Сталин и Ленин пред Путин
Бројот на Русите кои сметаат дека Владимир Путин треба да е најистакната личност во светската историја (!?), драматично се намалува од 2017 година – покажува истражувањето на независниот руски центар „Левадија“.
Рускиот претседател за кого пред четири години така мислеа 34 отсто од анкетираните Руси, сега тој процент е намален на 15 отсто.
Исто така, Путин падна од второто место на оваа листа, на кое досега се наоѓаше, на петата позиција, што претставува негов најлош резултат, откако за прв пат се има појавено на една вакво рангирање во 2003 година.
Диктатор или херој
Според сегашното мислење на анкетираните, на првата позиција останува и натаму (сега уште поуверливо) поранешниот советски лидер и диктатор Јосиф Сталин.
Без разлика што токму тој е одговорен за бројните гулази (присилни работни логори – затвори), за сите кои неговата тајна служба (НКВД/КГБ) ги има уапсено како „народни непријатели“, сите осудени на наместено судење, како и за масовните чистки – егзекуции на „класниот непријател и на антидржавните елементи“, во најголем број невини лица.
Еден ваков Сталин е редовно на првото место на најистакнати личности во светската историја уште од 2012 година.
Владимир Илич Ленин, предводник на Болшевичката револуција од 1917 година, после која е создаден Советскиот Сојуз, сега е рангиран на второто место. По него следат големиот руски поет од 19 век Александар Пушкин и царот – реформист Петар Велики кој прв ја има отворено Русија кон Западот и кон светот.
„Истрошениот Путин“
Анилитичарите на „Левадија“ сметаат дека угледот и престижот на актуелниот руски претседател е урнат со крајно непопуларната одлука на владата во Москва, во пензија да се оди пет години подоцна, што беше воведено во 2018 година, како и поради значителниот пад на стандардот на луѓето и осиромашувањето на најниските слоеви од населението.
Експертите на истражувачкиот центар, исто така, посочуваат дека многу Руси сметаат дека Путин е веќе „истрошен после 21 години како е на власт – како премиер и претседател“.
Со последните уставни реформи, укината е одредбата за ограничување на мандатот за претседателот на Русија, па Путин ќе може одново да се кандидира и за следните претседателски избори и за тие по нив, што значи дека овој поранешен висок функционер на КГБ, ќе остане во Кремљ до 2036 година, кога ќе има 83 години.
Директорот на „Левадија“ изјавил за западни медиуми дека нивното истражување го отсликува расположението на јавноста, но тоа не е исклучиво, бидејќи Путин и натаму е популарен и е далеку пред сите сегашни руски политичари. Притоа, неспоредливо е подобро рангиран од било кој во редовите на (практично) непостоечката опозиција.
Половина не верува во претседателот
Едно друго истражување на „Левадија“ – на пример – открива дека дури 67 отсто од руските граѓани ја одобруваат неговата работа, како претседател, но во исто време, само половината од анкетираните признале дека му веруваат на Путин. И, конечно, во таа анкета, само еден од двајца гласачи мислат дека Русија се движи во вистинска насока.
Високата позиција на Сталин, веќе осум години по ред, пак, на некој начин е заслуга на самиот Путин. Тој го има трансформирано неговиот лик – од диктатор во херој од Втората светска јавност и тоа упорно се наметнува во јавноста, наспроти и официјално признаените злосторства врз сопствениот народ, се до неговата смрт во 1953 година.
Токму Путин верува дека Западот го користи Сталин за – „демонизирање на Русија“.
На листата на најистакнати Руси во светската историја, во првите 20 има само една жена – Катерина Велика, која е рангирана на 15 место. Според мислењето на Русите, има место само за тројца странци на нивната листа. Тоа се Алберт Ајнштајн, Наполеон Бонапарта и Адолф Хитлер.