваа воени злосторства.
Другарка на Мафијата
Па, потоа дека им била „другарка на Легија, Дуче и Шиптар (сите се прекари на белградски мафиози од еден мрачен период на Белград) кои од неа барале и добиле алиби.
Тоа им требало за сведочењето, дека во време на убиството на Зоран Ѓинѓиќ, биле кај неа, во нејзината вила. Тројцата се смета дека беа дел од логистиката, при убиството на поранешниот српски премиер.
Се споменува и нејзината замешаност во фудбалски махинации и во препродавање фудбалери, за што беше кривично гонета и осудена на затворска казна.
Во Белград велат дека ова се вистинити податоци за нејзиното минато. За нив знае српската јавност, а би требало да знае и јавноста во регионот, каде таа се уште се јавува како „пејачка ѕвезда“. Но таа вистина, Цеца сака да биде сокриена и заборавена – ако може и со закани со тужба.